Месечен извештај – април 2016

мај 20, 2016

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за април 2016 година ги опфаќа темите: Донесена прва пресуда со која се утврдува мобинг во Македонија; Помилување на политичари и нивни соработници од страна на Претседателот; Протести и приведувања; Бегалска криза.

ДОНЕСЕНА ПРВА ПРЕСУДА СО КОЈА СЕ УТВРДУВА МОБИНГ ВО МАКЕДОНИЈА

Хелсиншкиот комитет за човекови права континуирано ја набљудуваше судската постапка по  за мобинг која се водеше пред Основниот Суд Скопје II Скопје. Минатиот месец,  Основниот Суд Скопје II донесе пресуда со која беше утврдено психичко вознемирување на работно место, со што беше донесена првата пресуда за мобинг во Македонија.

Имено, Основниот Суд Скопје II донесе пресуда со која утврди психичко вознемирување од страна на тужените кое предизвикало душевна болка, страв, понижување и повреда на достоинството, интегритетот, честа и угледот на тужителот чија крајна цел било напуштање на работното место. Судот во пресудата наложува тужените да престанат со психичкото вознемирување на работното место на тужителот и да овозможат соодветно вреднување на неговата работа.

Имено и покрај тоа што во мај 2013 година е донесен посебниот Закон за заштита од вознемирување на работното место, согласно кој  е забранет кој било вид на вознемирување на работното место како и злоупотреба на правата на вознемирување на работно место (чл. 4),  досега не е донесена ниту една правосилна судска пресуда со која се докажува ваквото  вознемирување, односно ниту една позитивна пресуда со која се утврдува мобинг.

Согласно чл.5 ст. 1 од истиот закон, психичко вознемирување е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Согласно чл.6 ст.1 од истиот закон, вршител на вознемирување на работно место може да биде едно или повеќе лица со негативно однесување без оглед на нивното својство – работодавач во својство на физичко лице, одговорно лице кај работодавач – правно лице, вработен или група вработени кај работодавач или трето лице со кое вработениот или работодавачот доаѓа во контакт при извршувањето на работите на работното место.

Во конкретниот случај, Судот утврдил дека тужителот, бил подложен на мобинг во облик на психичко вознемирување на работното место од страна на две лица.

Мобингот врз тужителот бил извршуван на начин што на истиот не му биле обезбедени соодветни услови за работа; не му било овозможено уставно загарантираното право на користење на годишен одмор; бил ставен во изолација и не му биле давани работни задачи, односно работни налози; немал пристап до  електронскиот систем за информации и истиот не бил испраќан на професионални обуки, за разлика од другите вработени, со цел истиот да биде деградиран и понижен.

Препорака: Хелсиншкиот комитет ја поздравува одлуката на Граѓанскиот суд  и смета дека истата е од исклучителна важност како прва судска одлука од ваков вид.  Имајќи  предвид дека мобингот е честа  појава со сериозни последици, но истата многу ретко се пријавува, Хелсиншкиот  комитет смета дека оваа одлука е значаен чекор кон градење на судска пракса која ќе ги поттикне жртвите на вознемирување на работното место во иднина да ги пријавуваат ваквите случаи. Дополнително, за поздрав е и водењето на оваа судска постапка од страна на судечкиот совет, при чие следење набљудувачите од Хелсиншкиот комитет не констатираа никакви неправилности.

ПОМИЛУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧАРИ И НИВНИ СОРАБОТНИЦИ ОД СТРАНА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

На 12 април, Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов објави колективното помилување на 56 осомничени сторители на кривични дела, за кои се поднесени кривични пријави и поведени кривични постапки. Со ова дејствие Претседателот ги пречекори своите уставни и законски овластувања и со тоа стори кривично дело Злоупотреба на службена положба од член 353 од Кривичниот законик на РМ. Имено, ставот и одлуките за помилување Претседателот ги донел без законски основ со оглед на фактот што член 11 од Законот за помилување на кој тој се повикува, е укинат и не е составен дел на правниот поредок на Република Македонија. Уставниот суд на Република Македонија го укина Законот за измени и дополнување на Законот за помилување од 2009 што не може да го врати укинатиот член 11 од првичниот Законот за помилување кој на Претседателот му даваше ексклузивно право без претходно предвидената процедура во Министерството за правда, да помилува сторители на кривични дела.

Од друга страна, со овој акт, Претседателот очигледно ги пречекори своите овластувања, бидејќи под привидот на помилување кој што е акт предвиден за поединечни случаи како корекција на правдата во специфични и посебно оправдани случаи. Претседателот суштински и фактички за себе узурпираше овластување за една групна и колективна амнестија за голем број кривични дела со што упаднал во овластувањето кое што Уставот заради сериозноста го предвидува како ексклузивно право на Собранието на Република Македонија. Фактот дека се работи за амнестија, а не за помилување е поткрепен и со најавата дека Претседателот и натаму ќе помилува и други лица за кои што ќе биде евентуално покрената постапка од надлежните органи, како и од  групното образложение на одлуките за наводно „помилување“ кои се бараат во политичките прилики (судири) во државата.

Со тоа Претседателот се стави над правото, над парламентот и над политичкиот договор од Пржино, со што суштински ги укина овластувањата на Специјалното јавно обвинителство. Ова е веројатно единствен пример во историјата каде што во една демократска држава претседател помилувал масовно и организирано кршење на човековите права и слободи што вклучуваат случаи на повреда на уставното право на слобода на избори, повреда на приватноста, коруптивни и други злоупотреби на политичката елита, претходно нотирани во низа веродостојни и сериозни домашни и меѓународни извештаи на низа владини и невладини организации.  Ваквиот чин не е само чин на рушење на правната држава туку и сериозна повреда на меѓународните обврски за заштита на човековите права ратификувани од Република Македонија.

Државата има позитивна обврска да обезбеди непречено користење и заштита на човековите права предвидени во Европската конвенција и другите меѓународни договори за заштита на човековите права, како и јасни процедурални обврски за темелно и ефективно истражување на прекршувањата на човековите права, казнување на нивните сторители и превенирање на ваквите случаи во иднина. Со помилувањето на некои од кривичните дела опфатени со одлуките на Претседателот, во оваа смисла практично се повредени обврските од член 2 и 3 од Европската конвенција кои гарантираат право на живот и забраната на мачење, нехуман и деградирачки третман, како и масовно кршење на човековите права на приватност од членот 8 на Европската конвенција со оглед на тоа што и за овој член државата треба да обезбеди ефикасна контрола врз можните злоупотреби од незаконито преслушување. Истовремено, спречувајќи ги кривичните постапки.

Претседателот ги повреди правата на жртвите на овие злоупотреби со тоа што ги лиши ефективно правно средство, кое би обезбедило кривична, морална и материјална сатисфакција. Со ова е сторена повреда на членот 6 од ЕСЧП во смисла на оневозможување на ефикасен пристап до судот, како и повреда на членот 13 од ЕСЧП заради оневозможување на ефикасно правно средство за заштита на повредените права и слободи. Со наведените дејствија, Претседателот и Н.Н лице или лица кои му ги доставило податоците за отворените кривични постапки сториле кривично дело на повреда на тајноста на постапката од член 369 од Кривичниот законик, а во врска со членовите 289 и 299 од Законот за кривична постапка што предвидуваат тајност на кривичната постапка.

Препорака: Брзоплетоста и неоснованоста на поединечните одлуки станува очигледна особено во случаите каде се помилувани луѓе кои воопшто не се осомничени во кривични постапки, па така се помилувани лица кај кои само е извршен претрес во врска со други осомничени лица, како и помилување на лица за кои што постојат само кривични пријави но не е поведена кривична постапка, член 19 од ЗКП јасно определува дека кривичната постапка започнува со наредба за истрага или претходно преземено, конкретно истражно дејствие, што не е случај кај некои од помилуваните лица.

ПРОТЕСТИ И ПРИВЕДУВАЊА

Согласно информациите со кои располага Хелсиншкиот комитет, во врска со тековните протести, на 13.04.2016 година беа приведени 13 лица, од кои на 11 им беше изречена прекршочна санкција  за сторен прекршок од член 14 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, поради наводно постапување спротивно на наредбата на надлежен државен орган или на овластено службено лице на државен орган за забрана да се пристапува или задржува на определено место.  Две лица беа изведени пред судија на претходна постапка и им беше определен куќен притвор во траење од 8 дена. Сите 13 лица беа држени во полициска станица до 24 часа, иако лицата на кои им беше изречена прекршочна санкција поради сторен прекршок согласно член 50 став 3 од Законот за полицијата можеше да бидат задржани максимум 12 часа.

До Хелсиншкиот комитет се обратија дел од лицата што учествувале на протестите и не известија дека минатата седмица повеќе лица биле повикани на информативен разговор во полициска станица. За оваа група информирани сме единствено од едно лице дека е осомничен дека извршил кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ од член 385 ст.1 од КЗ, поради што му е определена мерка куќен притвор во времетраење од 8 дена.  За ова кривично дело предвидена е парична казна или затвор до 3 години, што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип не треба да биде определена мерката куќен притвор, односно посоодветно би било изрекување на поблаги мерки на претпазливост (на пр. обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице). На одлуката за определување на мерката куќен притвор ОЈО Скопје вложило жалба, која била одбиена од страна на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Би сакале да известиме дека на информативен разговор биле повикани повеќе лица кои учествувале на протестите. Хелсиншкиот комитет  обезбеди застапување од страна на адвокат на лицето Здравко Савевски, кој беше повикан на информативен разговор во полициска станица и е одведен во Основното јавно обвинителство Скопје.

Комитетот смета дека со повикувањето на лицата кои учествуваат на протестите се врши заплашување на лицата повикани на разговор, меѓутоа и на останатите кои учествуваат и ќе учествуваат на протестите. Би сакале да укажеме дека решенијата за куќен притвор, особено влијаат на ограничување на правото на протест, поради фактот што како причина за определување на оваа мерка е наведено дека притворените можат да го повторат кривичното дело со оглед дека има нови најавени протести.

Исто така, одлуките за притвор или куќен притвор како и за поведување на кривични постапки против овие лица може да се сметаат и како предупредување за останатите граѓани кои сакаат да земат учество во протестите кои се одржуваат во овој период. Овие дејствија се спротивни на член 21 од Уставот на РМ, со кој член се пропишува дека граѓаните имаат право да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола и користењето на ова право може да биде ограничено само во услови ни воена и вонредна состојба, што не е случај во оваа ситуација.  За споредба, Комитетот имаше набљудувачи за време на насилните протести пред Општина Центар, кои се одржаа во 2014 година, за кои против учесниците не беше покрената судска постапка, поради што сметаме дека постои селективна правда.

Препорака: Хелсиншкиот комитет бара судиите кои одлучуваат за определување и продолжување на мерките за обезбедување присуство да го земат предвид фактот дека се работи за полесно кривично дело за кое не треба да се изрекуваа мерката притвор или куќен притвор, како и фактот што во најголем дел се работи за  лица кои претходно немаат сторено кривично дело.

БЕГАЛСКА КРИЗА

На 10 април неколку стотици бегалци и мигранти кои во импровизираниот камп кај Идомени престојуваат повеќе од еден и пол месец, се обидоа организирано да ја пробијат граничната ограда и да влезат на македонска територија. Пред обидот, од страна на МВР беа известени дека влезот во Македонија не е дозволен бидејќи сите граници на Балканската рута се затворени. Групата беше предупредена да не употребува сила бидејќи во спротивно полициските службеници ќе бидат приморани да употребат безбедносни мерки. Набрзо по предупредувањето, дел од бегалците и мигрантите започнаа да фрлаат со камења и тврди предмети преку оградата кон полициските службеници. На ваквата реакција полицијата одговори со употреба на шок-бомби и солзавци, а според наводите и прикажаните чаури во Идомени од бегалците – и гумени куршуми, од македонска на грчка територија каде не се забележуваште присуство на грчката полиција. Помали групи составени од дваесетина бегалци и мигранти, на околу 300 метри од влезната капија на оградата успеа да навлезат на македонска територија, но набрзо беа фатени и вратени во Идомени.

Состојбата во привремените транзитни центри Табановце кај Куманово и Винојуг кај Гевгелија е сè уште загрижувачка. Имено, центрите беа предвидени единствено за транзит а повеќе од четири месеци се користат како центри за престој. Непостоењето на соодветна инфраструктура, медицинска заштита и рекреација, како и непостапувањето на властите согласно Стратегијата за интеграција на бегалци и странци во Република Македонија 2008-2015 година, сериозно ја влошува психо-физичката здравствена состојба на бегалците. Бегалците престојуваат со нерегулиран статус, а според нивно кажување не им се дозволува ниту да поднесат барање за признавање на статус на бегалец што е спротивно на Законот за азил и привремена заштита. По затворањето на Балканската рута во март 2016 година на македонска територија во камповите останаа околу 1,500 бегалци, а до крајот на април оваа бројка изнесуваше околу 750. Скоро секојдневно медиумите објавуваат инциденти поврзани со криумчарење на бегалци што нелегално влегле во државата. Дел од нив се сместуваат во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, а повеќето се депортираат во Грција.

Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира при преземањето на полициски овластувања и одржувањето на јавниот ред и мир, полициските службеници да ја обезбедат неопходната заштита и почитувањето на правата на бегалците и мигрантите и да не применуваат несразмерна сила или активности. При употребата на хемиски средства и други средства за присилба, полициските службеници да не дозволат загрозување на животот и здравјето и да го заштитат физичкиот и моралниот интегритет на бегалците и мигрантите. Крајно е време е властите да започнат со имплементирање на Стратегијата за интеграција на бегалци и нејзиниот акциски план.