Месечен извештај (април 2010)
мај 10, 2010
1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
1.1. Продолжува дискриминацијата на ромските деца
1.2. Дали во Македонија владеат законите или волјата на владејачите?
1.3. Каде заталка поднесената кривична пријава? – Случај Бродец
1.4. „Топло“/„студено“ со дозволите за посети на затворите за Хелсиншкиот Комитет
1.5. Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за градење
2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ
2.1. Правото на еднакви средства, правото на одбрана како и правото на правично судење – Случај Драган Даравелски
2.2. Повеќегодишно глуво тропање низ вратите на државните институции – Случај на Милан Велиновски, Скопје
2.3. Судење во разумен рок, позитивно искуство – Случај Бобан Тодоровски
_____________________________________________________________________
1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
1.1. Продолжува дискриминацијата на ромските деца
Хелсиншкиот Комитет неколку пати преку своите месечни извештаи информираше за континуираната дискриминација која се прави врз децата Роми. Како потврда е и забелешката во извештајот на Европската комисија против расна дискриминација ЕКРИ дека –„ Бројот на децата Роми кои одат на училиште сe уште е мал и стапката на напуштање на училиштето е висока. Сe уште се практикува сегрегација на учениците Роми. Продолжува практиката на испраќање деца Роми со тешкотии при учењето во специјални институции за лица со посебни потреби“.[1]
Оваа забелешка ја потврди и Народниот правобранител кој во февруари 2010 година посети неколку посебни основни училишта во Скопје, и тоа ПОУ „Д-р Златан Сремац” и „Иднина” кои имаат и подрачни паралелки во повеќе основни училишта во Скопје, ПОУ „Св. Климент Охридски” во Ново Село, како и државните средни училишта за образование и рехабилитација: „Св. Наум Охридски” во Скопје и „Искра” во Штип.
Од добиените податоци Народниот правобранител утврдил дека во споменатите посебни основни училишта во Република Македонија има вклучено деца со посебни потреби од повеќе заедници што живеат во Републиката, но особено е голем бројот на деца од ромската етничка заедница. При увидот исто така било утврдено дека децата од ромската заедница не секогаш го завршуваат основното образование и дека најчесто по завршување на четврто одделение се отпишуваат, а тоа се најчесто женските деца.
Во врска со категоризацијата на децата за упис во посебни училишта, во извештајот на Народниот правобранител е наведено дека имаат сознанија дека и Министерството за труд и социјална политика констатирало постоење на повеќе установи кои издаваат наоди и мислења за видот и степенот на попреченоста во развојот поради што и предложило на Владата на Република Македонија да се подготват промени во постоечкиот правилник за видот и степенот на попреченост и посебните потреби на лицата со пречки во развојот, односно да се утврдат четири регионални комисии кои ќе бидат овластени да издаваат наоди и мислења, како и дека Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Македонија се запознати со утврдената состојба.
Хелсиншкиот Комитет со загриженост повторно ги констатира истите проблеми и ги потсетува надлежните органи на Конвенцијата за правата на детето во која најстрого е забранета дискриминација без оглед на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, вероисповедта, политичкото или друго убедување, националното, етничкото или социјалното потекло, имотната состојба, онеспособеноста, потеклото или друг статус на детето.
Поради тоа, јавно се обраќаме до Министерството за труд и социјална политика и владата на Република Македонија со барање на одговор кои мерки се преземени од нивна страна по препораките со цел соодветна заштита на правата и интересите на децата во овие училишта, пред се имајќи го во предвид најдобриот интерес на секое дете поединечно!
1.2. Дали во Македонија владеат законите или волјата на владејачите?
Во текот на изминатиот месец премиерот на Владата на РМ одржa средба со градоначалниците од редот на владејачката партија на која тие му дадоа отчет за сработеното досега.
Градоначалниците пак од владејачката партија формирале Совет на градоначалници, покрај веќе постоечката организација на сите општини во ликот на ЗЕЛС. Со ваквиот Совет, градоначалниците на општините членки се обврзуваат на соработка само со општините чии градоначалници се членови на владејачката партија, очигледно заборавајќи дека тие се претставници на сите граѓани од нивните општини, а не само на оние кои гласале за нив.
Градоначалниците на 51 општина на премиерот му даваа отчет за сработеното во изминатата година, но и за проектите кои се во тек и допрва треба да се реализираат, без притоа никој да не се запраша од каде ја црпи премиерот таквата своја надлежност?! Дали од законите или од својата сопствена волја?!
Имено, функцијата градоначалник не се назначува од страна на премиерот туку се избира директно од граѓаните на демократски избори што пак подразбира дека истите се одговорни и имаат обврска за отчетност единствено пред граѓаните. Во однос пак на законитоста во работењето, единиците на локалната самоуправа одговараат пред управните органи законски формирани да вршат надзор.
Дури и барањето на премиерот за транспарентност во работата на општините е експлицитно регулирано во Законот за локална самоуправа, Закон за буџети и ред други закони според кои работат единиците на локалната самоуправа.
Напротив, ниеден правен акт во нашата држава не му овозможува на премиерот право градоначалниците да му се отчетуваат лично нему, што го наметнува заклучокот дека тој самиот е креатор на таквото право.
Сепак, потсетуваме дека Република Македонија е демократска држава во која треба да владее правото за сите и секаде а не волјата на владејачите, на сметка на сите останати.
Хелсиншкиот Комитет ја изразува својата загриженост за состојбата на супституирање на законите и наметнување на волунтаризам, со што се поткопува правната држава и се загрозуваат основните човекови права на граѓаните.
1.3. Каде заталка поднесената кривична пријава? – Случај Бродец
На 18 Март 2010 година претставници на Хелсиншкиот комитет остварија средба во Основното јавно обвинителство – Тетово за поднесената кривична пријава од страна на Хелсиншкиот комитет за случајот Бродец, третманот на притворени лица во полициската акција.[2]
Само за потсетување Хелсиншкиот комитет изготви извештај врз основа на мисија на утврдување на факти за полициската акција[3] и откако ги искористи сите други начини и средства да се расчисти случајот кој го смета за типичен пример за тортура ја поднесе кривичната пријава[4] уште во текот на 2008 година (30 јули 2008 година), откако претходно адвокати на Хелсиншкиот комитет добија полномоштва од страна на оштетените.
За жал, и по истекот на неколку години, Хелсиншкиот комитет не доби ниту одговор, ниту пак обвинителска одлука по истата па бевме приморани на лице место (ОЈО-Тетово) да се распрашаме што се случи со нашата кривична пријава.
На состанокот ни беше кажано дека таков документ немаат примено во нивната институција. Потоа следеше допис до ОЈО–Тетово, на кое ни одговорија дека за настаните случени во текот на 2007 година при т.н. случај Бродец од страна на ОЈО–Скопје до нивното обвинителство доставени биле списите по кривичниот предмет заради надлежно постапување по претставката на Народен правобранител на РМ. ОЈО-Тетово немајќи доволно основа да донесе одлука се обратил до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР на РМ – Скопје за дополнителни податоци. Секторот им доставил посебен извештај во кое меѓу другото било утврдено дека нема злоупотреба и пречекорување на овластувањата на поедини припадници на полициските сили, дека употребата на огнено оружје и физичка сила од страна на Полицијата била соодветна, сразмерна, основана и неопходна, како и на приведените лица им биле обезбедени сите права во полициската постапка. Ваква информација МВР достави и до Хелсиншкиот комитет само неколку дена по полициската акција и истата заради контрадикторностите содржани во неа беше посебно третирана во нашиот извештај.
ОЈО-Тетово не извести и за следни чекори преземени по повод настаните случени во текот на 2007 година, по поднесената претставка од страна на Народниот правобранител на РМ. Но, во одговорот од ОЈО-Тетово нема ни трага ни глас од нас поднесената кривична пријава, ниту било каков конкретен одговор за истата.
ОЈО-Тетово понатаму на дописот наведува дека се преземени сите дејствија за целосно расветлување на предметниот настан, по што следувало резолуција согласно член 42 став 3 од ЗКП вв со член 71 став 1 точка 5 од Правилникот за внатрешно работење на Јавното обвинителство. Во дописот се наведува и дека ОЈО дошло до заклучок, согласно член 35 став 4 од Законот за ЈО, дека употребата на огнено оружје и физичка сила од страна на Полицијата била соодветна, сразмерна, основана и неопходна, заради совладување на отпорот од криминалната банда која била добро вооружена со различен вид на огнено оружје и стационирана во селото, како и заради заштита на животите на локалното население.
Заради горенаведеното и не добивањето на одговор што се случи и каде залута поднесената кривична пријава, на 23 април 2010 година Хелсиншкиот комитет повторно ја поднесе истата до ОЈО-Тетово.
Хелсиншкиот комитет очекува да ОЈО-Тетово ќе постапи по истата, ќе преземе мерки и дејствија согласно позитивните законски норми како и дека подносителот на кривичната пријава ќе биде известен за исходот на истата, при што ќе му се даде правна можност и основа за преземање на натамошни чекори.
1.4. „Топло“/„студено“ со дозволите за посети на затворите за Хелсиншкиот Комитет
Во текот на месец февруари јавноста беше шокирана од обвиненијата кои беа изнесени за случаите на тортура, силувања и малтретирања на малолетници во рамките на Воспитно-поправниот Дом Тетово, како и случајот на лицето Јован Ѓорѓиев кој ненадејно беше пуштен од КПД Идризово наводно поради лошата психичка состојба и неможноста на казнено – поправниот дом да се грижи за истиот. Меѓу другото, до Хелсиншкиот комитет пристигна и писмена претставка од група осуденички кои изразија големо незадоволство од материјалните услови во женското одделение во КПД Идризово.
Хелсиншкиот Комитет за човекови права согласно својот мандат на делување веднаш реагираше до Управата за извршување на санкции и со две одделни писмени барања побара од истата да ни овозможи посета на Воспитно-поправниот Дом и женското одделение во КПД Идризово, во рамките на кои би ги испитале случаите и изнесените наводи, односно дали навистина станува збор за повреда на правата на штитениците на Домот и осуденичките во женското одделение.
Барање за дозвола за посета на Воспитно-поправниот Дом беше испратено до Управата на 2 март 2010 год, додека барањето за посета на КПД Идризово беше испратено на ден 18 март 2010 година. Земајќи ги во предвид тежината на обвинувањата кои беа изнесени, Хелсиншкиот Комитет во повеќе наврати оствари и телефонски разговори со вработените во Управата од кои бевме известени дека дозвола ќе добиеме односно дека истата е во фаза на подготовка и ќе биде доставена до Директорот на Управата на потпишување.
Следствено, беа пратени и Ургенции до Управата за извршување на санкции по однос на двете барања, меѓутоа досега истите не вродија со плод.
И покрај тоа што Директорката на Управата за извршување на санкции во јавноста говори за „одличната соработка“ со Хелсиншкиот Комитет и нивната отвореност за сите прашања од нивна надлежност, што рака на срце е делумно точно – бидејќи во други случаи дозволите се добиваа брзо и лесно, повеќе од очигледен е молкот од нивна страна и целосното игнорирање на нашите барања за овие случаи.
Вратите на Воспитно–поправниот Дом и КПД Идризово останаа ЗАТВОРЕНИ за претставниците на Хелсиншкиот Комитет за човекови права, и овој пат не беа земени во предвид ниту експлицитните одредби на Законот за извршување на санкции за обврската на Управата за извршување на санкции да соработува со државни органи, научни и други установи и здруженија и други правни лица во насока на подобрување на условите за извршување на санкциите.
Хелсиншкиот Комитет за човекови права е загрижен поради нееднаквиот третман на нашите барања, кој не само што не оди во прилог на заштита на правата на осудените лица, односно лицата кои издржуваат воспитна мерка, туку остава место за сомневања дека зад недозволените посети се крие нешто посериозно од она што до нас и јавноста пристигна како информација. Искрено се надеваме дека јавните излагања од страна на Директорката Управата за извршување на санкции за постојаната одлична соработка во иднина ќе бидат реалност без разлика на случаите за кои се бара дозвола за посета.
1.5. Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за градење
Собранието на Република Македонија, на седница одржана на 28 октомври 2009 година донесе Закон за градење, кој е објавен на Службен весник на Република Македонија бр. 130/2009 од истиот ден, а стапен во сила на ден 5 Ноември 2009 година.
Членот 138 ставовите 4, 5, 6, 7 и 8[5] од Законот за градење претставуваат директно прекршување на одредбите на Уставот на Република Македонија и Европската Конвенција за човековите права, ратификувана од страна на Република Македонија, и тоа на член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 6, член 30 од Уставот на Република Македонија и член 1 Протокол 1 од Европската конвенција за човекови права.
Поаѓајќи од домашното позитивно право[6] Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на горенаведениот член од Законот за градење и побара да Уставниот суд да донесе Решение за поведување на постапка за оценување на уставноста на погоре наведениот член од Законот, а по спроведената постапка да донесе Одлука за поништување на истиот член заради спротивност со член 8 и член 30 од Уставот на Република Македонија.
Како причини за оспорување Хелсиншкиот комитет се наслона на следното: Конфискацијата како поим е регулиран во Кривичниот законик член 97 став 1, 2 и 3, каде се предвидува дека “Имотната корист од ставот 1 ќе се конфискува со судска одлука со која е утврдено извршување на кривично дело под условите предвидени со овој законик.”
Од друга страна членот 30 од Уставот на Република Македонија го гарантира правото на сопственост. Уставот исто така предвидува дека сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, никому не можат да му бидат одземени или ограничени, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, и тоа само и исклучиво во случај на експропријација на сопственоста, а за спроведената експропријација се гарантира и праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Правото на сопственост е гарантирана и со член 1 Протокол 1 став 1 на Европската конвенција за човекови права, ратификувана од страна на Република Македонија, каде е наведено: “Секое физичко или правно лице има право на непречено уживање на својата сопственост. Никој нема да биде лишен од својата сопственост освен кога е тоа во јавен интерес и под услови определени со закон и општите принципи на меѓународното право.”
Хелсиншкиот Комитет очекува Иницијативата да биде усвоена од страна на Уставниот суд на Република Македонија, при што истиот во најкус можен рок да ги поништи оспорените одредби од Законот.
2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ
2.1. Правото на еднакви средства, правото на одбрана како и правото на правично судење – Случај Драган Даравелски
Основното јавно обвинителство – Скопје по спроведена истрага на ден 18.04.2005 година поднесол Обвинителен акт против Драган Даравелски од Куманово и лицето К. Д. исто така од Куманово за сторено едно кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување” согласно член 353 став 3 вв со став 1 вв со член 22 и член 45, а второобвинетиот и за една кривично дело “Фалсификување службена исправа” согласно член 361 став 1став 1 вв член 45 од КЗ.
Обвинението е поделено на два дела и тоа дејствија кои според ОЈО биле преземени во текот на 2001 година и дејствија преземени во текот на 2002 година. Имено обвинителството наведува дека обвинетите по претходен договор, без постоење на правен основ отстапиле возила на одредени друштво со ограничена одговорност, на ЈП за стопанисување со спортски објекти, како и на 24 општини низ државата, биле префрлени средства за исплата на физички лица кои не биле работно ангажирани за извршување на работи во ЦУ, со телеграми незаконски ги обврзал царинските испостави во РМ, средствата по разни основи наместо на Буџетот на РМ да ги исплатуваат на депозитна сметка на Царинската управа, за да откако обезбедил прилив на парични средства донел одлуки со кои се овластил себеси да доделува спонзорство и финансиска помош, пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања потпишале налози на штета на буџетот на РМ.
Г. Даравелски се товари како службено лице на Царинска управа и дека со дејствијата што ги презел, заедно со второобвинетот, по претходен договор, го оштетил буџетот на РМ.
Со Пресуда на Основен суд Скопје 1 – Скопје донесена и јавно објавена на ден 17.05.2007 година, првообвинетиот Даравелски е прогласен за виновен за сторено едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 3 вв со став 1 вв со член 22 и член 45. Истиот е осуден на казна затвор во траење од 7 години, при што му било изречена и мерка на безбедност Забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од 5 години. Со истата пресуда на обвинетите им се запленило и имотната корист во вкупен паричен износ од 103.575.167.00 денари.
Образложението на судот е дека првообвинетиот Даравелски и второобвинетот по претходен договор, како службени лица, искористувајќи ја својата службена положба и овластување и пречекорувајќи ги границите на овластувањето, вршејќи набавка на 75 моторни возило, без при тоа да постои одлука на Царинската управа за потребата за набавка на возила, без распишување на јавен тендер за набавка на возилата, без склучување на непосредни спогодби за количината, видот и цената на возилата и од ист добавувач без претходно да се обезбедат средства од Министерството за финансии при Владата на Република Македонија, со отстапување на 27 од набавените возила без Одлука на Владата на РМ, со префрлување на средства без претходно склучен договор на име на повеќе физички лица кои немале склучено договор за дело, а за наводно извршени повремени или привремени работи за потребите на ЦУ, а сето тоа на штета на Буџетот на РМ прибавиле во 2001 и 2002 година значителна имотна корист од вкупен износ од 103.575.167.00 денари.
Останувајќи незадоволни од донесената пресуда од страна на обвинетите[7] се вложени жалби, но со пресуда на второстепениот апелационен суд истите се одбиени како неосновани, а првостепената пресуда е потврдена. Од страна на обвинетиот вложен е вонреден правен лек – Вонредно преиспитување на правосилна судска одлука, по кој, иако поднесен од 2008 година, Врховниот суд на Република Македонија се уште се нема произнесено.
Хелсиншкиот комитет откако ги доби потребните документи увиде дека на г. Даравелски не му било почитувано правото на фер постапка и правично судење, а притоа имајќи ја во предвид практичната примена и толкувањето на член 6 од Европската конвенција за човекови права. За жал, првостепениот судски орган направил огромни повреди во текот на постапката, и тоа:
– не оневозможување на правото на одбрана уште во текот на истражната постапка, на ополномоштените бранители (член 63 став 3[8] од ЗКП) не им било дозволено присуство на распит на второобвинетот во текот на истрагата со образложение дека обвинетиот е во бегство, и истиот не е присутен да ја изрази својата вола за тоа кого ангажира за бранител или дали ќе ги ангажира
– не дозволување на првообвинетиот да даде одбрана, односно да биде сослушан во истражна постапка, иако истиот го известил судот дека поради здравствени причини се наоѓа на лекување во странство и поради природата на болеста не е во можност да се јави во судот и да даде одбрана, но штом се подобри истата ќе се јавел во судот, иако истиот до судот доставил известување со кое судијата го известил за адресата на живеење во Србија, чиј државјанин е и каде легално престојувал од 2002 година, што значи дека првообвинетиот не се наоѓал во бегство и дека првообвинетиот е достапен во истата адреса, но сите овие обиди судот ги игнорирал
– водење на обвинетиот како недостапен, иако истиот на неколку наврати уредно со поднесоци го известил судот за достапноста и неговата адреса ан живеење
– не овозможување и не дозволување на бранителите да извршат увид во списите на предметот со кое нешто е ускратено правото на бранителите да си ја извршат својата обврска, нивните поднесоци истражниот судија не ги земал предвид (спротивно на член 69[9] од ЗКП, Сл. весник број 15/97)
– продолжување на мерката притвор со решение од 13.01.2006 година (мерка која претходно само еднаш е определена со решение од 29.05.2003 година), не продолжена дури и по подигнат обвинител акт од 18.04.2005 година, на предлог на ОЈО – Скопје, после цели 2 години и 7 месеци од првото определување и 9 месеци од подигнување на актот, значи по истекот на законскиот рок од 30 дена (спротивно на член 189 став 3[10] и член 257 од ЗКП)
– судот не му доставил обвинителен акт на обвинетиот (иако истиот на неколку наврати го има известено судот за неговата точна адреса во Р. Србија), по што започнал главен претрес, односно пред стапување на правна сила на обвинителниот акт, започната е и водена е судската постапка
– судење на првообвинетиот во отсуство, со образложение опасност од застареност на делото (спротивно на член 107 став 1 алинеја 3[11] од КЗ – застареност на овој вид кривични дела настапува за 10 години од извршувањето на делото)
– се утврдува одговорност, во смисла како се потрошени средствата и од кои сметки, но не дава одговор кој е оштетен, со која сума и во која висина, односно во чија полза е нанесена штета
кои повреди второстепениот судски орган само ги потврдил без притоа да ги има во предвид правото на еднакви средства, правата на одбраната како и правото на правично судење кои се едни од основните принципи и начела на член 6 став 1 од Конвенцијата.
Хелсиншкиот комитет очекува да Европскиот суд за човекови права ја увиде повредата, истата ја констатира а обвинетиот ќе има можност постапката да ја повтори пред домашните судски органи повторно.
Хелсиншкиот комитет воедно укажува дека и чекање од повеќе од две години, да Врховниот суд на Република Македонија одлучи по вонредниот правен лек исто така значи повреда на правото на правично судење и судење во неразумен рок, заради кое нешто ја советува странката да поднесе Барање за судење во разумен рок до истиот суд.
2.2. Повеќегодишно глуво тропање низ вратите на државните институции – Случај на Милан Велиновски, Скопје
Хелсиншкиот комитет од страна на г. Милан Велиновски од Скопје беше известен дека на 5 ноември 2004 година има поднесено пријава до Министерство за внатрешни работи, на име на тогашниот министер г. Силјан Аврамовски против лицето С. С. од Битола, вработен во МВР на РМ, во Собрание на РМ, во обезбедување на претседателот на РМ. Иста таква пријава има поднесено и до г. Љубомир Михајловски – министер за внатрешни работи (поднесена на 1 Јуни 2005 година) и лично до г-ѓа Гордана Јанкуловска и тоа на 24 Април 2007 година.
Преку доставената пријава МВР била известена дека лицето С. С. го измамил (му зел пари, кои пари после не му ги вратил) заради што поднел и пријава првин до ПС Ѓорче Петров, кои го упатиле да се обрати до полициска станица Центар со образложение дека настанот се случува во подрачјето на Центар. Од таму бил упатен да се обрати лично до министерот со образложение дека се работи за нивен колега односно припадник на МВР, а министерството било надлежно да постапува по таков тип на пријави.
Во претставката странката наведува дека иако пријавата ја поднел уште во текот на 2004 година (до г. Аврамовски), во текот на 2005 година (до г. Михалјовски) и во текот на 2007 година (до г-ѓа Јанкуловска), но до 2009/2010 година од нивна страна нема добиено повратна информација кои дејствија се преземени, односно дали е поднесена кривична пријава против лицето С. С. до ОЈО – Скопје.
Хелсиншкиот комитет, по разгледувањето на доставените документи, се обрати со писмен допис до полициската станица Центар со барање да биде известени за преземените мерки и дејствија од нивна страна, а поврзано со пријавуваниот настан. По телефонски разговор од нивна страна бевме известени дека кај нив нема пријава против лицето С. С., па не упатија да се обратиме до Министерството за внатрешни работи.
Со писмен допис се обративме до Министерството за внатрешни работи – Скопје и побаравме да бидеме известени за случајот. Од страна на Секторот беше побарано да им се достават дополнителни податоци како и пријавата која странката ја поднел уште во текот на 2007 година. Со препратен допис Секторот беше детално известен за случајот, по што на ден 12 Април 2010 година добиен е одговор од нивна страна дека поднесената пријава од страна на странката пак од нив е препратена до СВР – Битола за нивно запознавање и натамошно постапување.
Странката е упатена да се обрати до СВР – Битола и да се распраша за преземените мерки и дејствија од нивната страна за расчистување на случајот.
Хелсиншкиот комитет остана вчудоневиден од добиениот долго баран одговор, но се уште остана отворено прашањето, зошто г. Велиновски за овој временски период од 2004 година не добил никаков повратен одговор, за мерките и чекорите преземени од страна на МВР или СВР – Битола. Сеедно кој орган ќе постапел, битно е да се постапи, а странката да биде известена. Или пак, тука се работи за нешто подлабоко. Останува да прејудицираме дека целата работа намерно е прикриено, бидејќи се работи за пријава против колега полицаец!
Иако случајот регуларно е пријавен навреме во државните надлежни институции, г. Велиновски бил поучен да оди од една институција во друга, без ефикасност, а сега кога се поминати дури 6 години, г. Велиновски не знае што е преземено, ниту пак што и кои правни лекови може да ги преземе, кога сите можни рокови за било какво правно преземање на чекори е застарено. Ова му доаѓа како народната “Имаш право, но не ти го давам”, бидејќи пристапот до истото ти е попречен, (во конкретниот случај) токму од државниот орган кој треба да те заштити?
2.3. Судење во разумен рок, позитивно искуство – Случај Бобан Тодоровски
Хелсиншкиот комитет од страна на г. Тодоровски беше известен дека на 5 април 1996 година има поднесено барање за признавање на својство на мирновременски воен инвалид до Министерството за труд и социјална политика – Републичка управа за прашања на борците и воените инвалиди – Скопје. На 14 јуни 1996 година првостепениот орган донел Решение со кое барањето било одбиено како неосновано со образложение дека кај странката било констатирано заболување, но Комисијата сметала дека нема основ за одредување на воен инвалидитет односно дека странката нема воен инвалидитет. При што укажуваат дека не бил исполнет условот од член 10 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци според кој оштетувањето на организмот треба да изнесува најмалку 60%.
Странката вложила жалба, а второстепениот орган[12] со Решение ја одбила како неоснована. Странката повела Тужба за управен спор пред Врховниот суд на Република Македонија, кој на седница истата ја уважил, оспореното решение го поништил и дал конкретни упатства да се преземаат од страна на државниот второстепен орган.
Од овој момент на неколку наврати странката поднесува жалби на донесените решенија од страна на второстепениот орган[13], а Врховниот суд на Република Македонија истите со пресуди[14] ги поништил и предметот го враќал на повторно разгледување и одлучување, со исто образложение и упатство дека треба да се направи по комплетна анализа за лекувањата и датумот од кога истите траат.
Останувајќи незадоволен од второстепеното Решение бр. 12-609/2 од 29 септември 2006 година донесено од страна на министерството, вложил Тужба за управен спор до Управниот суд на Република Македонија, кој на седница одржана на 2 Јуни 2009 година со Пресуда У. бр. 2235/2007 сега вложената тужба го одбило како неосновано со образложение дека не се исполнети законските услови за признавање на својство на мирновременски воен инвалидитет, односно дека не бил запазен рокот за поднесување на барањето од страна на странката.
Хелсиншкиот комитет откако ги доби и разгледа потребните документи заклучи Врховниот суд на РМ веќе пет пати одлучувал по правната работа покрената од страна на странката, при што четири пати уважил, решенијата ги поништил, а предметот го враќал на повторно разгледување и одлучување. Управниот суд на Република Македонија одлучувајќи по петти пат, не земајќи ги предвид наводите и упатствата дадени од во текот на претходната постапка која е водена пред Врховниот суд на РМ а и согласно потполно истите докази и факти одлучил на штета на странката, односно тужбата ја одбил како неоснована. Ако тужбата била неоснована, истата Врховниот суд на РМ можел уште при првото разгледување и постапување да го одбие со што странката немала да трпи штета, а воедно постапката немало да трае цели 13 години, кое нешто довело до беспредметно долго траење на постапката.
Г. Тодоровски беше упатен да поднесе Барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховен суд на РМ согласно член 36 од Законот за судовите и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, при што и му беше помогнато при составувањето на истото барање. Воедно му беше помогнато и при пополнувањето на Апликацијата за повреда на член 6 став 1 поврзано со член 13 од Европската конвенција за човекови права поднесена пред Европскиот суд за човекови права, за долго траење на постапката.
На ден 19 Април 2010 година г. Тодоровски не извести Врховниот суд на Република Македонија донел Решение со кое барањето му е усвоено, утврдено е повреда на правото на судење во разумен рок при што и му е досудено и правичен надоместок како подносител на барањето.
Хелсиншкиот комитет го поздравува донесеното Решение и го охрабрува Врховниот суд на Република Македонија да и понатаму позитивно одлучи при ваквите експлицитни случаи на повреда на судења во разумен рок.
——————————————————————————–
[1] https://www.sobranie.mk
[2] Во текот на утрото на 7 Ноември 2007 година од страна на Министерството за внатрешни работи беше изведена полициската акција наречена “Планинска бура”. Во акцијата беа убиени шест лица, а по спроведување на истата беа приведени/лишени од слобода тринаесет лица. Според податоците од роднините, лицата биле лишени од слобода околу 15 часот, а според официјалната Информација на МВР, по приведувањето лишените лица биле однесени во полициската станица “Гази Баба”, околу 18 часот. Во 18:30 часот била викната Брза помош да им се направи медицински преглед, а пет лица биле однесени во Ургентниот центар заради укажување на соодветна медицинска помош бидејќи имале повреди од таков карактер, чие лекување не може да се врши амбулантно. Сите лица кои биле амбулантно лекувани во Ургентниот Центар имаат доказ за здобиените телесни повреди. Во деновите потоа се појавија најнапред фотографии, потоа и видео клипови снимени со мобилен телефон на дел од приведените од кои повеќе од очигледна е примената на сила – јасно видливи беа телесни повреди по главата до таа мерка што тешко можеше да се утврди идентитетот на приведените.
[3] https://www.mhc.org.mk/default-mk.asp?ItemID=E39D1C7DCF6988449832BA16DAC1D8BC&arc=1
[4] Кривична пријава за “Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување” и “Малтретирање во вршење на службата” за припадници на полицијата во акцијата “Планинска бура”
[5] Член 138 ставовите 4, 5, 6, 7 и 8 од Законот за градење:
4) Со запишување на заложното право и изрекувањето на пеналите се одлага спроведувањето на присилно извршување на решението во рок не подолг од три години од денот на донесувањето на решението.
5) Доколку обврзникот не ја исполни обврската за отстранување или усогласување на градбата со одобрението за градење во рокот определен во решението и/или не плати пенали три месеца едноподруго, надлежниот орган ќе пристапи кон присилно извршување со стекнување на сопственост на земјиштето и на објектот – делот кој е изграден со одобрението за градење, доколку таков е затекнат на начин и постапка согласно со овој закон.
6) Преносот на правото на сопственост на заложното земјиште и објектот – делот кој е изграден со одобрението за градење се врши со упис на промената во јавните книги врз основа на посебен заклучок за извршување на надлежниот инспектор. Заклучокот за извршување претставува и основ за промена на инвеститорот во одобрението за градење и одобрението за употреба во однос на делот од објектот кој е изграден со одобрението за градење, а е затекнат при извршувањето.
7) Против заклучокот од ставот 6 на овој член е дозволена посебна жалба која не го одлага присилното извршување.
8) Доколку обврзникот ја исполни обврската за отстранување утврдена со решението и ги плати пеналите, престанува заложното право и надлежниот инспектор донесува заклучок кој преставува основ за бришење на заложното право во Јавната книга на недвижностите.
[6] член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија
[7] Вложени од одбрана на обвинетите, од роднините на обвинетиот
[8] (3) Бранител на обвинетиот можат да му обезбедат и неговиот законски застапник, брачниот односно вонбрачниот другар, роднина по крв во права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител.
[9] Кога е доставено барање од овластениот тужител за покренување на кривична постапка, како и кога истражниот судија пред донесување на решение за спроведување на истрага ќе изврши потребни истражни дејствија, бранителот има право да ги разгледа списите и другите прибавени предмети што служат како доказ.
[10] (3) Притворот може по одлука на советот (член 22 став 6) да се продолжи најмногу за 60 дена. Против решението на советот е дозволена жалба која не го задржува извршувањето на решението.
[11] Застареност на кривичното гонење – Член 107
(1) Ако во овој законик не е определено поинаку, кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат:
3) десет години од извршувањето на кривично дело за кое според законот може да се изрече затвор над пет години,
[12] Министерството за труд и социјална политика жалбата
[13] Решение бр. 12-961/3 од 27.10.1998 година; Решение бр. 12-847/2 од 17.11.2000 година и Решение бр. 12-546/6 од 01.07.2003 година
[14] Пресуда У. бр. 3100/98 од 10.05.2000 година; Пресуда У. бр. 2199/2000 од 11.12.2002 година и Пресуда У. бр. 2110/03 од 16.03.2006 година.