Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – јануари 2021
февруари 11, 2021
СОДРЖИНА
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Регрес за годишен одмор (К-15)
Недела, ден за неделен одмор
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Собранието ги избра членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Народниот правобранител утврди дискриминација – „МВР нема капацитет да ја воочи состојбата во која ги доведува жените како мајки”
ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ
Тортура и нехумано постапување во КПУ Затвор Битола
ГОВОР НА ОМРАЗА
Годината започна со висок интензитет на говор на омраза на социјалните медиум
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Регрес за годишен одмор (К-15)
Работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата под услов да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Ова значи дека на сите лица, кои засновале работен однос заклучно со први јули или пред тоа, треба да им бидат исплатени најмалку 11.159 денари по основ регрес за годишен одмор (К-15) за 2020 година.
Работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско –финансиската состојба на работодавачот, можат да исплатат износ под загарантираниот минимум од 40 отсто, согласно Спогодбата за изменување и дополнување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Сепак, правната недореченост во насока на непостоење на јасни критериуми за утврдување објективни потешкотии при работењето и соодветна проценка на големината на проблемите, предизвикува правна несигурност кај работниците. Истовремено, го оневозможува Државниот инспекторат за труд да утврди прекршувања на работничките права од колективен договор, заради недостаток на прецизни критериуми и постапки за утврдување на потешкотиите во работењето на работодавачот.
Таквата ситуација овозможува за работодавачот да е доволно едноставно да приложи завршна сметка во која ќе покаже помал профит во календарската година, во споредба со претходната, за да докаже дека имал потешкотии во работењето и да исплати помал регрес за годишен одмор од предвидениот минимум од 40 отсто од основицата. Во вакви услови, работодавачите имаа отворена врата за злоупотреба на кризата која настана од пандемијата со коронавирусот. Па така, трендот на неисплата или исплата на регрес за годишен одмор (К-15) во многу мал и незначителен износ продолжи и оваа година. Работодавачите се повикуваа на намален обем на работа поради кризата, како поткрепа за исплаќање К-15 во помал износ од минималниот. Во неколку од случаите што ги евидентиравме, на работниците им е исплатен К-15 во износ од само 500 денари. Овие и слични прекршувања, како на пример неисплаќање на регресот, се пријавени во Државниот инспекторат за труд, но оттаму сè уште чекаме одговор.
Недела, ден за неделен одмор
Меѓународната организација на трудот (МОТ) го дефинира концептот на „достоинствена работа“ и подразбира промовирање можности за жените и мажите да работат достоинствена и продуктивна работа, во слободни услови, согласно принципите на правичност, безбедност и почитување на човековото достоинство. Оваа визија е водилка на сите напори на МОТ за остварување на четири стратешки цели:
- унапредување на основните принципи и работнички права;
- унапредување на вработувањето;
- зајакнување на социјалната заштита и
- проширување на социјалниот дијалог.
Дел од концептот на достоинствена работа е неделниот одмор за сите работници. Овој аспект на работењето МОТ поконкретно го уредува со Конвенцијата број 14 за неделен одмор (во индустријата)[1] од 1921 година и Конвенцијата број 106 за неделен одмор (во трговијата и канцелариското работење) од 1957 година.[2] Овие конвенции предвидуваат дека секој работник има право на неделен одмор во времетраење од 24 часа непрекинато. МОТ утврдува дека секаде каде што е тоа можно, денот на неделен одмор треба да биде утврден согласно обичаите и традициите на државата. Во државите-членки на Европската унија (ЕУ), Директивата 88/2003[3] за работното време му гарантира на работникот право на 24 часовен одмор секоја седмица, по правило во недела, како и дополнителни 11 часа одмор секој работен ден, помеѓу работните смени. Иако националните законодавства предвидуваат само еден ден неделен одмор, колективните договори и обичајното право во државите-членки на ЕУ поставуваат стандарди на работна недела од пет дена.
Извор: ILO (2016), Rest periods: definitions and dimensions
Овие меѓународни трендови во трудовата област неизбежно ја наметнуваат потребата од определување на денот недела како ден на неделен одмор за сите. Исклучок е предвиден кај работодавачи во дејностите каде работниот процес не дозволува да се направи прекин на работниот процес. Тргнувајќи од идејата за рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот како неопходен елемент во животот на работникот, Министерството за труд и социјална политика и претставниците на релевантните чинители,[1] изготвија Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за работните односи, кој е сè уште во работна верзија. Целта на Предлог-законот е да создаде законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор во недела, а со тоа да се елиминираат можните злоупотреби во однос на обезбедување на користењето на ова право.
Предлог-законот изречно наведува дека недела е неработен ден и е ден на неделен одмор. Понатаму, утврдени се исклучоците од ова правило, односно таму каде работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата и тоа во дејностите кои вклучуваат:
- Одгледување на животни;
- Мешовито фармерство;
- Печатење и издавање на весници;
- Производство на метали;
- Трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници;
- Аптеки;
- Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација;
- Снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината;
- Копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт;
- Складирање и помошни дејности во превозот;
- Објекти за сместување;
- Дејности за подготовка на оброци и служење на храна;
- Филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма;
- Емитување на програма;
- Телекомуникации;
- Информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и сл.);
- Прикажување на филмови;
- Фотографски дејности;
- Ветеринарни дејности;
- Изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила;
- Дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи;
- Дејности на повикувачки центри;
- Работи на одбраната;
- Судски и правосудни дејности;
- Работи на јавниот ред и безбедноста;
- Дејности на пожарникарската служба;
- Дејности за здравствена заштита;
- Дејности на социјалната заштита со сместување;
- Креативни, уметнички и забавни дејности;
- Дејности на музеите;
- Дејности на зоолошки градини и природни резервати;
- Спортски, забавни и рекреативни дејности;
- Погребни и слични дејности и
- Трговски објекти со продажен простор до 200 метри квадратни на бензиски пумпи, гранични премини, аеродроми, железнички и автобуски станици и болници.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Собранието ги избра членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Со 61 глас „за“, без против и без воздржани, Собранието на РСМ на 25 јануари 2021 година ја усвои одлуката за избор на седумте члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. З Изборот на членовите се спроведе според новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој мораше два пати да се усвојува откако првичниот закон беше укинат од Уставниот суд, бидејќи во 2019 година не бил донесен со потребното мнозинство. Во меѓувреме ова тело не беше функционално од средината на 2019 година кога истече мандатот на претходната комисија. Со новиот Закон се зајакнува и капацитетот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а таа има проширени надлежности и во насока на превенција на дискриминацијата во нашето општество.
Народниот правобранител утврди потежок вид на продолжена дискриминација од страна на Министерството за внатрешни работи врз полициска службеничка по основ на пол и род
Хелсиншкиот комитет за човекови права во септември 2020 година поднесе претставка до Народниот правобранител поради дискриминација врз основа на пол и род врз полициска службеничка вработена во Единицијата за специјални задачи во Министерството за внатрешни работи. Имено, полициската службеничка, вработена во Министерството во 2013 година, се соочува со дискриминација на работното место поради неможност да напредува во кариерата ниту професионално и стручно да се обучува во работата.
Полициската службеничка, за време на нејзиното породилно отсуство, била со усна наредба распределена да работи канцелариска работа. По завршување на отсуството таа намерно била оставена да продолжи со работа во канцеларија како административен службеник, без да се води сметка за нејзиното барање да биде вратена во Единицата за специјални задачи, да продолжи со градење на нејзината кариера и да присуствува на предвидените тренинзи и обуки. Образложението на Министерството за внатрешни работи е дека тоа било сторено за нејзина заштита како жена и мајка.
Понатаму, Министерството во својот одговор го известиле Народниот правобранител дека полициската службеничка, од 18 јуни 2016 година до 13 април 2017 година и од 12 ноември 2018 година до 08 август 2019 година, користела породилно отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство и во тој период таа не можела да биде унапредена. Меѓудругото, таа во временскиот период од 16 март 2020 година до 26 март 2020 година и од 04 август 2020 година па се до средината на септември ги користела мерките предвидени со одлука на Владата за заштита и превенција од Ковид -19 како мајка на деца до 10 годишна возраст. Со други зборови, таа за време на целокупниот нејзин работен стаж во Министерството не била во можност во целост да ги развие и унапреди своите професионални квалитети и работни способности.
Поради овие околности, службеничката до командирот поднела две барања за заштита од вознемирување на работно место, едното на 26 август 2020 година, а другото на 10 септември 2020 година. На ниту едно од барањата на службеничката не и било одговорено, а образложението на Министерството е дека со оглед на тоа дека на работничката не и било одговорено во законскиот рок од осум дена, таа доколку сакала можела да поведе судска постапка за заштита од вознемирување на работно место.
Во меѓувреме, полициската службеничка во септември 2020 година добила ново решение со кое се прераспределува на уште пониско работно место – полицаец во Одделението за обезбедување на објекти од посебно значење. На овој начин таа била повторно деградирана бидејќи и бил одземен додаток од плата. Министерството не дава никакво образложение зашто ја прераспределиле службеничката, односно тие наведуваат дека тоа било по потреба на Министерството. Оттаму, наводите дека таа била деградирана и дискримирана со распоредувањето ги сметаат за неосновани, од причина што станувало збор за поединечен акт, за што службеничката водела судска постапка во моментот.
Констатацијата на Народниот правобранител е дека од Министерството сами потврдуваат дека жените за време на породилното отсуство не можат да бидат унапредени бидејќи не присуствувале на тренинзи и обуки кои се задолжителни за полициските службеници. Ваквото системско решение, упатува жените да бидат соочени со мирување во нивната служба во Министерството доколку се решат да станат мајки и да забременат, со што нивната положба е многу понеповолна од положбата на мажите.
Понатаму, Правобранителот смета дека од Министерството воопшто не сметаат дека со новото прераспределување ја деградираат и дискриминираат службеничката. Наместо тие да ја поправат состојбата, тие ја распределиле службеничката на работно место кое можеби одговара со степенот и категоријата на нивото на нејзиното досегашно знаење, меѓутоа не е во корелација со досега извршуваните работни обврски на службеничката што е спротивно на Законот за внатрешни работи, каде што се предвидува дека прераспределувањето треба да биде на исто ниво и категорија, но на сродни работи.
Народниот правобранител утврдува дека во конкретниот случај работодавачот нема капацитет да ја воочи состојбата во која ги доведува жените како мајки, со што ги поставува на едно пониско ниво од мажите, односно ги оневоможува да напредуваат во кариерата подеднакво како мажите. Правобранителот утврдува дека работодавачот на овој начин сторил потежок вид на продолжена дискриминација по основ на пол и род, која трае и денес, и покрај упатените препораки од негова страна до Министерството за внатрешни работи со цел да бидат отстранети сите неправилности и недостатоци.
Хелсиншкиот комитет ја поздравува одлуката на Народниот правобранител и апелира до Министерството за внатрешни работи во најкраток можен рок да постапки по дадените препораки од страна на Правобранителот и да ја прекине долгогодишната пракса на дискриминаторски однос спрема полициските службенички вработени во рамки на Министерството.
ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ
Тортура и нехумано постапување во КПУ Затвор Битола
Осудено лице кое издржува казна затвор во КПУ Затвор Битола се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права поради претрпена тортура и нечовечко постапување од страна на командир, вработен во казнено-поправната установа. Имено, лицето наведе дека откако ја побарало својата медицинска терапија, командирот без претходна причина започнал да го тепа лицето на начин што со неколку удари со рацете по неговото тело му нанел видливи телесни повреди во пределот на лицето и на ребрата. Настанот го посведочиле неколку други осуденици во затворот кои повикале итна медицинска помош и направиле фотографии од повредите на осуденото лице. Медицинските лица му инјектирале инјекција на осуденото лице поради болките предизвикани од физичкиот напад.
По настанот, по барање на припадник на затворската полиција е поведена постапка за дисциплинско санкционирање на осуденото лице кое било физички нападнато од страна на командирот. Со Решение донесено од страна на управата на казнено-поправната установа на осуденото лице му се изрекува дисциплинска казна – самица во траење од 5 дена поради наводно одбивање да прими медицинска терапија и недозволиво повикување на Итна медицинска помош од други осудени лица со тоа што тој сторил полесна повреда во установата. Како резултат на наводно сторената полесна повреда во установата, од страна на управата на затворот е донесено и Решение за негово регресирање од отворено одделение група А во полуотворено одделение група Б.
За проверка на овие наводи и целосно истражување на овој настан, Хелсиншкиот комитет за човекови права заедно со Македонското здружение на млади правници до Управата за извршување на санкции поднесе барање за спроведување на вонреден надзор. Од Управата беше побарано да бидат преземени сите неопходно мерки и дејствија како прибавување на видео снимките од затворот, лекарската потврда издадена од Итната медицинска помош како и да биде обавен разговор со оштетеното лице и сведоците на настанот, а со цел правилно утврдување на фактичката состојба и евентуално покренување на постапка пред Основното јавно обвинителство за гонење и истражување на кривични дела сторени од страна на лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција против командирот, со цел утврдување негова одговорност и негово санкционирање.
ГОВОР НА ОМРАЗА
Годината започна со висок интензитет на говор на омраза на социјалните медиуми
Хелсиншкиот комитет за човекови права во јануари 2021 година, слично како и за целата 2020 година, нотираше висок број случаи со говор на омраза на социјалните медиуми. Говорот на омраза врз основ на етничка припадност повторно беше на врвот на пријавите, односно 39% од сите случаи регистрирани за тековниот месец се по етнички основ. Истовремено, пријавите врз основ на политичка припадност забележаа раст, односно 34% од вкупниот број на пријави.
Комитетот верификуваше вкупно 101 пријави за јануари 2021 година, што претставува зголемување за 67% во споредба со истиот месец 2020 година. Најголем број од случаите во октомври се однесуваа повторно на пријави поврзани со говор на омраза врз основ на етничка припадност што беше во постојан пораст од почетокот на глобалната пандемија. Негативната реторика овој месец повторно ескалираше на социјалните медиуми што придонесе кон високиот број на пријави токму преку овие канали.
Исто така, внатрешните политички случувања доведоа до продлабочување на негативната реторика која често пати се заснова врз дезинформации и лажни вести, без проверка на фактите за водење на понатамошна дискусија. Може да се констатира дека честопати кога нема доволно информации од надлежните институции за одредена одлука или предлог се случува ескалирање на дискусијата на социјалните медиуми.
Врз основ на воспоставениот мониторинг на социјалните медиуми, Хелсиншкиот комитет забележа дека зголемувањето на говорот на омраза во текот на месецот се должи на тековните политички случувања во државата. Така на пример, најголемиот број на пријави врз основ на етничка и политика припадност се должи на јавниот дискурс поврзан со организирањето на пописот на населението закажан за април 2021 година и изјавите на првиот потпретседател на Владата околу планот за распределување на вработените согласно Охридскиот рамковен договор. кои и после 10 години, се’ уште не извршуваат активна работа.
Протестот одржан на 29.01.2021 година за случајот Монструм, кој започна во општина Чаир резултираше со скандирања, неколкучасовна блокада на скопските улици, скршени прозорци, навреди и барања за разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи. Покрај тоа, беше причинета и материјална штета на објектот на Министерството за надворешни работи од страна на учесниците на протестот. Во говорот што го одбележа овој протест, Хелсиншкиот комитет увиде елементи на говор на омраза, особено во скандирањето кое поттикнува и предизвикува омраза и раздор по однос на национална/етничка припадност, согласно член 319 од Кривичниот Законик. Од упатените пораки на протестот беше забележамо скандирање „УЧК, Македонија е на Албанците”, „Голема Албанија“, како и директни лични навреди упатени кон јавната обвинителка. Видеото од протестот е достапно и на социјалните медиуми,
Хелсиншкиот комитет во текот на целата 2020 година укажуваше дека говорот на омраза врз основ на етничка припадност е во постојан пораст, како на социјалните медиуми, така и во јавниот живот, што е случај и со реториката на овој протест. Повторувајќи дека правото на мирно собирање и здружување, воедно е и уставно право за сите граѓани на државата, сепак цениме дека во недостаток на судска пракса за делата на говор на омраза се остава можност за повторување на овие дела и нивно понатамошно ескалирање во дела од омраза.
Од нашата анализа на коментарите на социјалните медиуми на содржина објавена од влијателни портали на македонски и албански јазик, се забележува дека кај припадници на најголемите етнички заедници, Македонци и Албанци, кои коментираат на социјалните медиуми владее крајна недоверба во институциите. Присутен е стравот и неразбирањето помеѓу етничките заедници, за што придонесува и градењето ставови врз дезинформации и лажни вести. Исто така, интензивна е употребата на крајно навредливи и понижувачки епитети кон ‘другите’. Покрај ова, нотираме загрижувачки тренд на раст на говор полн со омраза, односно употреба на крајно мизоген, деградирачко-навредлив и хомофобичен речник во јавната комуникација, што дополнително го зголемува интензитетот на омраза на социјалните медиуми.
Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет во текот на јануари 2021 година се достапни на: https://www.govornaomraza.mk/reports/.
Што се однесува на темелните промени, кои се неопходни за да се спречат негативните трендови на омраза и злосторства во земјава, редовно ги повторуваме нашите заложби за суштински реформи во образовниот процес, културата и јавната комуникација, а пред се’ за неопходноста од поголема ангажираност на надлежните институции во справувањето со говорот на омраза и неговите последици. Министерството за внатрешни работи и јавното обвинителство мора поефикасно да реагираат и да ги процесираат случаите на говор на омраза. Негативните социјални ефекти од присутната омраза се видливи во секојдневниот живот, а најмногу во делата од омраза, каде како извршители и жртви доминираат малолетници. Сите институции и општествени чинители мора да се вложат во спречувањето на долгорочните последици од овие феномени кои водат до длабока поларизација, го разјадуваат мирот и ги рушат условите за општествен напредок.
[1] Меѓународна организација на трудот. (1921). Конвенција број 14 за неделен одмор (во индустријата).
[2] Меѓународна организација на трудот. (1957). Конвенција број 106 за неделен одмор (во трговијата и канцелариското работење).
[3] Европски парламент и Совет. (2003). Директива 2003/88 за одредени аспекти во организирање на работното време.
[4] Работодавачите, работниците, невладиниот сектор и меѓународните експерти.