јануари 25, 2024

Извештај за состојбите и условите во психијатриските болници и установи за социјална заштита

Овој извештај е подготвен во рамките на проектот „Борба против тортура и нехуман третман“, финансиски поддржан од Европската Унија. За целите на проектот е склучен Меморандум за соработка меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Министерството за здравство.

Во периодот од октомври до ноември 2023 година беа спроведени 4 посети, и тоа – ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, ЈЗУ Психијатриска болница Негорци, ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар и Специјалниот завод Демир Капија. Овие установи беа одбрани затоа што во нив се хоспитализираат лица кои недоброволно се задржуваат и лекуваат, а во нив има и судски оделенија во кои се чуваат и лекуваат пациенти со мерки за безбедност одредени од судот, односно лица лишени од слобода.

Наодите во oвој извештај се базираат врз спроведени посети од страна на мониторинг тимот, кој за време на посетите изврши увид во просториите на установите, спроведе разговор со директорите на установите, како и со вработените психијатри, лекари, психолози, социјални работници, медицински сестри, негуватели, болничари, пациенти итн.

Во согласност со член 7 од Европската конвенција за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, а со цел да се превенира вакво постапување и казнување, потребно е мониторирање на сите установи каде што има лица лишени од слобода, вклучително и психијатриските болници и установите за социјална заштита.

Во последните наоди и препораки на Комитетот за превенција од тортура при посетата на психијатриските болници во Република Северна Македонија во 2019 година, се охрабруваат релевантните власти да обезбедат соодветна грижа во заедницата за пациентите со хронично ментално растројство кои немаат потреба од болнички третман и грижа, но поради немање соодветна грижа во заедницата, со години остануваат во болница. Исто така, Комитетот забележува дека: во некои психијатриски одделенија тоалетите, бањите и хигиената била на многу ниско ниво; некои пациенти немале можност да излегуваат надвор на воздух со недели, па дури и со месеци; кадровската состојба била незадоволителна; немало доволен психо-социјален третман; механичко ограничување се правело и со метални синџири, без постојан надзор и пред очите на другите пациенти; многу „доброволно задржани пациенти“ биле лишени од слобода, без да имаат корист од заштитните мерки предвидени со законот за недоброволно задржани пациенти, а судот не носел одлука дури и со месеци за присилно сместените пациенти, а со години не е извршуван ни годишен преглед на форензичките пациенти од страна на судии. Значајна забелешка е тоа дека релевантното законодавство за ментално здравје не предвидува никаквa постапка за присилно лекување на психијатриски пациенти, а во пракса често не се правело разлика меѓу недоброволното сместување и недоброволното лекување на пациент.

При истата посета, а во врска со Специјалниот завод за лица со пречки во интелектуалниот развој во Демир Капија, Комитетот покажал загриженост за материјалните услови на одделенијата за лицата со најтешки интелектуални пречки и за неможноста да излезат на

воздух со месеци, а стоматолошката грижа ја процениле како речиси непостоечка. Исто така, Комитетот препорачал релевантните органи да ги зајакнат законските заштитни мерки давајќи им на корисниците ефективно право да поведат постапка за да имаат законитост на нивното сместување.

Со цел да се обезбеди сеопфатна проценка во овие установи (психијатриски болници и установи за социјална заштита) каде што има лица лишени од слобода, тимот кој вршеше мониторинг, пред посетата беше запознаен со методологијата за проценка на психијатриски и социјални установи и направи анализа на постоечката легислатива, особено на Закон за ментално здравје, чл. 16 и чл. 20, став 7; Закон за заштита на правата на пациентите, чл. 11–32 и чл. 44, Закон за вонпарнична, чл. 58–68; Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, чл. 58; Закон за кривична постапка, чл. 248; Кривичен закон, чл. 63 и чл. 149; Правилник за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност во здравствена установа (чл. 35–42); Закон за социјална заштита, чл. 94, чл. 95, чл. 97, чл. 261–263; Закон за општата управна постапка, чл. 104 и прописите во болниците и установите за социјална заштита (статут на установата) и др.

Документи