Извештај за бесплатна правна помош за 2025 година
јануари 18, 2026

Веќе 30 години Хелсиншкиот комитет е една од најпрепознатливите организации за заштита на човековите права во Северна Македонија, која дејствува во низа области што директно ги засегнуваат човековите права, а нашиот сервис за бесплатна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош секојдневно функционира од 2016 година. Нашите досегашни активности резултираа со значајни постигнувања. Преку овој сервис, од неговото воспоставување, обезбедивме бесплатна правна помош на над 5000 баратели на правна помош од сите социјални категории. Постојано обезбедуваме правна помош за граѓаните од областа на работните односи, социјалната и здравствена заштита, заштитата на деца, семејното и родово базирано насилство, пензиското и инвалидско осигурување, имотноправните односи, кривичноправните и други области поврзани со нашата мисија за заштита на човековите права.
Годишниот извештај за бесплатна правна помош за 2025 година на Хелсиншкиот комитет за човекови права претставува пресек на состојбите со пристапот до правда во Република Северна Македонија, гледано низ практиката на граѓаните кои во текот на годината побарале правна поддршка. Овој извештај не е само статистички преглед на поднесени барања и обработени случаи, туку и анализа на најчестите повреди на човековите права, структурните пречки во институционалниот систем и ефектите од примената на Законот за бесплатна правна помош во секојдневниот живот на маргинализираните и социјално загрозените граѓани.

