Извештај од последователни посети за состојбата и условите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија во јули 2021

ноември 15, 2021

Овој извештај е подготвен во рамките на проектот „Елиминација на мачењето и нечовечкото постапување во затворите и установите за лишување од слобода“, финансиски поддржан од Европската Унија. За целите на проектот е склучен Меморандум за соработка помеѓу Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Управата за извршување на санкциите. Извештајот се базира на теренски посети од страна на претставничката од Хелсиншкиот комитет за човекови права – Ина Џугуманова, претставници од Македонското здружение на млади правници – Арбен Гудачи, како и над,ворешни експертки ангажирани од мониторинг тимот, психијатар – Марија Костадиновска и психотерапевт – Елисавета Секуловска. Експертките беа ангажирани со цел проценка на потенцијалниот импакт на материјалните услови во затворите и установите за лишување од слобода врз лицата коишто престојуваат во овие установи. Проценката е спроведена преку обезбедување на психијатриско и психотерапевтско советување на осудените лица и разговор со стручните служби во казнено-поправните установи, пред сè, здравствените и социјалните работници.

Теренските посети беа спроведени во текот на месец јули 2021 година, како последователни посети на редовните кои мониторинг тимот ги спроведе во период од август до октомври 2020 година. Последователните теренски посети беа спроведени во 4 казненопоправни установи во кои беа забележани најголем недостатоци за време на спроведување на редовните посети и тоа во: КПД Идризово, КПД Штип, КПД Куманово и КПУ Тетово.

Иако за време на последователните посети мониторинг тимот забележа подобрување во казнено-поправните установи, најмногу во поглед на унапредување на материјалните услови, пенитенцијарниот систем сè уште се соочува со големи проблеми и предизвици. Како најгорливи проблеми остануваат пристапот до здравствената заштита, образовниот процес и процесот на ресоцијализација на осудените лица, необучените раководни и стручни кадри во казнено-поправните установи и неефикасните внатрешни и надворешни механизми за пријавување и гонење на случаи на тортура и нечовечко постапување спрема осудените лица. Во таа насока, извештајот содржи резиме од остварениот теренски мониторинг, фокусирајќи се на напредокот и главните предизвици документирани за време на посетите. Извештајот, воедно, содржи и препораки за секоја казнено-поправна установа, како и генерални препораки за надлежните институции во насока на подобрување на состојбите и условите во казнено-поправните и воспитнопоправните установи.