Годишен извештај за состојбата со човековите права во 2023 година
јуни 11, 2024
Освен тешката ситуација со воената инвазија на Русија врз Украина, која не стивна ниту во 2023 година, во Газа, светот беше сведок на најголемата хуманитарна катастрофа по Вто- рата светска војна. Огромен број возрасни и особено деца не само што се убиени во воените напади, туку секојдневно умираат од глад и од дехидрација. Оваа катастрофа ја извади на виделина кризата на борбата за човековите права на глобално ниво, особено со ширењето на авторитарните влади, кои му штетат на меѓународниот поредок со кршење на меѓуна- родното право и игнорирање на основните права. Масовните протести ширум светот, во кои учествуваа и припадници на еврејската заедница, покажаа дека голем дел од светската јав- ност е против тоа што се случува во Газа, но неизвесно е кога ќе заврши оваа криза. Она што е очигледно е дека и натаму се зголемува јазот помеѓу богатите и сиромашните, и повторно жртви се најранливите групи граѓани.
Во Република Северна Македонија, врз основа на наодите за 2023 година, коишто про- излегуваат од работaта на Хелсиншкиот комитет за човекови права, може да се констатира дека не е направен значаен напредок во законскиот и во институционалниот систем за за- штитата и унапредувањето на човековите права.
Годината ја одбележаа случувања поврзани со засилено и нескриено дејствување на ан- тиродовите движења. Тие ги користат родот и сексуалноста како клучен дел од нивната реторика, врамувајќи ги прашањата како што се репродуктивните права, правата на ЛГБ- ТИ+ и родовата еднаквост на начини што поттикнуваат страв и поделеност во општеството. Антиродовите движења, служејќи се со пропаганда, притисок во општините и државните институции, дезинформации и говор на омраза при јавен говор, влијаеја да не се изгласа новиот Закон за родова еднаквост.
Заеднички именител при изборот на нови членови на Државната комисија за спречу- вање корупција и Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација беа пар- тизацијата и изигрувањето на процесот на избор.
Состојбите со Судскиот совет и измените на Кривичниот законик, како и измените на за- коните поврзани со договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ јасно ги покажаа системските слабости во правосудниот систем и во релацијата помеѓу законодавната и судската власт.
По измените на Кривичниот законик во септември 2023 година, граѓанските органи- зации сметаа дека е беспредметно да учествуваат во постапка што суштински го озаконува незаконитото.
Имајќи ја предвид разнишаната доверба на граѓаните во судството, Хелсиншкиот коми- тет вршеше мониторинг на судски постапки на барање на граѓани или постапки од поширок општествен интерес. Во текот на 2023 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права обе- збеди правна помош за 307 граѓани од областа на работните односи, социјалната и здрав- ствена заштита, заштитата на деца, семејното и родово базирано насилство, пензиското и инвалидско осигурување, имотноправните односи, кривичноправните и други области. Кога станува збор за работничките права, продолжија да се чувствуваат последиците од енергет- ско-економската криза предизвикана од нестабилноста на светските пазари и растот на цените на глобално ниво, што резултираше со пораст на цените на производите и услугите, висока инфлација и пад на животниот стандард на работниците. Наместо да се донесе Законот за ра- ботните односи, кој би ја подобрил положбата на работниците, се тргна во сосема спротивна насока и се изгласаа измени во ЗРО што одат во прилог на конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Во текот на 2023 година, Хелсиншкиот комитет спроведе 10 посети во казнено-поправ- ните установи. И покрај заложбите на државата, на меѓународните и домашните органи- зации за подобрување на условите во казнено-поправните установи, сè уште постојат се- риозни системски недостатоци. Осудените лица немаат соодветен пристап до здравствена заштита, материјалните услови за живеење им се мизерни, а програмите за ресоцијализа- ција, условите за нивно имплементирање и постпеналната помош сè уште се недоволни и неприменливи. Корупцијата и митото се дел од секојдневието на осудените лица. Во однос на маргинализираните заедници, Ромите сè уште се несразмерно подложени на тортура и понижувачки третман.
Генерално, една од најголемите закани за заштитата на човековите права и борбата против дискриминацијата е недовербата на граѓаните во институциите.
Кога станува збор за степенот на намалувањето на маргинализираниот статус на ром- ската заедница во општество, доволно говори податокот дека судскиот процес против се- грегација на децата Роми трае веќе три години.
Во 2023 година, Апелациониот суд Скопје целосно ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд Скопје дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при оствару- вањето на нивното право на глас.
Двете постапки ги покрена Хелсиншкиот комитет како судски постапки од јавен инте- рес (actio popularis).
Случај што укажува на недоволна свест за човековите права на различните и најранли- вите меѓу нас и недостигот на емпатија е примерот на 17-годишното момче со аутизам, кое било врзувано во Психијатриската болница во Демир Хисар.
Ова е само еден пример што ја покажува исклучително загрижувачката состојба во пси- хијатриските болници, особено кога станува збор за насилство и несоодветно и нехумано постапување кон пациентите. Шокантни се сознанијата дека луѓето се изложени на крајно нечовечен третман, што е спротивно на сите меѓународни принципи и стандарди, закони и меѓународни конвенции. Говорот на омраза, како малигна општествена појава, сè повеќе е присутен во јавниот дискурс. Во 2023 година, тој е во пораст и е на прво место се случаите врз основа на етничка припадност, а на второ место е говорот на омраза врз основа на сексу- алната ориентација. Комитетот регистрирал вкупно 1 171 случаи на говор на омраза.
На 29 ноември 2023 година се одржа Паралелната конференција за граѓанско опште- ство, настан што ја одбележа завршницата на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ. Конференцијата беше организирана од Комитетот и партнерите во со- работка со Платформата за граѓанска солидарност – мрежа на граѓански организации во регионот на ОБСЕ. На настанот се собраа повеќе од 120 претставници на граѓанското опште- ство, донесена беше Скопска декларација со која се нагласува потребата за зајакнување на граѓанското општество и се бара од земјите учеснички да продолжат со нивните заложби за човековата димензија
Годишниот извештај на Хелсиншкиот комитет за 2023 година содржи конкретни случаи од практиката, кои јасно ги покажуваат вкоренетите системски проблеми и нивното влија- ние врз правата на граѓаните во земјата.