април 17, 2018

Годишен извештај за 2017- Правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил во Република Македонија

Во рамките на проектот „Помош на рутата – обезбедување заштита на бегалците и мигрантите што транзитираат низ Македонија и Србија“, поддржан од Европската Унија, а имплементиран од страна на Фондацијата „Ана и Владе Дивац“ од Србија, во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Новосадскиот хуманитарен центар и Здружението на самарјански работници (ASB) – Србија, Хелсиншкиот комитет го подготви Годишниот извештај за 2017  во кој се опфатени состојбите со почитувањето на правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил кои транзитираат (или останале) во Република Македонија.

Осврнувајќи се на случувањата кои беа забележани во пракса, Хелсиншкиот комитет направи целосна анализа на справувањето со бегалската криза, вклучувајќи и препораки кои треба да бидат земени предвид од страна на државните институции при нивното постапување во иднина.

Препораките се:

1.Итно и неодложно да се прекине со практиката на нелегално, групно „депортирање“ на бегалци и мигранти кон соседните земји, без воспоставена прекугранична соработка со безбедносните служби. Таа претставува кршење на основните човекови права и слободи на мигрантите и нехуман третман. Сите постапки за враќање (реадмисија) мора да бидат во согласност со стандардите за човекови права и спроведени со соработка меѓу државите.

2.Во најкраток временски период да се усвои Националната стратегија за интеграција на бегалци и странци (2017-2027), со што ќе се овозможи најбрзо спроведување на мерките за интеграција предвидени во акциониот план, а ќе придонесат за зголемено почитување на правата на признаените бегалци и баратели на азил во државата.

3.Во најкраток временски период да се донесе новиот Закон за меѓународна и привремена заштита, со кој ќе се отстранат лошите законски измени и ограничувања донесени во 2016 година.

4.Да се воспостави систем на редовно, навремено и регуларно регистрирање на сите бегалци и мигранти што транзитираат низ државата, со цел да следи нивното движење и да се зголеми можноста за заштита на нивните човекови права.

5.Неопходни се мерки за влијание врз јавното мислење за бегалската криза, со оглед на забележаното високо ниво на ксенофобија помеѓу граѓаните, несвесноста за правата на бегалците и мигрантите, причините за нивното бегство и проблемите со кои се соочуваат. Неопходно е да се зголемат јавната свест и пристапот до информации за кризата, со што би се намалиле нетолеранцијата и говорот на омразата.

6.Правото да се побара азил мора непречено да се гарантира за сите бегалци, мигранти и странци кои се задржани на територијата на Република Македонија, без одложување или условување од страна на институциите.

7.Полициското постапување мора да биде во согласност со националните закони и стандарди, во согласност со принципот на почитување на човековите права и слободи на бегалците и мигрантите. Сите полициски акции каде што се употребува физичка сила или средства за принуда мора строго да се надгледуваат. Сите обвинувања за употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници мора да бидат темелно истражени и полициските службеници да сносат одговорност.

8.Постои значителна потреба од зголемен надзор над малолетниците без придружба што транзитираат низ земјата и се затекнуваат во двата прифатно-транзитни кампови. Тие се изложени на сериозен ризик и се во ранлива позиција и не смеат да бидат оставени без надзор и без заштита на системот.

9.Образовните и рекреативните активности во рамките на прифатните и транзитните центри мора да се одвиваат без оглед на бројот на мигранти, нивната возраст или статус во државата.

10.Не смее да се практикува селективно пропуштање на бегалците во прифатно-транзитните центри. Хуманитарната помош и заштитата од безбедносни ризици мора да им се обезбедат на сите бегалци и мигранти што се движат низ земјата, со цел да се избегне нивното дополнително ставање во ризик.

11.На бегалците и мигрантите што транзитираат низ државата не смее да им се ограничува слободата на движење и противправно да се држат во притвор како сведоци во кривична постапка против криумчарите.

12.Да се зголеми присуството на полициски службеници во прифатно-транзитните центри, со што ќе се гарантира безбедноста на сите присутни во камповите.

Документи