Двомесечен извештај (јуни – јули 2011)
– ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
– Слободата на говор наспроти интересите на власта!
– Околу проектот „Дискредитација на преостанатите критички невладини организации“
– За кого работи македонското Собрание
– СУДСКИ СЛУЧАИ
– Случај Сефадин Емини, крајно време е Судскиот совет да ја преиспита својата законска надлежност
– ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА
ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
– Слободата на говор наспроти интересите на власта!
– Околу проектот „Дискредитација на преостанатите критички невладини организации“
– За кого работи македонското Собрание
Слободата на говор наспроти интересите на власта!
“Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање… Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.” – вели највисокиот правен акт во земјата Уставот, во својот член 16. Историски, ваквата заштита произлегува од Универзална Декларација за човекови права кога членките држави на Обединетите Нации се согласиле дека секој има право на слобода на мислење и изразување кое право вклучува и право да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите[1]. Подоцна, слободата на изразување е вметната исто така и во Европска Конвенција за човекови права со што се обезбедува заштита на ова право без мешање на јавната власт, со определени ограничувања[2].
Слободата на говор и јавно изразување на мислење е едно од основните човекови права заштитено во сите демократски земји како и во Република Македонија во која и Универзалната Декларација и Европската Конвенција за човекови права се составен дел на внатрешниот правен поредок и согласно истото создаваат обврска за нивно почитување. Имајќи предвид дека новинарската професија подразбира примање и пренесување информации, новинарите стануваат субјекти на заштита на слободата на говор со што се обезбедува нивната улога на главни промотори на слободна политичка дебата во едно општество, а што е и основен белег на современите демократии.
Регулацијата на ограничувањата на слободата на говор и пренесување на информации од страна на медиумите не е ништо ново, напротив Европскиот Суд за човекови права во редица на случаи ја разрешува евентуалната дилема во однос на дозволените ограничувања на слободата на говор. Така, Европскиот Суд уште во 1976 во случајот Хансид против Велика Британија дефинира дека “слободата на говор претставува основа на едно демократско општество, еден од основните услови на неговиот прогрес и за развитокот на секој човек. Заштита на слободата на изразување се практикува не само за информации или идеи кои се примаат со одобрување или кои се сметаат за ненавредливи или индиферентни, туку се применува и за оние информации кои ја навредуваат, шокираат или вознемируваат Државата или некој дел од популацијата. Тоа се барања на плурализмот, толеранцијата и високо развиената свест без што не е можно постоење на “демократско општество“
Понатаму, во случајот Обсервер и Гардијан против Велика Британија, а подоцна потврдено и во ред други одлуки[3], Европскиот суд укажува дека ограничувањата на слободата на говор мора да бидат тесно определени особено кога станува збор за медиумите. Иако тие не смеат да ги пречекорат определените ограничувања сепак нивна обврска е да пренесуваат информации од јавен интерес. Не само што медиумите имаат обврска да ги пренесуваат информациите од јавен интерес туку и јавноста има право да ги знае. Зашто во спротивно, медиумите нема да можат да ја остварат нивната витална улога на “куче чувар” во општеството.
Но, судејќи по последните случувања изгледа власта поинаку ја подразбира работата на медиумите и слободата на изразување на мислење. Силните притисоци кон медиумите, обидот за дисквалификација на поединци и поединечни медиуми, отпуштањето на новинари поради тоа што го ползувале своето демократско право на протест или се појавиле на “непријателска телевизија” и конечно затворањето на неколку медиуми кои биле критички расположени кон власта го помрачува медиумскиот простор во државата, а со тоа и демократијата во истата.
Не може да стане збор за почитување на човековите права или воопшто за демократско уредување без постоење на слобода на изразување на мислење и слобода на организирање на протест на секој поединец и особено на медиумите во државата.
За жал, се поочигледно е дека власта нема слух за демократските потреби и придобивки што се докажува и со изгласувањето на измените во Законот за радиодифузна дејност, со кои се менува структурата и бројот на членовите на Советот за радиодифузија (СРД) од 9 на 15 членови. Законот е донесен и покрај противењето и изразената загриженост од страна на Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми(МИМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници(ССНМР), со што се отвори нова врата за влијание на власта преку членовите кои ќе ги номинира, директно врз работата на Советот за радиодифузија а со тоа и врз работата на медиумите.
Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Р.Македонија остро ги осудува постапките на власта за задушување на слободата на говор и критичките медиуми и ја повикува истата да се придружува кон меѓународно превземените обврски и домашните норми за почитување на човековите права без што не може да стане збор за демократско општество.
___________________________________________________________________________________________
Околу проектот „Дискредитација на преостанатите критички невладини организации“
Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија (МХК) неколку пати реагираше за притисокот врз бранителите на човековите права во државава изминатите две години. Пред две недели Сител Телевизија, придружена со веб порталот Курир и веб телевизијата Македонија 24, на кои подоцна им се придружи и Канал 5, со невешта конструкција се обидоа да го дискредитираат Комитетот. Во нивниот неоснован напад со искривување на фактите и градење на виртуелна реалност заборавија дека предметот на интересирање „колабирањето на Хелсиншката Федерација“ веќе беше предмет на нивен интерес уште пред 3-4 години. Имено, во прилогот „Меѓународната Хелсиншка Федерација под стечај“ од 15. 01. 2008г. објавен на Сител телевизија (статијата е во прилог) тие кажуваат за проблемите и затворањето на Хелсиншката Федерација, а во новинарскиот прилог има изјава и од тогашниот член на Бордот на МХК, Ибрахим Ибрахими. Информацијата за Хелсиншката Федерација, не само што била објавена навремено, туку и била обработена како тема во вестите на овој медиум. Со ова сосема јасно станува дека наводите на овие медиуми се неточни и претставуваат конструкција со единствена цел за притисок и обид за дискредитација на МХК.
Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија својата основна мисија ја влече од Хелсиншкиот завршен акт. Основањето на Комитетот во 1994 година беше поддржано од Хелсиншката Федерација, но во основањето на МХК не учествуваше Федерацијата. Во своето седумнаесетгодишно постоење МХК има значајна улога во мониторингот, известувањето, давањето на препораки и промоција на човековите права во државата. Во својата долгогодишна работа Комитетот влијаеше во постигнување на значајни правни промени и социјална инклузија за различни групи на граѓани. Комитетот постапил во повеќе од 10.000 случаи, поднесени од граѓани, а добил и повеќе позитивни одлуки од Судот за човекови права во Стразбур. Извештаите на комитетот се консултирани од сите меѓународни институции и се цитирани од експерти во нивните научни трудови.
Никогаш не постоел Меѓународен Хелсиншки Комитет, туку Федерација на Хелсиншки Комитети, кои се самостојни и независни ентитети, а кои се имаа обединето во Федерација заради меѓусебно подобро информирање, помагање и соработка, така што престанокот на постоењето на Федерацијата не влијае на постоењето на Македонскиот Хелсиншки Комитет, кој е самостоен правен субјект. Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија постоеше и ќе постои за заштита и унапредување на правата на сите луѓе во Република Македонија и одбрана на демократијата. Успехот и кредибилитетот на нашата работа произлегува од нашата посветеност, професионално ангажирање за целосна имплементација на принципот на човекови права и обидите за наше замолчување нема да вродат со плод.
Со објавување на стари вести со малициозна тенденција само се потврдуваат ставовите на Комитетот за нарушување на човековите права преку пресметка со критичарите, со што се поткопува демократијата во општеството. Обидот за притисок и пренасочување на нашето внимание уште повеќе ја зацврстуваат нашата посветеност на мониторинг и известување околу состојбата со човековите права во нашето општество, која сe повеќе се влошува.
За кого работи македонското Собрание
Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија најостро реагира на грубото кршење на Уставот на Република Македонија на втората седница на Собранието и бараме повторување на постапката за потврдување на двете оставки од пратеници.
Имено, Член 65 од Уставот на Република Македонија децидно вели:
„Пратеникот може да поднесе оставка.
Пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието.“
Прифаќањето на оставките на Никола Груевски и Горан Трајковски, без запазување на уставната процедура не е само кршење на највисокиот акт во државава, туку и понижување на граѓаните, Собранието и државата. Овој чин го навестува начинот на подразбирање и начинот на практикување на власта, која сосема го приватизира јавниот, политичкиот, правниот простор уште во претходниот мандат. Овој чин покажува дека повторно Собранието ќе биде оставено на маргините и го крева одново прашањето кое беше актуелно и за минатиот состав на Собранието:
За кого работи Собранието на Република Македонија? За граѓаните или за власта?
СУДСКИ СЛУЧАИ
– Случај Сефадин Емини, крајно време е Судскиот совет да ја преиспита својата законска надлежност
Случај Сефадин Емини, крајно време е Судскиот совет да не ја избегнува својата законска надлежност
За случајот на вонредниот ученик Сефадин Емини од Средното Исламско училиште „Иса Бег Медресе“, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија многу пати реагираше и апелираше преку своите месечни извештаи за почитување на правото и обврската за задолжително средно образование и правото на судска заштита.
Во врска со последните случувања во овој предмет за кои комитетот извести во извештајот од месец април 2011 година, кога беше доведено во прашање правото на судска заштита, Хелсиншкиот комитет се обрати до Судскиот совет на Република Македонија со цел да се испита постапувањето на судиите при Основниот суд во Кичево и Апелациониот суд во Гостивар. Ова од причина што по упатствата на повисокиот суд во решението донесено по жалба, Основниот суд во Кичево се огласи за апсолутно стварно ненадлежен да решава по предметот сметајќи дека туженото училиште не спаѓа во системот на средни училишта на РМ и следствено на тоа спорот не претставувал спор од судска надлежност.
Во очекување Судскиот совет на РМ да испита од која причина ученикот е оставен без судска заштита на основните права заштитени со позитивните законски прописи и Уставот на РМ, Судскиот совет само уште еднаш потврди дека нема волја да ја спроведува својата законски утврдена надлежност.
Во својот одговор истиот не известува дека судските одлуки може да ги менуваат или укинуваат само надлежните судови во постапка предвидена со закон. Понатаму, дека второстепениот суд е тој кој што има овластување да ја цени основаноста на жалбените наводи во смисла дали е сторена повреда на процесните закони или неправилно бил применет материјалниот закон. Поради тоа, како што истакнува Судскиот совет, наводите истакнати во нашата претставка треба да бидат ценети од страна на повисокиот суд во жалбената постапка, и следствено истиот не е надлежен да постапува.
Не само што Хелсиншкиот комитет не побарал од советот да ја промени или укине пресудата, туку само да го испита постапувањето на судијата од основниот суд во врска со исклучување на правото на судска заштита во јасни случаи на повреда на законот, останува и нејасно како може Судскиот совет да очекува повисокиот суд според чии упатства одлучил понискиот суд да ги испита правилно наводите од претставката. Уште повеќе, доколку повисокиот суд е тој кој што има овластувања какви што наведува советот во својот одговор, што не е спорно, се поставува прашањето какви овластувања има тогаш Судскиот совет? Или пак за што и кому му служи Законот за судскиот совет на Република Македонија според чиј член 31 ст. 1: „Советот е надлежен: “ … да ја следи и оценува работата на судиите; да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството; да утврдува нестручно и несовесно вршење на судиската функција… “?
Хелсиншкиот комитет, после повеќекратни реакции за работата на Судскиот совет по претставки на граѓаните, смета дека крајно време е Судскиот совет на Република Македонија да престане да го избегнува извршувањето на својата законски утврдена надлежност и доколку нема намера ја оценува работата на судиите, би требало тоа јасно да биде стипулирано во законот, за конечно да не се доведуваат во заблуда граѓаните кои поднесуваат претставки до истиот
__________________________________________________________________________
Случај „Пајажина“, (НЕ) намерни пропусти во случајот „Пајажината“
(НЕ) намерни пропусти во случајот „Пајажината“
Судскиот процес за т.н. случај „Пајажина“ започна но Судот како да не може да остане настрана од бројните (не) намерни пропусти во текот на постапката.
Освен тоа што се повеќе судската сала наликува на народен театар со креирано сценарио интересно за пошироката јавност, судот одвреме навреме подзаборава и на обврската за целосно почитување на законските одредби. Се започна со барањата на бранителите на обвинетите за превод на доказите содржани во обвинителниот акт. Поголем дел од нив не се на јазикот на кој се води судската постапка па поради тоа треба да бидат преведени пред истите да бидат доставени до странките во постапката.
Скандалот со готовите записници во кој беше наведено дека е прочитан обвинителниот акт а обвинетите ги дале своите искази и тогаш кога тоа не се случило, претставува преседан. Ваков пропуст не смее да се случи во иднина а тврдењето на Судот дека станува збор за техничка грешка, односно веќе подготвен формулар кој се користи, не смее да биде оправдание.
Постојаните укажувања на одбраната за лошата здравствена состојба на една од обвинетите Ѓ.Џ. не беше доволна причина за раздвојување на постапката. Но од друга страна Судот како аргумент за своето решение за раздвојување на постапката за обвинетата Ж.Ѓ. ја дава токму лошата здравствена состојба на истата.
Очигледен е нерамноправниот третман на обвинетите од страна на Судот но судот со одредени дејствија ги става во нерамноправна положба и јавниот обвинител со обвинетите кои се рамноправни странки во постапката.
Во поглед на јавноста, Законот за кривична постапка забранува носење на оружје и опасно орудие, но судот погрешно ја толкуваше јасната одредба барајќи оправдание за дозволата Единиците за брзо распоредување при МВР (ЕБР) вооружени да бидат присутни во судската сала во текот на главниот претрес. Исклучоците од оваа забрана се однесува исклучиво за припадниците на судската полиција и службата за обезбедување во казнено поправните установи но не и за ЕБР кои вршат само асистенција од казнено поправната установа до Судот и обратно.
Хелсиншкиот Комитет апелира до Судот да се заштити од можните притисоци во случајот „Пајажина“ и да ги отстрани сите настанати пропусти кои оставаат сомнеж за непристрасноста на судот.
Комитетот ја нагласува потребата од целосно почитување на законските одредби во насока на водење на правично судење пред непристрасен и независен суд кој ќе ги обезбеди минималните права на обвинетите во постапката.
_______________________________________________________________
ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА
– Бавноста и неорганизираноста на надлежните државни институции ги повредува основните права на децата
Во текот на изминатите 7 месеци, Хелсиншкиот Комитет во соработка со Центарот за психосоцијална и кризна акција од Скопје, Центарот за социјални работи во Гостивар, ОУ “Денче Докузовски“ и Градоначалникот на општина Маврови Анови и Ростуше активно работи на предметот на семејство со 4 деца од с.Леуново кое е во ризик од повеќе аспекти.
Семејството живее во ризични, субстандардни услови без можност да ги задоволи основните егзистенцијални потреби – безбеден простор, вода, храна, греење, лесен пристап до прехрамбрени продукти и навремена образовна, здравствена и социјална заштита и сл. Сите четири деца, од кои едното е бебе на една година, се: неухранети, недоволно згрижени и социјално и емоционално запуштени. Иако се постојано заедно и приврзани еден со друг, поставувајќи се како „штит“ кон надворешниот свет, децата се најчесто препуштени самите на себе, и реално немаат капацитет да се грижат едни за други. Мајката не е во состојба да се грижи за децата, додека таткото е во притвор, под обвинение за семејно насилство врз децата и сопругата, и сомневање за сексуално насилство врз постарата ќерка (15 год).
Едно од децата, кое е на возраст од 11 години е со сериозно нарушено здравје и дијагноза на епилепсија, за кое и покрај пропишаната медицинска терапија, семејството не е во состојба да се грижи. Три од четирите деца се на училишна возраст, но не одат на училиште. Слабата социјализација на децата и нивните негативни искуства на отфрлање и исклученост од страна на средината, неснаоѓањето и слабите капацитети на училиштето (наставниците и персоналот) да ги прифатат и поддржат децата во нивното приспособување на училишната и интернатската средина, слабоста на системот да донесе најдобри одлуки за доброто на децата, и да ги спроведе, во нивниот најдобар интерес, се дел од проблемите со кои се соочуваат децата во обидот да се вклучат во редовниот образовен систем и пошироката заедницата.
Институциите на системот се целосно запознаени со ситуацијата на ова семејство, но иако единствено повикани и надлежни бргу да реагираат во заштита на децата, манифестираат невидена бавност, неорганизираност и неповрзаност, со што и институционално го доведуваат во прашање опстанокот на овие деца. Во текот на изминативе месеци и покрај напорите на Комитетот може да се констатитра дека недостига интерсекрорска комуникацијата помеѓу институциите во областа на здравството, образованието и социјалната заштита.
Надлежен според законот за грижата на овие деца е Центарот за социјална работа во Гостивар, но иако истиот работи на предметот нема алтернативни решенија за негово конечно решавање. Во текот на својата работа Центарот има направено неколку пропусти, меѓу кои:
– не е направена проценка на способноста на мајката да се грижи за децата и семејството, иако се запознати со проблемите во истото подолго од 5 години,
– не е работено навремено и континуирано на вклучување на ниту едно од децата во образовниот систем ,
– Центарот, кој е надлежен да ги алармира повисоките надлежни инстанци доколку одредени законски предвидени решенија не се остварливи во пракса, останува пасивен ризикувајќи им го животот и развојот на овие деца без да предложи алтернативни решенија во најдобaр интерес на децата,
Во ваква ситуација најголеми жртви се децата на кои им се повредени бројни права загарантирани со Конвенцијата за правата на детето, како и со домашното законодавство.
Повредени се:
– Правото на најдобар интерес на децата[4]
– Правото на заштита од дискриминација
– Правото на образование[5]
– Правото на родителска грижа
– Правото на алтернативна грижа во случај кога семејството не може да се грижи за децата[6]
– Правото на здравствена заштита и
– Право на адекватен животен стандард.
Хелсиншкиот Комитет ИТНО ги повикува надлежните институции, пред се Министретсвото за труд и социјална политика, Центарот за социјална работа во Гостивар, Министерството за образование и Градоначалникот на општина Маврови Анови и Ростуше да ги преземат сите потребни мерки и со заедничка координација да најдат решение за лошата состојба во која се наоѓа семејството, овозможувајќи им на децата да ги остварат сите свои права, загарантирани со законот, имајќи го предвид нивниот најдобар интерес .
——————————————————————————–
[1] Член 19 од Универзалната Декларација за човекови права на Обединетите Нации
[2] Член 10 од Европската Конвенција за човекови права на Совет на Европа
[3] Bergens Tidende and others v Norway,
[4]
Член 3
1. Во сите активности што се однесуваат на децата од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавни или приватни институции за социјална заштита, судови, административни органи или законодавни тела.
2. Државите членки се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа што е неопходна за неговата добросостојба, земајќи ги предвид правата и обврските на неговите родители, законитите старатели или други поединци кои се правно одговорни за детето и ги преземаат за таа цел сите потребни законодавни и административни мерки.
3. Државите членки се грижат институциите, службите и установите кои се одговорни за грижа или заштита на децата да бидат во согласност со стандардите што ги утврдиле надлежните органи, посебно во областа на сигурноста, здравјето, бројот и подобноста на персоналот, како и стручниот надзор.
[5] Член 28
1. Државите членки му признаваат правo на дететo на oбразoвание и, заради пoстепенo oстварување на тoа правo врз oснoва на еднакви мoжнoсти, пoсебнo:
а) гo прoгласуваат oснoвнoтo oбразoвание какo задoлжителнo и бесплатнo за сите;
б) гo пoттикнуваат развoјoт на различни фoрми среднoшкoлскo oбразoвание, вклучувајќи гo oпштoтo и стручнoтo oбразoвание, кoе им е дoстапнo на сите деца и преземаат сooдветни мерки, какo штo се вoведувањетo на бесплатнo oбразoвание и укажувањетo финансиска пoмoш вo случај на пoтреба;
в) на сите им oвoзмoжуваат стекнување на висoкo oбразoвание врз oснoва на спoсoбнoстите, кoристејќи адекватни средства;
г) на сите деца им ставаат на распoлагање oбразoвни и стручни инфoрмации и услуги за прoфесиoнална oриентација;
д) преземаат мерки за пoттикнување на редoвнoтo шкoлување и за намалување на испишувањетo oд училиштетo.
Член 29
1. Државите членки се сoгласни дека oбразoваниетo на дететo треба да биде насoченo кoн:
а) развoј на личнoста на дететo, развoј на надаренoста и менталните и физичките спoсoбнoсти дo крајни граници;
б) развoј на пoчитувањетo на правата на чoвекoт и на oснoвните слoбoди, какo и пoчитување на принципите сoдржани вo Пoвелбата на Обединетите нации;
в) развoј на пoчитувањетo на рoдителите на дететo, негoвиoт културен идентитет, јазикoт и вреднoстите, нациoналните вреднoсти на земјата вo кoја дететo живее и на земјата oд кoја тoа пoтекнува, какo и на цивилизациите штo се различни oд негoвата;
г) пoдгoтвување на дететo за oдгoвoрен живoт вo слoбoднo oпштествo, вo духoт на разбирањетo, мирoт, тoлеранцијата, еднаквoста на пoлoвите и пријателствoтo пoмеѓу сите нарoди, етнички, нациoнални и верски групи и лица oд автoхтoнo пoтеклo;
[6] Член 20
1. Детето кое е привремено или трајно лишено од семејната средина или на кое, во негов најдобар интерес, не му е дозволено да остане во тој круг, има право на посебна заштита и помош од државата.
2. Државите членки, во согласност со своите национални закони, обезбедуваат алтернативна грижа за тоа дете.