Двомесечен извештај (јуни – јули 2010)
август 10, 2010
1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
1.1. Демократија во рикверц
1.2. Кој е посилен во државата – партијата или владеењето на правото?
1.3. Бариера за новите верски заедници
1.4. Социјалната сигурност – заборавено право во Македонија
1.5. Казна за непослушност и за професионалните војници
1.6. Говор на омраза
2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ
2.1. Случај Фаик Белани, Скопје
2.2. Случај Роберт Поповски – Лоша достава или судска игра?
______________________________________________________________________
1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
1.1. Демократија во рикверц
Во жешките летни месеци, во кои по правило настани на политичката сцена речиси и нема, политиката овој пат речиси секојдневно не потсетуваше каде сме во нашата бескрајна транзиција во која одењето напред го заменивме со чекорење наназад.
Инцидентот во Собранието на РМ на 1 јули годинавa е настан тешко замислив и за тоталитарни режими. Тие, најчесто барем држат до формата.
Кога во Годишниот извештај за 2009 година, објавен во јуни годинава, во воведниот текст пишувавме за „опсегот на моќта на владеачката елита да се заокружи со своевиден „воен удар“ врз демократијата со „земањето во раце на сите конци“ на законодавната, извршната и судската власт, процес во кој ќе се маргинализираат до апсурд правната држава и владеењето на правото, со тоа и човековите права и слободи“ не претпоставувавме дека актуелната извршна власт веднаш потоа, уште еднаш, крајно арогантно ќе демонстрира дека сака се да биде под нејзина контрола.
Инцидентот повторно покажа дека во очите на извршната власт парламентот како законодавна власт, која по природа на работите е над неа и треба да ја контролира, не вреди ни пет пари. Се отиде чекор понатаму од беспоговорната контрола на своите пратеници за да им се упати закана на опозиционите парламентарци. Едноставно се покажа дека „оние што треба да контролираат – се контролирани“ од „големиот братучед“[1].
Постои јасна законска одредба за внатрешното обезбедување на Собранието[2] па влегувањето на припадници на МВР во него, без тоа да биде побарано од нив, е едноставно упад, а снимањето пак на она што се случува внатре или видеонадзор под контрола на МВР е неовластеното снимање на пратениците, сторено од страна на службени лица (згора по наредба на министерката за внатрешни работи), што најмалку е прекршување на членовите 10 и 11 од Законот за заштита на личните податоци според кои, секое лице чии лични податоци се обработуваат мора да биде информирано за таа обработка.[3] Додека злоупотребата на личните податоци претставува и казнено дело во согласност со член 149 од Кривичниот законик. Така во докажувањето дека сме полициска држава го додадовме и односот на МВР кон парламентот.
Во настаните околу инцидентот се случија и други работи кои се индикативни за третманот на парламентот и неговите членови, како покани за разговор од полиција за пратеници, заканите до парламентарци дека ќе бидат приведени да дадат исказ во предистрагата… Лекциите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска (изјавите, писмата, телеграмите), за жал, не се само израз на недостаток на „домашно воспитување и култура“, туку и арогантно политичко однесување (јасно видливо во овој, но и други делови од извештајов).
На крајот, досегашното расчистување на случајот во самиот парламент покажува дека сите напори парламентот да се соочи со болната вистина за својот реален статус во државава се пуста желба, а дека институтот интерпелација за жал е излишен во сегашниот момент на нашата политичка сцена.
Непочитувањетона Уставниот суд и неговите одлуки од страна на актуелната власт продолжува и натаму.[4] Проектот „Скопје 2014“ по оценка на уставните судии ја понесе судбината на низа други несреќни проекти, решенија и гафови на оваа Влада (воведувањето на веронауката во основниот училишта, екстерното оценување, неколку закони…).
Прозваните со одлуката одреагираа во духот на веќевиденото (изјави чиј е Уставниот суд, упатувањето писмо од страна на премиерот, но намерите за омаловажување на уставната положба на овој суд – барањето на Претседателот на законодавниот дом – Трајко Вељаноски, Претседателот на Уставниот суд – д-р Трендафил Ивановски, да присуствува на седница на пратенички прашања и да одговара за својата работа, предлогот од пратеничката Благородна Дулиќ за одземање на правото граѓаните да поднесуваат иницијативи пред Уставниот суд…), со додавка – во конкретниов случај наместо коментари, одлуката на Уставниот суд власта едноставно ќе ја игнорира. Општината Центар најави дека одлуката на Уставниот суд ќе ја почитува „пост фестум“ во идни промени на Урбанистичкиот план на општината, а во меѓувреме ќе продолжи да гради како ништо да не се случило. Министерката за култура и Премиерот не се возбудија воопшто, таа и премиерот во вреднувањето на одлуката на Уставниот суд им дадоа предност на градежните дозволи![5]
Формално постапувајќи по одлуката на Уставниот суд, а врз основа на член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање [6] и член 50 точка 16 од Законот за локална самоуправа [7] и член 36 став 1 точка 16 од Статутот на Општина Центар – Скопје[8], Градоначалникот на Општина Центар ја извести јавноста дека ќе има јавна презентација и јавна анкета за измените и дополнувањата на урбанистичкиот план за „Мал ринг“.
Ова и ќе звучеше како мошне позитивна информација од Општина Центар, да не се работеше за игнорирање на неколку „ситници“. Во оваа постапка не е соодветно испочитуван став 5 од член 17 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, каде се вели дека во партиципативното тело треба да учествуваат освен претставници од Советот и администрацијата на општината и стручни лица од урбанизмот, здруженија на граѓани, како и граѓани од општината. Ставање на истомисленици и партиски војници во ваквите тела не значи исполнување на ова барање од членот 17. Напротив, законодавецот го предвидел ова за да има плуралност на мислата. Исто така, во став 6 од член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање се вели дека по јавната презентација и анкета, Комисија треба да достави извештај за прифатените или неприфатените забелешки по Планот од страна на граѓаните. Ако е така, несфатливо е како повторно на јавен увид се става целосно непроменет урбанистички план, имајќи ги во предвид реакциите на граѓаните, здруженијата на граѓани, стручната јавност, истепаните студенти и многу други уште после првото претставување на овој план кој на крај го оспори и Уставниот суд (Асоцијацијата на архитекти и урбанисти околу безбедносните ризици и несоодветните архитектонски решенија; здруженијата на граѓаните заради неприфатливоста на исклучиви решенија во мултиетничко и мултиконфесионално општество, со кои се генерираат конфликти…). Капак на се е јавна презентација во несоодветни услови (канцелариичка) среде годишни одмори во траење од 12 дена.
Министерот за образование и наука, пак одлуката на Уставниот суд за укинување на решението за измена и дополнување на наставниот план во основното деветгодишно образование, со кој се предвидуваше немнозинските етнички заедници да го изучуваат македонскиот јазик од прво одделение ја окарактеризира како „чудна“ и притоа како правник даде неиздржано образложение дека Уставниот суд немал право да укине поединечен управен акт.
Очигледно повторно макијавелистички начин на упорно терање на сопствената агенда, наспроти видувањата на граѓаните ја продлабочува недовербата кон институциите на системот. Како да се сака уште повеќе да се зацврсти ставот дека „ништо не можеш да измениш ако оние од горе решиле така да биде“. Се праќа порака до сите дека што и да мислат да направат нема да им успее, зашто „некој од горе“ така одлучил. Упорно се пасивизираат граѓаните. Не треба за ништо да мислат, зашто некој им смислил веќе.
Притворањето на претседателот на здружението „Пелагонија-обнова“ Душко Илиевски (и двајца членови на неговото семејство) е веројатно најсвежиот школски пример за непотребно лишување од слобода и злоупотреба на мерката притвор. Ако се имаат во предвид сите околности за активностите на Илиевски и се што претходно му се случувало особено во односите со полицијата, јасно е дека станува збор за „дисциплинирање“, застрашување на лидерот на фармерите.
Основот (посадиле, растение Канабис, кое потоа го одгледувале и наводнувале со намера неовластено да произведуваат наркотични дроги, а за да потоа неовластено ги пуштат во промет) се стопи по бројните сведочења дека во Пелагонија дивата марихуана вирее насекаде (животна иронија е и фактот дека на нивата на Иливески повторно се јавила додека тие беа во притвор, откако полицајците ја искорнале по нивното апсење).
Здружението на пелагониски фармери чиј претседател е Душко Илиевски инаку е познато во јавноста поради заложбите пелагонските фармери да добијат ако не правда, тогаш барем вистинска информација како меѓудругото “изгореа” со фамозната млекара „Сведмилк“ и каква беше улогата на луѓето од актуелната власт во создавањето на митот на оваа странска инвестиција на кој се „налепија“ многу млекопроиводители. Пред една година беше извршен претрес на неговата семејна куќа во потрага по нелегално оружје – заврши со пронаоѓање „трофејна“ семејна ловечка пушка и одземање на дозволата за поседување на оружје на Илиевски. По тој повод Илиевски ќе изјави „После секоја јавна реакција на пелагониските фармери следи полициски притисок врз мене“. Впрочем и во „случајот марихуана“ битолското обвинителство се обиде „вруќиот костен“ да го префрли на одделот за организиран криминал на јавното обвинителство во Скопје, кој пак се прогласи за ненадлежен. На крајот и битолскиот суд го укина притворот.
Случајот е интересен и заради изјавите дадени од страна на Министерството за внатрешни работи, поткрепени со изјавите на премиерот кои пред истражната постапка, говореа за одгледување марихуана во дадениот случај. И овој пат имавме појава на инстант НВО-а со партиска употребна вредност.
Должност на медиумите е да проследуваат информации до јавноста, а должност на Владата е да овозможи на медиумите слобода на говор, јавен настап, јавно информирање, примање и пренесување на информации[9].
Неодамна отпуштените новинари од телевизијата Канал 5 изнесоа тврдења дека директно од Кабинетот на Премиерот добивале налози за начинот на кој ќе известуваат за различни настани, договарање на „подобни“ теми и прашања за јавните функционери, секојдневен притисок од врвот на Телевизијата за послушно извршување на задачите зададени од Кабинетот на Премиерот итн. Заради непослушност десетина новинари добија отказ од Телевизијата. Ова само ја заокружува сликата за Македонија како држава каде едноумието последните години се враќа на голема врата. Преписките меѓу отпуштените новинари, владините функционери и Телевизијата само ја потврдија приказната за „нарачаното новинарство“.
Она што останува исто така нејасно е зошто толку долго, според нивните искази, новинарите газеле врз својата професионалност и го трпеле недозволивото однесување на Владата и уредништвото на Телевизијата. Дали, ако не се случеа отпуштањата, ќе продолжеа да пишуваат нарачани теми и да поставуваат договорени прашања, доведувајќи ја во заблуда и дезинформирајќи ја јавноста во државава? Дали имаат намера да се извинат на македонската јавност дека долго време погрешно информирале и граделе лажна слика за состојбите во општеството? Дали другите новинари во таа Телевизија сега работат под диктат од Владата? Дали има други медиуми во кои новинарите работата на ваков начин? Тука се и дилемите за влијанието на сопственичките структури на уредувачката политика на медиумите. Кому сега треба да верува јавноста?
На многуте прашања кои се отвораат со овој случај никој не нуди одговор. Никаде го нема и Здружението на новинарите, ниту понуди некои одговори, ниту направи (или барем нема објавено) истражувања за влијанието на политичките структури, особено Владините, врз медиумите, почитувањето на етиката и професионалноста кај самите новинари…
1.2. Кој е посилен во државата – партијата или владеењето на правото?
Во текот на месеците јуни – јули јавноста беше преплавена со информации за судирот на интереси, за функционери/директори и советници, со двојни (тројни) функции, како на централно така и на локално ниво. Државната комисија за спречување на корупцијата (понатаму Антикорупциска комисија) гласно ги кажа имињата на лицата кои земаат по две или три плати, поголемиот број од нив звучни имиња на владејачката партија, но и опозицијата не заостанува.
Образложението на јавно прозваните лица беше дека не гледаат судир на интереси, ниту пак дека (некои од нив) имале намера да отстапат од едната функција. Еден градоначалник од владејачката гарнитура отиде и понатаму во објаснувањето и прокоментира дека “не е ништо страшно ако еден советник истовремено биде и директор, бидејќи државата ни е мала, па власта не може да најде луѓе за во влада, не да постават и директори и советници и пратеници и заменици и државни секретари“[10].
Најчестата појава на судир на интереси е кај општинските советници кои истовремено се и директори на јавни институции – училишта, претпријатија, установи, портпароли на министерства, државни службеници и слични функции.
Надлежен државен орган за решавање на споровите со судирот на интереси согласно Законот за спречување на судир на интереси[11] е Антикорупциската комисија. Од друга страна законот е многу јасен во делот на судирот на интереси. Истиот дава јасна дефиниција што се подразбира под судир на интереси (член 3 став 1 алинеја 1) “судир на јавните овластувања и должности со приватниот интерес на службеното лице[12], во кој службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз вршењето на неговите јавни овластувања и должности“. Законот оди и понатаму и објаснува што се јавни овластувања и должности (член 3 став 1 алинеја 2) “остварување на работи од јавен интерес под еднакви услови во материјална и нематеријална смисла“.
Законот исто така е многу јасен и дециден така да во член 8 предвидува дека службеното лице во време на извршувањето на јавните овластувања и должности не смее да врши никаква дејност која може да влијае на непристрасно вршење на јавните овластувања и должности. Членот 8[13] од Изборниот законик исто така го регулира делот со неспојливост на функцијата претседател на Републиката, пратеник, градоначалник и член на совет. Службеното лице е должно веднаш да побара да биде изземено и да запре со своето постапување, кога ќе дознае за околностите што укажуваат на постоење на судир на интереси[14].
Иако Собранието на Република Македонија донела многу јасен и читлив закон, сепак функционерите мува не ги лази. Истите место да го почитуваат законот и да постапат по законот како примерни граѓани на државата, кои треба да бидат пример за почитувањето на законите, останаа глуви на прекорите на јавноста и на јавните опомени на антикорупциска, која иако е државна комисија за спречување на судир на интереси никој не ја есапеше.
Откако Антикорупциска не стивнуваше со законски предвидените дејствија и јавно укажуваше на предметите со судир на интереси, за разрешување на настанатата ситуација се појави и Централниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ, кој на седница одлучил дека сите функционери од нивната партија до 31 август мора да одберат само една функција, односно народски кажано мора да одберат само една фотелја на која ќе седат и од која ќе земаат плата/паушал.
Како ова да не беше доволно, па Премиерот своите директори (на јавни претпријатија, државни агенции, фондови и инспекторати) ги повика на итен состанок во владата на тема откажување од двојните функции, кога им било потврдено ставот дека мора сами да одлучат за која функција ќе се определат, но за другата (другите) мора да се откажат до дадениот им рок.
После донесената одлука на Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ, очигледно највисокиот државен орган во земјава, и одржаниот состанок во Владата на РМ, лицата кои беа посочени како функционери со двојни (тројни) функции почнаа да поднесуваат оставки едни по други или групно, со образложение дека “ваквиот потег не е заради препораките од Антикорупциска комисија, ниту заради притисоците од медиумите, туку заради ставот кој го зазеде партијата ВМРО – ДПМНЕ“.
Бројката нa функционерите кои за една недела дадоа оставки во една од нивните функции стигна околу тринаесет, но во антикорупциската комисија наведуваат дека се чешлаат уште 50 предмети за 70 функционери кои примаат две или повеќе плати[15]. Првиот човек на комисијата вели дека бројкава е најмалку два и пол пати поголема.
По ваквиот тек на настаните се поставува прашањето, каде се изгуби обврската за почитување на законот, дали законите важат и за владино поставените функционери или за тоа се задолжени само обичните граѓани?
Место да се почитуваат законите, произлегува дека единствен закон што важи во државата е волјата на партискиот врв, па така партиските состаноци стануваат супститут на состаноците на државните органи, па донесените одлуки на Извршниот комитет на партијата без поголема полемика и прашина ги изгласува извршната власт. Ирационално за една демократска држава!
Иако Република Македонија е демократска држава во која како темелна вредност е предвидено владеењето на правото, ваквото постапување на државните функционери покажува дека институтот владеење на правото важи само на хартија и за обичниот граѓанин, но не и за владино поставените функционери за кои очигледно важат само одлуките на извршните комитети.
Хелсиншкиот комитет смета дека ваквото функционирање на државата е надвор од какви било нормални демократски системи.
Хелсиншкиот комитет потсетува на принципот на еднаквост на сите пред законите и Уставот, како и на одговорноста на поставените функционери, кои покрај законската и политичката одговорност треба да ја имаат и морална одговорност.
1.3. Бариера за новите верски заедници
Хелсиншкиот Комитет во рамките на својот мандат континуирано ја следи состојбата со практикувањето на правото на вероисповед во Република Македонија и во своите извештаи укажува на проблемите со кои се соочуваат граѓаните по ова прашање. Комитетот во неколку наврати се осврна на повеќе случаи кои претставуваат повреда на новиот закон кој требаше да претставува појдовна основа за уживање на правото на вероисповед.
Иако, законскиот текст изречно стипулира дека не е дозволена верска дискриминација[16], дека државата го почитува идентитетот на црквите и верските заедници и со нив развива облици на постојана соработка[17], како и создава услови за непречено извршување на нивните активности додека со закон може да се ограничи слободата на изразување на религија само доколку тоа е во интерес на јавната сигурност, поредокот, здравјето, моралот или заштита на правата и слободите на другите[18], сепак изгледа дека ваквиот закон не ја охрабри државата доволно за да може да ги попушти стегите на верскиот монопол и да дозволи регистрација на нови верски заедници во државата.
Најголемата новина во овој закон е што тој требаше да ги надмине проблемите од минатиот и да отвори нова ера на верски плурализам во Македонија, но сепак искуството на Хелсиншкиот Комитет од изминатата и оваа година со бројните претставки, покажува дека во земјата се случува токму спротивното.
Иако во јавноста провејува мислење дека проблем претставува само регистрирањето на црквата на Вранишкоски тоа не е точно зошто се поголем е бројот на одбиени барања за регистрација на различни заедници и тоа најчесто од бизарни и правно неиздржани причини.
Покрај случајот на Грко – православната Охридска Архиепископија на Пеќската Патријаршија, чие решение за одбивање е потврдено и од Апелациониот суд, ќе ги споменеме и барањата на Ставропигијалниот манастир Свети Јован Златоуст, потоа Црквата на Вистинските православни христијани во Македонија, како и она на Бекташката заедница, сите одбиени од причини како нејаснотија во датумите на основање, или неинформираност на судот за формата во која се бара регистрација, преку наводна дискриминација на сите останати заедници па се до произволно толкување на законот во спротивност со принципите на верскиот плурализам.
Во сите случаи видливо е користењето на исти објаснувања за различни случаи од страна на судот, како и само повторување на наводите на основниот суд од страна на апелациониот.
Од сето погоре може да се заклучи дека новиот закон не одговори на целта за која беше донесен а тоа е формирање на повеќе верски заедници и слобода на секој граѓанин да си ја практикува својата вера без разлика дали тоа се коси со интересите на големите верски заедници или не.
Ваквиот заклучок го потврдуваат и извештаите на ЕУ за прогресот на Македонија и Извештајот на Стејт Департментот за верските слободи, како и најновиот на Европската Комисија против расизам и нетолеранција, каде изречно се наведува дека отсуството на ефективна имплементација на законот ги оневозможува верските заедници да се здобијат со правен статус.
Водејќи се од фактот дека верскиот плурализам не е ништо друго освен карактеристика на современите демократии и услов за практицирање на човековите права во делот на вероисповедта, Европскиот Суд за човекови права е на гледиште дека неуспехот на државата да остане неутрална во практицирањето на власта и воедно нејзино директно инфилтрирање во одлуката кој може да формира религиозна група а кој не, претставува повреда на правото на слобода на религија загарантирано со членот 9 од Европската Конвенција за човекови права.
Хелсиншкиот Комитет констатира дека државата не успеа законските норми од хартија да ги преточи во реалност, туку напротив истата преку своите институции самата стана сопирачка на словото на законот, поради што ја повикува да ја промени оваа практика, а во име на почитување на законите и остварување на слободата на вероисповед за сите граѓани.
1.4. Социјалната сигурност – заборавено право во Македонија
Во изминатиов период бевме сведоци како централната институција на парламентарната демократија полека но сигурно прераснува во голем театар со многу актери, чија што претстава заслужува да се погледне.
Бројните инциденти, недоличното однесување, ниското ниво на култура, вулгарните испади станаа дел од секојдневната работа на Собранието на Република Македонија во изминатиов период и истите дефинитивно водат кон рушење на дигнитетот на Собранието.
Тензиите започнаа со дебатата по Предлог Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизацијата на претпријатија со општествена и државна сопственост. Расправата по предлог законот наместо да се води во насока на изнаоѓање на решенија за судбината на луѓето кои се оставени на милост и немилост, отиде во сосема спротивна насока.
Дебатата беше зачинета со груби меѓусебни обвинувања, лични навреди, закани, понижувања, за тоа кој ја предизвикал состојбата во која се наоѓаат околу 10.000 лица без работа, барајќи го виновникот за приватизацијата.
Очигледно дека пратениците во своите излагања го заборавија најбитното – „дека расправаат за правото на социјална сигурност и еднаквоста, неделив дел од човековото достоинство!”.
Правото на социјална сигурност на кое заборавија пратениците, е право кое е установено во Универзалната Декларација за човековите права на ОН каде е јасно наведено дека секој има право на животен стандард што нему и на неговото семејство ќе им обезбеди здравје и добробит, вклучувајќи храна, облека, живеалиште и медицинска грижа и неопходни социјални услуги, и право на осигурување во случај на невработеност. Во овој документ е наметната и обврска за државата да прави напори на национално ниво во насока на обезбедување на социјална сигурност.
Европската социјална повелба на Советот на Европа исто така зборува за обврската на државата да обезбеди право на заштита од сиромаштија и социјална исклученост.
Ова право не е непоимливо право во Република Македонија, туку напротив Уставот на Република Македонија го стипулира правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, и обврската државата да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, како и да им гарантира право на помош на немоќните граѓани.
Наместо расправа за со устав и закон загарантираните права на граѓаните во излагањата на пратениците преовладуваа партиските обвинувања што доведе до целосно дефокусирање од реалните проблеми кои постојат и со кои се соочуваат овие граѓани.
Пратениците како да заборавија дека нивниот мандат е добиен од граѓаните, дека тие се должни да ги претставуваат и застапуваат интересите на сите граѓани, и повеќе од очигледна беше дека постоечкиот проблем се искористи за добивање на политички поени.
Хелсиншкиот комитет нагласува дека пратениците односно Собранието се должни во своето делување да се водат од човековите права и слободи, нивна целосна реализација и почитување, односно нивните одлуки исклучиво да бидат водени од концептот на човекови права во чиј што фокус секогаш се наоѓа човековото достоинство и барем во тие моменти (при расправање во законодавниот дом) да ги заборават и остават настрана нивните матични политички партии.
1.5. Казна за непослушност и за професионалните војници
Иако Македонија (нормативно) е демократска држава со регулирани права меѓу кои и правото на изразување јавен протест, се чини дека една од задачите кои актуелната Влада сама си ги поставила е се поревносно задушување на јавните протести притоа не бирајќи средства и методи.
Покрај студентите од “Архибригада”, стечајците, фармерот од Битола, непослушните новинари, уште едни во низата на санкционирани протестанти се и професионалните војници кои се обидуваат да си ги остварат своите права од работен однос.
Професионалните војници додека се борат за своите права постојано беа предмет на разни мерки од забрана за користење на слободни денови, забрана за контактирање со медиуми, прекинување на годишен одмор и забрана за организирање на протест кои кулминираа со последните иницијативи за прекин на работниот однос …
Имено, на истите им бил понуден за потпишување договор за продолжување на договорот за работа на определено време кој меѓудругото предвидува војникот своето евентуално незадоволство да не го изразува во форма на протест, лични јавни истапи преку кои се нарушува угледот на Армијата и на РМ, а во спротивно тоа повлекува прекинување на работниот однос.
При одредувањето на ваквите обврски сепак не се имало предвид дека остварувањето на правата на вработените се уредуваат само со закон и со колективни договори со што аналогно со Договорот за вработување не можат да се определат помали права од оние утврдени со закон, туку напротив може да се нормираат само права кои се поповолни за работниците од законски утврдените. Исто така, правата утврдени со Устав и закон не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот, во овој случај Министерството за одбрана.
Правото на јавно изразување на мисла, говор и јавниот настап е гарантирано со Уставот на РМ[19] кој исто така во својот член 21 изречно обезбедува дека „граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола…”.
Со законот за одбрана штрајкот во армијата се забранува само во случај на воена и вонредна состојба, а во истите случаи се забранува и синдикалното организирање, во сите други околности важат општите правила од Уставот и Законот за работни односи.
Сепак, изгледа дека одговорните во Министерството имале на ум некое друго толкување на уставните и законски прописи кога издале Наредба со која најстрого се забранува давање на изјави во јавност на лица кои не се одредени – по формациска должност, компетентност или овластување. Па така согласно истата наредба е покрената Иницијатива против некои од професионалните војници, за утврдување на дисциплинска одговорност затоа што “именуваниот преку средствата за јавно информирање, а во улога на претставник на независен синдикат на професионални војници дал изјави со кои најпрво изнел невистини за општата состојба во Армијата на РМ и ги повикувал и поттикнал професионалните војници во служба на РМ да извршат повреда на воената дисциплина”.
Да биде апсурдот поголем, одговорните наведуваат дека “од непотврдени извори”?! дознале дека помеѓу именуваниот и органите за внатрешни работи дошло до вербална расправија на што органите употребиле сила, и со тоа војникот ја нарушил воената дисциплина ?!
Лакрдијата да продолжи, одговорните во армијата на РМ на основа на непотврдените извори и наводите спротивни на Уставот а со кои се погазува правото на изразување на мислење и протест, предлагаат на војникот да му се изрече дисциплинска мерка – прекин на работен однос.
За жал ваквиот однос на власта не може да се смета за ништо друго освен за груб обид за задушување на слободата на говор, протест и синдикално здружување користејќи закани за прекин на работниот однос за “непослушните”. Непотребно е да се нагласува дека ваквиот тренд за казнување на учесниците во протестите претставува погазување на основните човекови права и слободи.
Очигледно власта остана нема на постојаните укажувања на Хелсиншкиот Комитет со што Македонија уште еднаш не успеа да одгови на предизвиците со кои се детерминира нејзиниот статус како демократска држава, а тоа е овозможување на услови за непречено ползување на правото на јавен протест.
1.6. Говор на омраза
Во процесот на донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација јасно беше издвоена една група граѓани (ЛГБТ) често со досега невиден говор на омраза кон нив. Потоа, логично се појави и првиот пример на отворена, директна дискриминација на ЛГБТ луѓето. Во јуни на постерот за промоција на фестивал на моторџиско здружение (покровител на фестивалот е Градот Скопје) во еден дел пишуваше –„ забрането за алкохол, дрога, оружје, животни, 666 и педераси“!
Здружението „Светски македонски конгрес“ (СМК), по повод потврдувањето на затворската пресуда на Јован Вранишковски од страна на Апелациониот суд на 21 јули се јави со сопштение во кое меѓудругото се вели: „Изјавата на ѓаволската секта на Вранишковски, која поттикнува и разгорува национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, дека тој ќе “го носел и овој крст“ е пародија, затоа што тој од крстот се откажа кога се ороди со српската расколничка црква, грубо злоупотребувајќи ги верските чувства на православните верници од Повардарската епархија и во Македонија, истовремено одродувајќи се од мајката – Македонската православна црква…“. Не е прв пат СМК да шири верска нетолеранција или да повикува на линч по тој основ. Истомислениците на Вранишковски поднеле кривична пријава до Јавниот обвинител на РМ против СМК и предходно против лицето Јанко Бачев (во февруари годинава) за поттикнување верска омраза и насилство, за кои се уште немаат добиено одговор.
2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ
2.1. Случај Фаик Белани, Скопје
Од страна на г. Фаик Белани бевме известени дека неговата ќерка г-ѓа И. Белани на ден 22.12.2004 година била хоспитализирана во Специјалната болница за Гинекологија и Акушерство “Чаир“ – Скопје – Македонија со соодветна дијагноза видно од документацијата. На контролен преглед на ден 27.12.2004 година, било дијагностицирано Фетус Мортус. На пациентката истиот ден општата состојба и се влошило, поради што истата била транспортирана во Кома Центарот при Клиничкиот Центар за понатамошен третман.
На ден 05.01.2005 година пациентката починала, видно од потврдата за смрт и лекарскиот извештај за причината за смрт. Во текот на 2007 година, преку полномошник г. Белани се обратил до канцеларијата на Народниот правобранител, кои постапиле по поднесеното барање и доставиле одговор до истиот. Преку писмен допис странките се известени дека Народниот правобранител преземал мерки и дејствија (се обратил до Клинички Центар – Скопје, Министерство за здравство) и добил известување дека Министерството за здравство формирало Комисија која одлучила дека не е утврдено лекарска грешка, односно дека лекувањето било коректно изведено од страна на лекарскиот тим при Клинички Центар.
Преку поднесеното писмено барање до Хелсиншкиот комитет г. Белани побара да истражиме дали неговата ќерка добила соодветен медицински третман и лекарска грижа од медицинските лица при болницата во Чаир, да се утврди стручноста на лекарите, како и дали биле преземени сите чекори за соодветно лекување од страна на лекарите.
Хелсиншкиот комитет се обрати до Министерството за здравство со посебно барање да биде формирана посебна комисија се со цел да бидеме известени за постапувањето на медицинските лица при болницата во Чаир. Во почетокот на годината, претставници на формираната комисија одржаа состанок во Хелсиншкиот комитет заради расчистување на потребни детали за пријавениот случај.
На ден 05.05.2010 година добиен е одговор од страна на Министерството за здравство, во кој нема конечен заклучок во однос на постапувањето на медицинскиот персонал, заради недостапност на целокупната медицинска документација. Добиениот одговор Ви го доставуваме во прилог.
Имено, од страна на Министерството за здравство Хелсиншкиот комитет беше известен дека “Комисијата не може да направи комплетна евалуација на случајот поради недостапност на целокупната медицинска документација како од болницата во Чаир така и од Клиника за неврохирургија. Поради горенаведеното не е можно да се донесе заклучок дали починатата пациентка е лекувана согласно критериумите медицина базирана на докази.“ Понатаму во дописот се наведува дека “Комисијата е на мислење дека за здравствените установи кои биле вклучени во лекувањето на пациентката, треба да следат соодветни мерки поради неодговорно однесување со медицинската документација.“
Хелсиншкиот комитет, како невладина организација нема можност да ја цени стручноста и компетентноста за соодветно лекување од страна на медицинските лица кои постапиле со пациентката.
Хелсиншкиот комитет смета дека странката треба да поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје за едно кривично дело “Тешки дела против здравјето на луѓето“ предвидено во член 217 став 2[20] од КЗ и за едно кривично дело “Несовесно лекување болни“ по член 207[21] од КЗ и да побара да државните органи спроведат постапка за расчистувањето на дилемата која лебди, имало или немало несовесно лекување на пациентката во болницата во Чаир, бидејќи сол во раната додава и фактот што потребната медицинска документација некако чудно исчезнала.
2.2. Случај Роберт Поповски – Лоша достава или судска игра?
Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија на 16 Април 2008 година, до Основното јавно обвинителство во Струга поднесе кривична пријава против Н.Н. сторители за сторени кривични дела: “Малтретирање во вршење на службата“ од член 143 став 1 од КЗ, “Тешка телесна повреда“ и “Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување“ врз основа на член 142 став 1 од Кривичниот законик.
На 1 Февруари 2008 година околу 06.30 часот во домот на лицето Роберт Поповски дошла специјалната единица со налог за негово приведување. За време на приведувањето едно од службените лица без посебна причина го удрил Роберт со кундакот од пушката по вилицата. Роберт се жалел на повреда при што по притворањето е извршен лекарски преглед, констатирана е скршеница на вилицата и врз него е извршена хируршка интервенција на одделението за максилофацијална хирургија во клиничката болница во Битола, а потоа истиот е пренесен во Арестантското одделение при Клиничкиот Центар во Скопје врз основа на решение Ки.бр.19/08 од 6 Февруари 2008 година на Основен суд Битола.
Уште со самото поднесување очигледно беше бавното дејствување на надлежните органи. Моравме да реагираме до Основното јавно обвинителство за долгото траење на постапката, за на крај од страна на Основното јавно обвинителство во Струга на 20 Ноември 2008 година биде донесено Решение КО. бр. 131/08 со кое се отфрла кривичната пријава против С.Д., Т.Н., Д.Ѓ. и Н.Б. од Скопје, бидејќи не постојат основи на сомнение дека пријавените го сториле кривичното дело.
Хелсиншкиот Комитет упорно продолжи со барањето правда во конкретниов случај и поднесе субсидијарен обвинителен акт против четворица припадници на Министерството за внатрешни работи за “Тешка телесна повреда“, “Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување“ и “Малтретирање во вршење на службата“.
Кога конечно започна судската постапка се појави нов проблем кој повторно ја одолговлекува постапката – судската достава. Преку обидите за уредно доставување на обвинителниот акт, кои траат веќе една година, утврдивме дека проблемот со доставата и во голема мерка влијае врз судските постапки. Во конкретниов случај, иако постои уредна достава за тројца од обвинетите, за четвртиот во јануари 2010 Основниот суд во Струга добил известување од Министерството за внатрешни работи дека има промена на живеалиште и истиот живее во друг град.
Ништо немаше да биде спорно, ни чудно доколку од јануари до јуни 2010 година некој барем се обидел да го достави Обвинителниот акт до овој обвинет, но за жал таков документ нема во списите на предметот. Сега останува отворено прашањето дали ова е само игра за да се одолговлекува судската постапка и дали причината за истото е тоа што обвинетите се припадници на Министертвото за внатрешни работи?
Хелсиншкиот Комитет потсетува дека сите граѓани се еднакви пред законот и истиот мора подеднакво да се спроведува. Очекуваме судските органи да ги преземат сите неопходни мерки за да обезбедат уредна достава и конечно да започне судската постапка.
——————————————————————————–
[1] Жарко Трајановски во колумна во „Дневник“ (7.7.2010)
[2] Член 43 од Законот за Собранието на Македонија гласи: „Одржувањето на редот во зградата на Собранието и во просториите во кои работи Собранието го обезбедува посебна служба. Лицата од посебната служба за одржување на редот во зградата на Собранието на истакнато место на облеката носат обележје на Собранието на Македонија. Овластените службени лица на органите на државната управа не можат без одобрение на претседателот на Собранието да имаат пристап во зградата и во просториите на Собранието ниту да преземат мерки спрема пратениците, работниците во Службата и спрема други граѓани“.
[3] Во ваков случај, кога не постои законска основа да се врши обработка (или во конкретниов случај снимање) на личните податоци, тоа може да се врши единствено доколку претходно е обезбедена согласност од лицата (пратениците и вработените лица во Собранието, чие снимање или чиј видеозапис се врши).
[4] Положбата, составот, надлежноста и правното дејство на одлуките на Уставниот суд се посебно уредени со Уставот на РМ, додека само начинот на работата и постапката пред Уставниот суд, согласно со Уставот, ја уредува судот со свој акт – Деловникот на Уставниот суд. Мотивот на уставотворецот за таквото решение е обезбедување на автономност и целосна независност на Уставниот суд во однос на Собранието и другите државни органи.
Овој орган е институција на Уставот која основата и границата на вршењето на својата функција ја црпи единствено од Уставот и е во функција за неговото остварување. Таквата положба на Уставниот суд едновремено му обезбедува гаранција дека условите за остварување на уставно судската функција однапред се заштитени од нивното менување од страна на актуелните носители на политичката власт заради прилагодување на оваа функција на дневните политички потреби и интереси, како и дистанцирање од секаков политички авторитет, особено од оној што моментално е на власт.
Според Уставот, Уставниот суд ќе поништи или укине закон ако не е во согласност со Уставот, или ќе поништи или укине друг пропис ако не е во согласност со Уставот или со закон. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Несомнено е дека Уставот на одлуките на Судот им дава неприкосновен авторитет и задолжителност за сите правни субјекти на кои тие се однесуваат и против нив не се дозволени правни средства. Нивното дејство е erga omnes.
[5] „Во најголем дел веќе се извадени градежни дозволи и мислам дека нема да има некој сериозен застој, мислам дека ќе биде добро, за севкупниот проект нема да има преголеми проблеми“, изјави Никола Груевски според ТВ А-1 на 1.7.2010.
[6] Службен весник на РМ бр. 51/05, 137/2007 и 91/2009
[7] Службен весник на РМ 5/02
[8] Службен гласник на Општина Центар бр. 1/06
[9] Член 16 од Уставот на Република Македонија
[10] www.A1.com.mk/ судир на интереси во локалната власт – 15.07.2010 година
[11] Целта на овој Законот за спречување на судир на интереси е да се обезбеди спречување на злоупотребата на јавните овластувања и должности на службеното лице за остварување на користољубиви цели за себе или блиски лица и да се обезбеди спречување на можноста приватниот интерес на службеното лице да го загрози јавниот интерес.
[12] Член 3 став 2
Службено лице, во смисла на овој закон, се претседателот на Република Македонија, пратениците, градоначалниците, амбасадорите и другите именувани лица на Република Македонија во странство; избраните и именувани лица од и во Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, органите на државната управа и други државни органи, органите на судската власт, јавните претпријатија, установи, други правни лица на централната и локалната власт, државните службеници и вработените во органите на државната управа и други државни органи, органите на судската власт, јавните претпријатија, установи, други правни лица на централната и локалната власт, советниците во советите на општините, советниците во Советот на градот Скопје, како и лица вработени преку агенциите за привремено вработување со овластување утврдени со закон.
[13] Член 8 – Изборен законик
(1) Функцијата пратеник, член на совет и градоначалник е неспојлива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собранието) и Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата).
[14] Член 12 став 1 од Законот
[15] www.alfa.mk
[16] Член 4 од Закон за правната положба на црквите, верските заедници и религиозните групи, Сл.весник на РМ бр.113/07
[17] Ид,Член 6,
[18]
[19] Член 16 став 1 и 2 од Уставот на РМ
[20] Тешки дела против здравјето на луѓето – Член 217
(1) Ако поради делото од член 205 ставовите 1 и 2, член 207 ставовите 1 и 2, член 209, член 211 став 1, член 212 став 1, член 213 став 1, член 214 ст. 1, член 215 став 1 и член 216 ставовите 1 и 2 некое лице е тешко телесно повредено или здравјето му е тешко нарушено, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.
(2) Ако поради делото од член 205 ставовите 1 и 2, член 207 ставовите 1 и 2, член 209, член 211 став 1, член 212 став 1, член 213 став 1, член 214 став 1, член 215 став 1 и член 216 ст. 1 и 2 настапило смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.
(3) Ако поради делото од член 205 став 3, член 207 став 3, член 211 став 2, член 212 став 2, член 213 став 2 и член 214 став 2 некое лице биде тешко телесно повредено или здравјето му е тешко нарушено, сторителот ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(4) Ако поради делото од член 205 став 4, член 207 став 3, член 211 став 2, чл. 212 став 2, член 213 став 2 и член 214 став 2 настапила смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
[21] Несовесно лекување болни – Член 207
(1) Лекар што при укажување лекарска помош примени очигледно неподобно средство или начин на лекување или нема да примени соодветни хигиенски мерки, или воопшто несовесно постапува и со тоа ќе предизвика влошување на здравствената состојба на некое лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и бабица или друг здравствен работник што при укажување медицинска помош или нега постапува несовесно и со тоа предизвика влошување на здравствената состојба на некое лице.
(3) Ако делото од ставовите 1 и 2 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.