Двомесечен извештај (февруари – март 2011)
април 10, 2011
– ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
– СУДСКИ СЛУЧАИ
– ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА
___________________________________________________________________
ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
– Правото на слобода и сигурност и (зло)употреба на мерката притвор од судската власт
– Опасно засилување на спиралата на омраза и ксенофобија
– Дискриминација во Законот за семејство
___________________________________________________________________
Правото на слобода и сигурност и (зло)употреба на мерката притвор од судската власт
На многубројните укажувања на Комитетот, искажани преку месечните извештаи, за злоупотребата на мерката притвор и прекршувањето на правото на слобода и сигурност загарантирано со член 5 став 3 од Европската Конвенција за човекови права, Судовите остануваа глуви. Освен нашите препораки очигледно не се земаат во предвид ниту препораките во чие што изготвување и самите судии директно учествувале[1].
Јасен пример за леснотијата со која се изрекува оваа мерка се повеќе случаи меѓу кои т.н. случаи „Пајажина“, „Метастаза“ и „Фаланга“.
Во случајот „Метастаза“[2] од вкупно 36 обвинети лица, цела година во притвор се уште се наоѓаат три лица. Во безличните образложенија со кои на овие лица им е продолжуван притворот, Судот ги препишува законските основи за изрекување на оваа мерка.
Ваквиот вид на решенија се проблематични и за Европскиот Суд за човекови права во случајот „Змиско око“ каде е утврдено дека Република Македонија во односниот случај ја прекршила Европската конвенција за човекови права, со тоа што не обезбедила доволно причини за држењето на своите граѓани повеќе од осум месеци во постојан притвор.
Основниот Суд при крајот на минатата година прави обид да го замени притворот со поблага мерка- куќен притвор согласно законските можности, но Апелациониот суд повторно се навраќа на старата пракса, наведувајќи дека не го гледа за оправдан заклучокот на Судот дека целта на мерката притвор би се постигнала и со изрекување на поблага мерка.
Неколкуте обиди да се понуди гаранција во износ кој ја надминува вредноста за која се теретат обвинетите (211.507 , 466.062 и 720.000 евра), поминаа безуспешно а предлозите беа одбивани без соодветно образложение, повторно внесувајќи ги непоткрепените образложенија од типот на „постоење опасност од бегство…. начинот на извршување на делото…..пропишаната кривична санкција“.
Конечно Судот одлучи да ја прифати понудената гаранција. За разлика од гаранциии за останатите обвинети (кои се со очигледено помал износ) и беа прифатени од страна на кривичниот совет, вредноста на гаранцијата за прво обвинетиот е во очигледен несразмен, што говори за нееднаквиот третман од Судот кон обвинетите во постапката.
Европскиот суд за човекови права утврдува дека “потребата за континуирано лишување од слобода не може да се проценува од чисто апстрактна точка на гледање, земајќи ја предвид само сериозноста на престапот. Тоа мора да биде утврдено со реферирање на други бројни релевантни фактори… “, како што и продолжувањето на притворот НЕ МОЖЕ да се користи како вид на казна, што често се случува во македонската реалност.
Европскиот Суд за човекови права како проблем го истакнува фактот дека домашните судови не ги објаснуваат своите одлуки зошто алтернативите на лишувањето од слобода не се доволни да обезбедат судењето да се одвива со соодветиот тек.
Судот говори и дека домашните судови не утврдуваат постоење на било каков конкретен факт во поткрепа на нивните заклучоци, не се дадени причините за тоа зошто последиците и опасноста од бегство се чинат помалку опасни за жалителите, од нивниот континуиран притвор.
Во низата примери за користењето на оваа мерка како казна и затворање на обвинето (de jure но НЕВИНО лице) за сторено кривично дело се и случаите „ Фаланга“[3] и „Пајажина“[4].
Случајот „Пајажина“ кој се однесува на 20 обвинети за злосторничко здружување и даночно затајување, мерката притвор за дел од обвинетите трае речиси 5 месеци. И покрај укажувањата на стручната јавност за злоупотребата на мерката притвор и нејзиното користење како казна за обвинетите, сепак Судот остана глув на истите. По немилите настани во која една од притвореничките го изгуби своето бебе, Судот реши за дел од обвинетите да определи поблага мерка (куќен притвор).
Апелациониот Суд ги одобрува мерките по кои посега кривичниот совет при Основниот Суд, потенцирајќи ја специфичноста, карактерот на делата, степенот на општествена опасност, постоењето реална опасност од бегство и можноста да биде попречувана истрагата. За жал и во ова решение отсуствуваат конкретни показатели за потребата од оваа мерка. Судот за својата одлука наоѓа оправдание во чл.5 ст.1 на Европската Конвенција за човекови права но очигледно дека подзаборава на праксата на Судот и константите насоки кои истиот ги дава.
Последен во низата случаи во кои постои злоупотреба на мерката притвор е и случајот „Фаланга“ во кој се обвинети вкупно 23 лица за злосторничко здружување и отуѓување на културно наследство во државна сопственост. Притворот е изречен во месец Јуни а до ден денес трае за дел од обвинетите. Решенија за изрекување и продолжување на мерката притвор во овој случај го имаат истото образложение како и во претходно наведените случаи „Постоење опасност од бегство и можност да бидат повторени кривичните дела“.
Комитетот континуирано реагира на лошата пракса на Судовите, во поглед на мерката притвор, гледана преку носење на решенија со непоткрепени образложенија за изрекување и продолжување на оваа мерка, неприменување на поблагите мерки и воедно ги повикува Судовите при изрекување на мерката притвор сериозно и со должно внимание да ги земат во предвид насоките и препораките дадени од страна на Европскиот Суд за човекови права.
______________________________________________________________
Опасно засилување на спиралата на омраза и ксенофобија
Хелсиншкиот Комитет е крајно загрижен за отворањето на спиралата на ксенофобијата, за која имаме свежи примери од деведесеттите години во нашето соседство како завршува. Ничие останување или освојување на власта не е вредно за набркување на нашите пријатели и туркање на државата во темните води на неизвесноста и изолацијата. Измислувањето на нови непријатели и нови поголеми проблеми од претходните нерешени, не е излез туку продлабочување на кризата, која ја нагризува и заматува претходно утврдената насока накаде се движиме, кои се нашите вредности и каде е иднината на нашата држава.
Во месечните извештаи за септември и октомври минатата година Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија предупреди за трендот на измислување на внатрешни непријатели, обиди за дискредитација на граѓански организации, активисти, интелектуалци, медиуми и други луѓе и групи кои не мислат исто како Владата на Република Македонија.
Овој начин на пресметка и замолчување на неистомислениците, како метод користен во добро познати, одамна поразени режими во Европа, за кои мислевме дека нема да се повторат, за жал најде плодно тло во нашата млада и кревка демократска традиција. Последниов период сме сведоци на земање замав на овој тренд и проширување на списоците на „непријатели“ со странските претставници во земјава. Се напишаа писма и се пуштија во Брисел, а и се пуштија „пораки“ преку медиумите против амбасадори како Фуере, Филипини, Рикер, кои се докажани пријатели и поддржувачи на Македонија. За жал, ова е само потврда на карактеристиките кои ги има политичката структура која владее со институциите во државава.
Стравот од неисполнетите ветувања, упорното осиромашување на народот, нефункционирањето на правната држава, крајната партизација а со тоа и парализирање на администрацијата, како и сe поголемата разочараност на граѓаните, во никој случај не смее да е поттик за панично барање виновници насекаде освен кај себе.
Ги повикуваме политичките партии на дијалог и решавање на проблемите на граѓаните и суштински договор во име на иднината на Република Македонија, зашто барајќи „непријатели од надвор“, самите стануваат непријатели на иднината на сопствените граѓани и држава.
____________________________________________
Дискриминација во Законот за семејство
Хелсиншкиот Комитет поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација со барање да се утврди дискриминација и да се даде препорака за промена на членот од Законот за семејство во кој е предвидено дека: “Под блиски лични односи во смисла на овој закон се подразбираат лични односи помеѓу лица од различен пол кои се или биле во партнерски односи, а не живеат во вонбрачна заедница.“ Во тек е и подготовка на иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за укинување на овој член од законот.
Законот за семејство препознава и признава само заедници меѓу лица од различен пол. Со ваквата дефиниција на „блиските лични односи“, во Законот за семејство на партнерите од ист пол не им се признава право на заштита во случај на насилство во меѓусебните односи.
Семејното насилство се појавува кога одреден член на семејството, партнер или поранешен партнер, физички или психички се обидува да доминира врз другиот. Семејното насилство често се однесува на насилство меѓу брачните другари или малтретирање на брачниот другар, но исто така може да вклучува партнери кои живеат вонбрачно и интимни партнери кои не се во брак.
Законот за семејство на Република Македонија под семејно насилство подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема:
– брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство,
– поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, вклучувајќи ги односите кои настануваат со посвојувањето и старателството.
Семејното насилство мора да биде законски санкционирано во сите случаи на негово појавување. Во никој случај заштитата од семејно насилство не смее да биде ограничена на фактот дали лицата помеѓу кои настанало насилството се од ист или различен пол.
Законот за спречување и заштита од дискриминација, предвидува забрана на секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување.
Хелсиншкиот Комитет очекува дека по поднесеното барање и иницијатива, Комисијата за заштита од дискриминација и Уставниот суд како надлежни органи ќе ја утврдат повредата на правото на заштита од дискриминација и дека Уставниот суд ќе го укине членот 94-а став 2 од Законот за семејство.
_______________________
СУДСКИ СЛУЧАИ
– Повреда на право на судење во разумен рок
(Случај – “Змиско око 2”)
– (Не)законското работење на извршителите останува неказнето
(Случај – Соња Шилкоски)
– Повреда на право на судење во разумен рок
(Случај – “Змиско око 2”)
________________________________________________________________________________________
Повреда на право на судење во разумен рок
Во мај 2008 година јавноста беше запознаена со уште една полициската акција на спектакуларни приведувања проследена со медиумска покриеност, таканаречена “змиско око 2”, во која 25 лица вработени во ЈП “Македонија пат” беа приведени и изведени пред истражен судија.
Сите тие се обвинети под сомнение дека како службени лица во ЈП Македонија пат, извршиле кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување”[5], а со намера претходно обвинетите во случајот “змиско око 1” во својство на инкасанти на наплатни станици да прибават значителна имотна корист. Притоа, тие дејствувале како добро организирана група поради што се теретат и со кривичното дело “Злосторничко здружување”[6].
Покрај повредата на правото на приватност преку јавното жигосување на обвинетите, повеќе од евидентна е и повредата на начелото на пресумпција на невиност во ситуација кога група на лица се обвинети за кривично дело поврзано со претходно кривично дело за кое сеуште не е докажано дека постои, односно овие луѓе се товарат дека го помагале криминалот на обвинетите во “змиско око 1” за кои сеуште нема правосилна пресуда и не постои докажана вина ?!?
Паралелно со поведувањето на кривичната постапка обвинетите се отстранети од работа со образложение дека сториле повреда на работните обврски и дисциплина затоа што на истите во кривична постапка им е определена мерка притвор или куќен притвор соодветно, а во врска со работата и вршењето на работните задачи. Отстранувањето од работа трае се до завршувањето на постапката. Значително е што и покрај престанувањето на причината за суспензијата од работа, обвинетите сеуште не се вратени на работа.
Сепак, да биде иронијата поголема случајот веќе три години се наоѓа на судење во прв степен очигледно чекајќи го исходот од претходната постапка за случајот на “змиско око 1” и постојано се одложува најчесто поради отсуство на претставници на државни институции кои се повикани како сведоци.
Притоа, обвинетите се изложени на исчекување како и на адвокатски трошоци, а со отстранувањето од работа и на континуирано загрозување на правото на работа и соодветна заработувачка. Со тоа се создава состојба во која обвинетите се отстранети од работа но добиваат личен доход, а на нивно место се примени други граѓани кои за истата работа исто така примаат личен доход.
Хелсиншкиот Комитет констатира дека со своето неодговорно постапување институциите водат судска постапка директно спротивна на принципот за судење во разумен рок, со што се поткопува правниот поредок и штети на почитувањето на човековите права на обвинетите во случајот, поради што Комитетот апелира надлежните да ја променат оваа пракса.
___________________________________________________________________
(Не)законското работење на извршителите останува неказнето
(Случај – Соња Шилкоски)
Во изминатиов период работата на извршителите се повеќе е ставена под лупа на јавноста, преку актуелизирање на низа случаи во кои извршителите постапувале спротивно на законските одредби, повредувајќи ги достоинството на личноста, правата на должникот, етичките норми, професионалните стандарди и правилата на извршителската должност. Таков е и случајот на странката Соња Шилкоски, која се обрати до Хелсиншкиот Комитет.
До странката е доставен налог за извршување, односно примопредавање на канцеларија со клучеви што ги користи директорот СОУ „Крсте Петков Мисирков“ Демир Хисар, како и клучевите, печатите и целокупната документација од училиштето и истите да му се предадат на доверителот.
Уште пред да и биде доставено правосилното решение, извршителката Н.И. на лице место извршила одземање на наведените предмети за што е составен и соодветен записник.
Потоа следува налог за забрана на побарувањето на должникот/странката Соња Шилкоски во банка или штедилница, со кој се става забрана на побарувањата врз паричните средства во износ од 82.886,оо денари, и се забранува да се врши исплата и располагања со паричните средства.
Заменик претседателот на Основниот Суд Битола, со решение приговорот го усвојува и ги става вон сила дел од преземените извршни дејствија, т.е. се утврдуваат неправилности кои се состојат во носење налози за извршување (и покрај исполнета обврска) наместо да биде донесен само заклучок за трошоци со спецификација за секој трошок поединечно во согласност со тарифата за награда и други трошоци за извршување.
И покрај укажувањата од Судот за сторените неправилности, од страна на извршителката Н.И. од Битола донесен е заклучок за утврдување на трошоци за извршување во вкупен износ од 82.886.00 ден во кој износ се тарифирани и извршите дејствија ставени вон сила од страна на Судот.
Претседателот на Основниот Суд во Битола, постапувајќи по приговорот носи решение со кое приговорот се уважува делумно и поголемиот дел од заклучокот за трошоци се ставаат вон сила. Во решението е наведено „извршителот побарува трошоци од должникот за преземени дејствија кои тој не би требало да ги презема и дејствија кои се ставени вон сила. Со тоа што тие дејствија се ставени вон сила, се смета дека тиe воопшто и не се преземени па должникот не може да биде задолжен со тие трошоци“
Странката во 2008 год. поднесува приговор до Комората за извршители на Република Македонија за постапувањето на извршителката. Дисциплинската комисија при Комората со решение пријавата ја препраќа на надлежност на претседателот на Комората. Комисијата образложува дека не е надлежна да одлучува од причина што предметот по содржина се однесува на примена на тарифата за награди и други трошоци.
Од страна на претседателот на Комората е постапено по приговорот по цели две години и странката е известена „Со оглед да извршителот во заклучокот за утврдување на трошоци за извршување, тарифирал и налози кои се ставени вон сила, на МИСЛЕЊЕ СУМ дека во овој дел погрешно е применета Тарифата за награди и други трошоци за работа на извршителите“.
Освен штурото известување дека претседателот на Комората на извршители е на МИСЛЕЊЕ дека е сторена повреда на Законот во известувањето не е наведено КОИ ДЕЈСТВИЈА ќе бидат преземени, односно дали ќе биде покрената дисциплинска постапка во случај во кои постојат бројни повреди кои потпаѓаат под „тешки повреди“ на службената должност во Законот.
Хелсиншкиот Комитет за човекови права очекува одговор од страна на Комората за овој случај каде станува збор за еклатантно прекршување на Законот за извршување (потврдено и од страна на Претседателот на Комората) и сериозно прекршување на правата на должникот.
Согласно законот неопходно е да биде поведена дисциплинска постапка за нестручно и несовесно работење од страна на извршителката Н.И.со што допринела за повреда на службената должност, подзаконските акти и актите на Комората со кои се уредува работењето на извршителите.
Во наведениот случај не станува збор само за погрешна примена на Тарифата за награди и трошоци туку и за непочитување на судските решенија и доведување во прашање на животната егзистенција на семејството на странката.
__________________________________________________________
ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА
– Спроведување на трансформацијата на работниот однос од определено во неопределено време во пракса
За трансформацијата на работниот однос од определено на неопределено време по исполнување на одредени услови предвидени со Законот за работни односи (исклучиво поврзани со истек на одреден временски период), на широко се дебатираше во јавноста изминатиот месец. Сепак ваквата дебата трае веќе подолго време, имајќи во предвид дека Хелсиншкиот комитет во своите извештаи за месец декември 2007/јануари 2008 и мај 2008 укажа на правната празнина во Законот за работни односи, и следствено различната судска пракса по ова прашање.
Дополнително, власта во обид предизборно да го “дорегулира“ ова прашање со предложените дополнувања на член 46 од Законот за работни односи, всушност и не внесува голема новина, освен со можност за трансформација на работниот однос со пократок рок. Дека е ова така, покажува фактот што не само работодавачите, Министерството за образование и наука и Министерството за финансии, туку и судовите се соочуваа со проблеми дури и при јасни ситуации на непрекинато работење и повеќе од пет години.
Собранието на Р.М. даде зелено светло и ги изгласа предложените дополнувања на член 46 од Законот за работни односи со кој се уредува предметната проблематика. Освен веќе предвидениот услов во членот 46 (… работникот да продолжи да работи и по истекот на 5 години …), според новиот став 4, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може ПО ИСКЛУЧОК да биде трансформиран ако работникот работи повеќе од две години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот.
Всушност, околностите кои претставуваат исклучок, во најголем дел се истите оние околности (пензионирање, смрт, спогодбено преземање во друга установа или институција, раскинување на договор за работа) под кои работниците работат и повеќе од пет години. Имено, доколку досега работниот однос на упразнети работни места не секогаш се трансформираше по истекот на пет години и по автоматизам, тогаш која би била причината да веруваме дека оваа нова одредба ќе го разреши проблемот, особено кога е оставено на самоволието на работодавачот да оцени дали има трајна потреба од работникот.
И досега работодавачите не постапуваа во најдобар интерес на работниците, па истите се отпуштаа непосредно пред истекот на законски предвидениот рок и вработуваа повторно нов работник, што би значело за работно место за кое има потреба.
За ситуацијата да биде поалармантна и судската заштита затајува во оваа област. Наместо судовите да се јават како заштитници на словото на законот некои од нив си земаа за право преку својата пракса и погрешно толкување на одредбите да бидат најголемата пречка за заживување на овие одредби.
Класичен пример за наведеното претставува случајот на странката Н.С. вработена со договор за определено време како наставник во основно училиште континуирано од 2000 год. заклучно до месец Септември 2008 год. кога поднесува тужба за трансформација на работниот однос во неопределено време.
Основниот Суд во Тетово со пресуда го усвојува тужбеното барање и го трансформира работниот однос, поради исполнување на законските услови. Апелациониот Суд во Гостивар одлучува постапката да биде повторена поради погрешно и нецелосно утврдената фактичка состојба, односно истиот смета дека од страна на Основниот Суд Тетово треба да биде утврдено колку извршители работат на истото работно место, колку се предвидени со актот за систематизација. Исто така Судот потенцира дека е потребно постоење на согласност од Министерството за образование и наука и обезбедување на парични средства од страна на Министерството за финансии за засновање на работен однос на неопределено време.
Основниот Суд повторно го усвојува тужбеното барање на страната со тоа што во својата пресуда наведува „судот е надлежен да ги спроведува Уставот, законите и меѓународните ратификувани договори а не да преиспитува дали Министерството за образование и наука дало согласност и обезбедило парични средства за исплата на плати, ниту пак колку извршители на работното место на тужениот му се потребни“. Основниот Суд правилно констатира дека „никаде во одредбата на Законот за работни односи не е поставен услов дали и колку извршители на тужениот му се потребни и дали Министерството за образование и наука дало согласност и обезбедило средства за исплата на плата на странката“
За овој Суд, кое претставува и правилна примена на членот 46 од Законот за работни односи, самиот факт дека странката продолжила да биде ангажирана од страна на основното училиште на договор на определено време повеќе од 8 год. упатува дека не постојат ниту законски, ниту финансиски пречки за трансформација на работниот однос во неопределено време.
И додека повисокиот суд води инает за нешто што не е јасно стипулирано со самиот закон, работникот останува со нерешен работен статус и основните права кои произлегуваат од истиот.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ повторно потсетува на потребата за конструктивна измена или дополнување на спорните законски одредби, како би се надминало самоволието на работодавачите, Министерствата за образование и наука и финансии, како и различната судска практика на ова поле. Ова особено бидејќи судовите ја заобиколуваат обврската за пополнување на правните празнини и придонесуваат за проширување на просторот за самоволно однесување на работодавачите и неоправдано долго траење на работниот однос на определено време, и покрај јасната определба дека судскиот спор за трансформација на работниот однос треба да биде окончан со утврдителна пресуда.
——————————————————————————–
[1] Здружение на судии на Република Македонија „Прирачник за примена на мерката притвор“
[2] Случај „Метастаза“ обвинение против 36 лица, поголемиот дел од нив припаѓаат на лекарската фела, за к.д. Злосторничко здружување и Злоупотреба на службената положба и овластување од КЗ
[3] Вкупно 23 обвинети, поголемиот дел за К.д. злосторничко здружување и к.д. отуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост
[4] Вкупно 20 обвинети, за к.д. злосторничко здружување и даночно затајување
[5] од член 353 ст.5 вв со ст.3 вв со ст.1. вв со член 45 од Кривичен Законик
[6] по член 394 ст.2 од Кривичен Законик.