Двомесечен извештај (декември 2008 – јануари 2009)
февруари 10, 2009
I. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
1.1. Забрана на абортусот или пат кон теократија?
1.2. Распределба на средства од буџетот на РМ здруженија на граѓани и фондации
1.3. Венецијанската комисија го потврди ставот на Хелсиншкиот комитет за антидискриминационото законодавство во Македонија
1.4. Ако денот по утрото се препознава…
1.5. Непочитување на законските обврски и должности од страна на Основното јавно обвинителство и истражен судија при Основен суд Скопје 1 – Скопје
1.6. Посета на Ј.У. Меѓу – општински Центар за социјални работи Македонски Брод и згрижувачките семејства во с. Манастирец
II. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВA
2.1. Случај Ѓорѓи Билјаноски
2.2. Законот за платен промет предизвикува повреда на социјалните права на граѓаните
2.2.1. Случај Милка Симоновска
2.2.2. Случај Милош Наумовски
III. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ
3.1. Грубо пречекорување и изигрување на правото на задржување
3.1.1. Случај Тодоровски Гоце, Алексовски Благојче и Велковски Сашо, Битола
3.1.2. Случај Катерина Петро, Скопје
3.2. Случај Ванчо Георгиевски
—————————————————————————————–
I. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
1.1. Забрана на абортусот или пат кон теократија?
Дали Македонија ја тресе тренд каде наместо почитување и унапредување на човековите права и демократијата почнува да се навлегува во период на теократија[1]?
Имено, по втор пат, се појави кампањата против абортусот, речиси во исто време со кампањата на Владата на Република Македонија за трето дете. Зачудувачки, но навредливо, оние кои ја организираат, спроведуваат и застапуваат ваквата кампања, иако наводно се уште не е познат организаторот, како да подзаборавиле дека наталитетот не е државна или било чија алатка која може да се промени преку ноќ, да се одржува или зголемува на сметка на човековите права, правото на избор и достоинството на жената.
Веднаш потоа се појавија и многубројните негодувања од невладините организации, со исклучок на невладината „Ревита“ која упорно се бори за забрана на абортусот, користејќи притоа лажни податоци, без да води сметка за државните статистички податоци достапни за секој граѓанин на официјалните интернет страници на надлежните органи.
Имајќи ги во предвид Законот за прекинување на бременоста, Правилникот за начинот на работата на лекарот и првостепената и второстепената комисија за одобрување на прекинување на бременоста, многубројните домашни и ратификувани меѓународни конвенции за заштита на човековите права, посебно правата на жената, Хелсиншкиот комитет за човекови права ги подржува реакциите на Коалицијата за промоција и заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници, посебната реакција на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, како и на сите останати во насока против кампањата за забрана на абортусот.
Имено, прекинот на бременоста е на сеопфатен начин регулиран во нашата држава со посебен закон, каде уште во самиот член 1 од Законот за прекинување на бременоста е изречно стипулирано дека: „Прекинувањето на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена. Правото на прекинување на бременоста може да се ограничи само заради заштита на здравјето на бремената жена“. Сите причини поради кои може да се ограничи прекинувањето на бременоста во полза на здравјето на бремената жена се стриктно уредени во натамошните членови од споменатиот закон. Од друга страна, начинот и условите под кои треба да работат лекарот, првостепената и второстепената комисија во овие случаи се поконкретно и строго уредени со Правилникот донесен за таа цел, каде меѓу другото се одредува дека: „Лекарот во здравствената организација, врши прекин на бременоста по констатацијата дека бремената жена не поминала повеќе од 10 недели на бременост од денот на зачетокот и дека нема основ за сомневање за настапување на штетни последици по здравјето на жената“.
Со вака постоечката прецизна законска регулатива при чие донесување целосно се водело сметка за здравјето на жената, нејзиното право на слободен избор и достоинство, сите кампањи за нивна измена во насока на општа забрана на абортусот немаат никаква основа, дотолку повеќе што ратификуваните меѓународни документи кои, меѓу другото, ја обврзуваат и Република Македонија го зборуваат спротивното. Доволно е само да се споменат Универзалната декларација за човековите права и слободи, Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација против жената, Европската социјална повелба, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, и посебно Препораките на Експертската група од конференцијата за раст на популацијата и демографската структура при Обединетите нации кои: „Почитувајќи го правото на брачните парови и индивидуи слободно да го изберат бројот на своите деца, ги повикува Владите и меѓународната заедница да дадат приоритет на зголемување на квантитетот и квалитетот на програмите за здравствена грижа и репродукција“. Значајно е да се споменат и Препораките на Експертската група од конференцијата за популацијата и жената при ООН, кои во Препораката бр. 8 одредуваат: „Жената што сака да ја прекине својата бременост треба да има пристап до доверливи и веродостојни информации, пријатно советување и пристап до сигурен сервис за прекин на бременоста“.
Тинејџерите признаваат дека немаат со кого отворено да разговараат за прашања поврзани со сексуалниот живот и со репродуктивното здравје, а родителите најчесто не се подготвени да прифатат дека децата се сексуално активни, па ги избегнуваат таквите разговори. Оттука, подобро би било државата да се посвети повеќе на барање алтернативни начини за намалување на несакана бременост, особено преку стимулирање на младите брачни двојки во полето на планирање семејство, начини за подигање на свеста кај тинејџерите, едукативни програми за сексуалното здравје и контрацепционите средства, наместо да се занимава со мерки со кои на сила ќе го зголемува наталитетот преку повреда на основните права на жената.
Зачудува и фактот што само неколку месеци по усвојување на Стратешката проценка на политиката, квалитетот и пристапот до контрацепција и абортус во Република Македонија, документ изработен од страна на Министерството за здравство и Републичкиот завод за здравствена заштита, се прават чекори спротивни на основните задачи и цели предвидени во самиот документ. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во 2006 година, стапката на наталитетот во Македонија е 11.1 на 1000 жители, а стапката на морталитет е 9.1 на 1000 жители, што покажува стапка на годишен прираст на населението од 2.0 на 1000 жители, како и дека во Македонија во изминатиов период бројот на регистрираните абортуси е во постојано опаѓање, па така во 1991 година бројот на абортуси изнесувал 665.1 на 1000 живо -родени деца, за разлика од 2006 година кога истиот е намален на 272.9 на 1000 живо – родени деца. Охрабрувачки се и податоците дека во Македонија се бележи силно опаѓање на стапките на доенечка смртност, како и опаѓање на стапката на матернална смртност.
Дури и да не е така, Владата на Република Македонија секогаш треба да ги почитува човековите права, особено правото на слободен избор, и согласно Стратешката политика во соработка со Министерството за здравство континуирано треба да работат на планот на идентификување на состојбата, проблемите и пронаоѓање на најадекватни решенија преку ангажман на сите релевантни институции во земјата со кој ќе се подобри сексуалното и репродуктивното здравје. Преку координација да ги остварат главните цели поради кои е донесена таквата Стратешка политика, а имено, само да ги потсетиме, тоа се: како да се намали потребата од абортус, а не како истиот да се забрани, како да се подобри пристапот и достапноста до контрацепција, како да се подобри квалитетот на услугите за абортус и да се заштитат правата на репродуктивно здравје на жената, а не да се воведуваат мерки со кои ќе се зголемат нелегалните услуги за абортус на штета на здравјето на жената.
Од друга страна, точно е дека секое дете има право на живот, но право на достоинствен и среќен живот, исполнет со љубов и семејна топлина а не на живот со чувство на непожелност и отфрлање. Дотолку повеќе што Република Македонија нема изградено адекватен систем за згрижување на децата без родителска грижа и отфрлени од семејството чиј број може да се претпостави дека ќе се зголеми во ситуација на забранет абортус.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува надлежните државни органи и институции да се заложат за доследно исполнување на целите предвидени во неодамнешната Стратешка политика и насочување на активностите најмногу кон промоција и подобрување на репродуктивното здравје кај жените, со посебен акцент на адолесцентната популација и жените во руралните средини, преку здравствено -воспитна дејност и совети за заштита од несакана бременост и безбедно сексуално однесување.
1.2. Распределба на средства од буџетот на РМ здруженија на граѓани и фондации
На 25.12.2008 година во Службен весник на Република Македонија се појави информацијата дека Владата на Република Македонија на седницата одржана на 2.12.2008 донесе одлука за распределување на средства од Буџетот на Македонија наменети за здруженија на граѓани и фондации. Конкурсот беше распишан крајот на февруари 2008г. со рок за поднесување на апликациите до 7 март 2008.
И покрај тоа што Владата: има објавено стратегија за соработка со невладиниот сектор, како и акциски план за периодот од 2007-2011 година; заради обезбедување на транспарентност, определување на основни организациски критериуми и ефикасно следење на финансиската подршка на здруженијата на граѓани и фондации има утврдено Кодекс на добри практики за финансиска подршка на здруженија на граѓани и фондации; една од препораките на извештајот на ЕУ за напредокот на Мекедонија е зајакнување на соработката со невладиниот сектор и зголемување на транспарентноста за распределбата на средствата… по стариот добар обичај, средствата повторно беа распределени на 83 организации, но без транспарентни и јасни критериуми за распределба.
Еден од организациските критериуми објавени во повикот беше и „Да се занимаваат со активности и проекти од јавен интерес“. Прашање е колку од организациите кои имаат добиено средства имаат искуство со проекти од јавен интерес, а колку со локален развој, ова повеќе што со децентрализацијата, локалните здруженија ја имаат можноста да аплицираат и за средства од локалната самоуправа. Во контекст на претходново, барем според насловите на проектите, дел од проектите сигурно влегуваат и во доменот на други Министерства (математички олимпијади, културни и спортски манифестации и сл.)
Според Кодексот, во огласот не беше објавена методологијата за вреднување на предлог проектите, па изгледа затоа организациите кои беа одбиени не добија ни соодветно објаснување зошто се одбиени за да можат во иднина да го подобрат квалитетот на своите апликации.
Граѓаните на Македонија имаат право да знаат како се трошат нивните пари. Досега Владата нема објавено ниту финансиски ниту наративни извештаи за проектите за кои претходните години се дале средства. И оваа година, и во одлуката и во соопштенијата на веб страните, фигурира само името на организацијата, насловот на проектот и сумата. Како граѓани на Македонија имаме право да знаеме доколку имаме некој проблем или сакаме да се вклучиме во некоја од активностите кои Владата ги поддржува, каде да се обратиме.
Во оваа смисла побаравме одговори од генералниот секретаријат на Владата и добивме писмо во кое Генералниот секретар практично не одговара на ниту едно суштинско прашање.
Без понатамошна анализа уште еднаш ќе го повториме ставот на Комитетот кој е ист како и минатата година:
Невладините организации постојат за да им помогнат на граѓаните во остварувањата на нивните потреби кои државата не може да ги исполни. Во Република Македонија за жал се уште не е воспоставен механизам преку кој невладиниот сектор ќе добива поддршка врз објективни критериуми кои ќе овозможат вреднување на активностите на невладините организации без политичко влијание на оние кои се на власт. Ова е уште повеќе потребно во времето кога странските поддржувачи на невладиниот сектор полека но сигурно се повлекуваат од помагањето на македонските здруженија на граѓани и фондации или пак имаат излезни стратегии за наредните години. Владата на Република Македонија која парадно објавува стратегија за соработка со невладиниот сектор, како и акциски план за периодот од 2007-2011 година, токму со воспоставување на овој механизам, и никако поинаку, ќе помогне невладините организации да си го најдат своето место и да ги остваруваат своите заложби во нашето општество. Владата треба да ги почитува документите што ги донела како пример за владеење на правото.
1.3. Венецијанската комисија го потврди ставот на Хелсиншкиот комитет за антидискриминационото законодавство во Македонија
Иако Хелсиншкиот комитет во изминативе пет години укажуваше дека има потреба од итно донесување на посебен закон за заштита од дискриминација кој ќе биде јасен и недвосмислен и во согласност со меѓународното право и потребите на граѓаните во Македонија; иако Хелсиншкиот комитет во текот на 2005 година изработи и поднесе ваков предлог на закон до парламентот; иако Хелсиншкиот комитет редовно ја алармираше македонската јавност од потребата за нормативно обликување на оваа сфера како и постоењето на правна празнина и неможност македонските граѓани да бидат заштитени… македонските носители на власта остануваа глуви по ова прашање и изнаоѓаа начини да го одолговлечат овој процес.
Со допис од 16 јуни 2008 година, Г-дин Мешков во својство на Министер за труд и социјална политика побарал експертиза од Венецијанската комисија за предлог законот за заштита од дискриминација. Како резултат на ова, претставници од Венецијанската комисија во периодот од 24 до 26 Ноември ја посетија Македонија и спроведоа истражување во областа на анти – дискриминационото законодавство. Воедно беа извршени и работни средби со претставници од Владата, граѓанските организации и експерти кои работат на оваа проблематика. Од резултатите на оваа мисија, во форма на извештај, забелешки и информации кои биле собрани за време на посетата на 77- та Пленарна седница на Венецијанската комисија (Венеција, 12 и 13 Декември) прифатено е „Мислење“ за предлог законот за заштита од дискриминација каде се дадени заклучоци за Македонија. Во нејзиното „Мислење“ Венецијанската комисија ги поздравува и охрабрува интенциите на Владата да се изработи генерален закон за заштита од дискриминација и при тоа смета дека ова е важен чекор во борбата против дискриминацијата и подобрување на правната заштита против дискриминацијата во Македонија. Но, воедно смета дека предлогот на законот не ги соединува во себе меѓународните стандарди и националните потреби за ефективна заштита од дискриминација. Венецијанската комисија и препорачува на Македонската Влада да го модифицира сегашниот предлог на законот пред негово прифаќање од страна на парламентот, при тоа да се земат во предвид забелешките на Венецијанската Комисија како и граѓанскиот сектор да биде активно вклучен во редефинирањето на предлог законот. Исто така една од повеќето препораки е предлог законот да биде појасен и попрецизен.
Хелсиншкиот комитет искрено се надева дека македонските граѓани ќе добијат закон кој го заслужуваат и дека Македонската влада ќе направи напор и своите активности за донесување на законот за заштита од дискриминација ќе ги насочи во согласност со препораките на Венецијанската комисија.
1.4. Ако денот по утрото се препознава…
Навидум три неповрзани настани од овој извешатаен период на Комитетот само го зајакнуваат впечатокот дека можеби – кога независноста на медиумите, слободата на делување на НВО, реформите во доменот на кривичното право и се „заокружуваат реформите во МВР“ – состојбите и натаму можат да се влошуваат. Деталите за настаните се доволно речити и јасни што и не заслужуваат објаснување и коментар. Ги бележиме само како утеха на совеста – наше е, како и секогаш, добронамерно да предупредиме кон што може да водат.
Пораки од Брисел – Амбасадорот Ерван Фуере ја повика македонската Влада да престане да ги стигматизира медиумите и да го маргинализира невладиниот сектор во земјата, бидејќи и едните и другите се неопходни за здрави демократски општества. Ваквото барање тој го упати од говорницата на Европскиот парламент на седницата на Комисијата за надворешна политика на која требаше да се гласа за извештајот за Македонија.
„Владата треба да вложи повеќе напори да го вклучи невладиниот сектор. Критицизмот спрема владата треба да се слуша, а не да се маргинализира“, изјави Фуере пред европарламентарците, претставувајќи ги клучните предизвици за Македонија годинава, од кои повеќето ги поврза со идните избори. Според него, треба да се направат крупни напори од страна на судството за пред овие избори да бидат казнети прекршителите во јунските избори, со што ќе се испрати порака дека ваквото однесување е недозволиво. Како клучно, исто така, тој го оцени исполнувањето на препораките на ОБСЕ околу изборите, како и давањето надлежности и ресурси на Советот за радиодифузија за да ја надгледува објективноста на медиумите.
Професорот Калајџиев отстранет од семинар – На крајот на јануари, како што пишува „Дневник“ “Шефицата на Одделот за правда на американската амбасада во Скопје, Синтија Ли, го избркала професорот на Правниот факултет Гордан Калајџиев од семинар за обука на македонските судии и обвинители со образложение дека со своето присуство вршел притисок врз претставниците на третата власт. Обезбедувањето на американската амбасада го исфрлила Калајџиев и од хотелот во кој во четвртокот се одржувал семинарот“.
Д-р Калајџиев, покрај тоа што е професор на Правниот факултет на Државниот Универзитет во Скопје е раководител на работната група на Министерството за правда за измени на Законот за кривичната постапка, на кои бил посветен семинарот и е еден од неговите автори, а како претставник на Здружението за казнено право и како претставник на Министерството, има обврска да ги следи проектот и расправата за законот, а здруженијата на судии и меѓународните организации, како ОПДАТ, имаат обврска да го обезбедат тоа.
Ова колку што ни е познато е прв случај излезен во јавноста од кој е јасно дека и странските помагачи на нашите реформи имаат свои интереси, но и ефикасни начини за нивно спроведување.
УБК сама ќе се контролира – Медиумите објавија, МВР не демантираше дека се подготвуваат измени на Законот за внатрешни работи според кои „Управата за безбедност и контраразузнавање и во иднина ќе функционира без контрола како во развиените демократски држави“. По истите извори додуша оставена е можност тоа да го чинат и надлежната собраниска комисија и Народниот правобраниел, но без можност за каква било истрага.
УБК инаку веќе доби пошироки можности за употреба на посебните истражни мерки и рекордно зголемен буџет и лани и годинава.
1.5. Непочитување на законските обврски и должности од страна на Основното јавно обвинителство и истражен судија при Основен суд Скопје 1 – Скопје
Иако,во извештајот од последната посета од 30 јуни до 3 јули на Делегацијата на Европскиот комитет за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) се препорачува – „да се спроведе целосно независна истрага за наводите за злоставување на лицата лишени од слобода во тек на „Планинската бура“, разрешница се уште нема.
Неспорно е, а и целата македонска јавност беше сведок дека лицата Тафил Даути, Флурим Амети, Невзат Зибери и Хебиб Амети сите од с. Бродец, биле изложени на мачење, сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување од страна на припадниците на полицијата кои биле овластени за постапување во полициската акција наречена “Планинска бура“. Но, Основното јавно обвинителство (ОЈО) и истражен судија при Основен суд Скопје 1 – Скопје, ја игнорираат законската обврска стипулирани во член 142 став 1 и став 3[2] од Кривичниот законик.
Хелсиншкиот комитет писмено се обрати до горенаведените институции за да не известат кои се причините поради кои од нивна страна не е формално постапено, односно не е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело “Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување“. Одговор се уште нема.
По добиената писмена согласност од страна на четворица обвинети во случајот Бродец, Хелсиншкиот комитет поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Тетово против НН сторители, припадници на полицијата кои земале учество во полициската акција “Планинска бура” во с. Бродец и во Полициска станица “Гази Баба” – Скопје, за едно кривично дело “Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување” врз основа на член 142 став 1 од Кривичниот законик и едно кривично дело “Малтретирање во вршење на службата” врз основа на член 143 од Кривичниот законик.
Хелсиншкиот комитет се уште смета дека надлежните органи ќе ја увидат сторената грешка, поднесената кривична пријава ќе ја подржат и поради очигледноста на веродостојноста на доказите ќе спроведат ефективна и вистинска истрага и ќе спроведат кривична постапка против обвинетите. Во спротивно ова молчење и непревземање на законски обврски може во иднина само да зголеми прекумерната употреба на сила.
1.6. Посета на Ј.У. Меѓу – општински Центар за социјални работи Македонски Брод и згрижувачките семејства во с. Манастирец
Претставници на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на 25 Декември 2008 год. го посетија Центарот за социјални работи во Македонски Брод. Стручната служба во Центарот се состои само од две лица – социјален работник и психолог, а кој е и воедно и Директор. Техничкиот персонал брои четири лица вработени на неопределено време, како што се: благајник, сметководител, возач и оператор за внесување на податоци. Според Правилникот за систематизација, во моментов во Центарот фалат педагог, правник и дефектолог. Поради очигледниот проблем кој постои во однос на недостигот на стручен кадар, а е во спротивност со Законот за социјална заштита[3], од страна на Центарот не известија дека до Министерството постојано пријавуваат образец за потреба од вработување, но до сега истото не е реализирано. Во Центарот нема соодветен простор за видување кога видувањата е предвидено да се остваруваат во центарот, нема посебна просторија за работа со малолетници во ризик, па активностите се одвиваат во канцеларијата на Директорот. Исто така, ни беше истакнат и проблемот со неможноста за користење на моторното возило, добиено како донација од страна на UNICEF, поради проблеми при неговата регистрација.
Сместување во друго семејство е една од формите на вонинституционална заштита на деца и возрасни лица, која се реализира во рамките на системот на социјалната заштита. Центарот го следи и координира сместувањето и згрижувањето на лицето во згрижувачкото семејство. Згрижувачкото семејство е должно да постапува по дадените насоки од центарот за згрижување на сместеното лице и навреме да го известува центарот за сите промени и потреби на згриженото лице. Центарот може да смести во едно згрижувачко семејство најмногу пет лица, имајќи ги предвид условите и можностите за сместување на семејството. Во Македонски Брод и с. Манастирец има 32 згрижувачки семејства, од кои во моментот се активни само 20 семејства (7 во Македонски Брод и 13 во с. Манастирец). Децата кои се сместени во овие семејства се најчесто деца со посебни потреби, а најголем број се со церебрална парализа и даунов синдром. Возраста на децата кои се згрижени во овие семејства е од 1 до 20 год. Националноста на децата е мешана и иако најголем број се Македонци, има и Роми, а и Албанци. Сите деца имаат матичен лекар во Македонски Брод, а доколку имаат потреба од специјалистички преглед одат во Прилеп или Кичево. За итни случаи се повикува брзата помош од Македонски Брод. Во с. Манастирец во план е изградба на амбуланта, а во моментов лекар го посетува селото еднаш месечно. Во с. Манастирец е формиран и Детски центар во кој работи социјален работник ангажиран со договор.
Од разговорот со некои од згрижувачките семејства добивме информација дека претставници од матичните центри ги посетуваат децата по потреба, но најчесто од еднаш до три пати годишно. Телефонски редовно контактираат со семејствата. Само како пример би сакале да посочиме дека мајките со кои разговаравме не известија дека иако порано биле доста ажурни, стручниот тим од Велес немал дојдено веќе цела година. Едно од згрижувачките семејства не добило ниту бесплатни книги за детето, поради што морале самите да си ги купат. Второто семејство кое има згрижено дете преку Центарот за социјална работа во Кавадарци не извести дека неколку пати ги молеле да дојдат, но од таму им одговориле дека се презафатени. Најголеми поплаки имаше од работата на Центарот за социјални работи во Скопје, како за посетите, така и за односот и соработката. Од страна на Центарот во Македонски Брод, мајките не известија дека се посетувани скоро секој ден.
Генерално посетата на згрижувачките семејства остави добар впечаток, но сепак Хелсиншкиот комитет смета дека како проблем се појавува надзорот и контролата која мора да се спроведува од страна на матичните центри за социјална работа. Иако ниту во законот ниту во правилникот не стои колку пати треба детето да биде посетено, сепак почестите посети се во најдобар интерес на детето. Исто така во однос на Центарот за социјална работа во Македонски Брод итно е потребно доекипирање на стручниот тим, создавање на просторни услови за работа и набавка на функционлно моторно возило.
II. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА
2.1. Случај Ѓорѓи Билјаноски
Лицето Билјаноски Ѓорѓи уште во 2006 год. се обратил до Градежната инспекција при општина Охрид пријавувајќи нелегално изградено поткровје од страна на неговиот сосед. По неговата претставка од страна на градежната инспекција при општина Охрид добил одговор дека е донесено Решение за отстранување на градба[4] како и Заклучок за извршување[5] за надвишување на поткровјето на страна на соседот. Исто така странката била известена дека списите се веќе предадени во Одделението за извршување.
Од тогаш, континуирано во текот на изминативе две години, Билјановски е во комуникација со надлежните органи на државната и локалната власт во Охрид во однос на градбата на неговиот сосед која се наоѓа под специјален режим на заштитена урбана целина Стар Дел од градот Охрид. Но дури и по повеќе од две години, градбата за која веќе има Решение за отстранување и истото е веќе во извршно одделение, се уште не е отстранета.
За случајот, Хелсиншкиот Комитет се обрати до Извршната служба на Општинската Градежна Инспекција во Охрид, од каде добивме одговор со кој не известуваат дека инвеститорот започнал постапка за легализација на ваквиот објект и покрај фактот што слемето на кровот на спорниот објект е за 35 см повисоко од одобреното.
Имајќи во предвид дека станува збор за објект кој се наоѓа во област која е под специјален заштитен режим, Хелсиншкиот Комитет се обрати и до Управата за заштита на културно наследство за информација дали истата има издадено дозвола за градба на спорниот објект, при што добивме негативен одговор.
Сепак и покрај ваквиот одговор и фактичката состојба во која соседот на странката има градба над дозволеното, во заштитено подрачје и без дозвола од Управата за заштита на културно наследство, тој и понатаму е во постапка за легализација?! И по повеќе од две години не го отстранува бесправно изградениот објект, притоа институциите молчат.
Хелсиншкиот Комитет изразува зачуденост од односот на институциите (општинската градежна инспекција Охрид), нивната инертност во спроведувањето на законите особено кога станува збор за заштитено подрачје од особен национален интерес, а воедно и заштита и непречено користење на сопственоста. Хелсиншкиот Комитет ги повикува надлежните на исполнување на своите законски обврски како би се обезбедило владеење на правото.
2.2. Законот за платен промет предизвикува повреда на социјалните права на граѓаните
Во својот месечен извештај за февруари 2008 година Хелсиншкиот комитет предупреди дека постојат дилеми и нејасности во поглед на практична примена на Законот за платниот промет. Во членот 22 на Закон за платниот промет предвидено е да доколку некое лице (правно или физичко) нема доволно средства на неговата сметка во соодветната банка врз чија основа би требало да се реализира судското решение за присилна наплата на неговите достасани обврски врз разни основи, неговата банка би требало да ги извести сите други банки да го запрат користењето пари од сметките што тоа лице ги отворило во тие банки. Воглавно таквото решение е законски основано и оправдано. Но, проблемот што тука би можел да се појави е дали таквото решение може да се применува и спрема сметки во кои должникот – физичко лице се појавува како нечиј старател, законски застапник, користење на пензија, како полномошник на носителот на сметката итн. Со еден збор оваа одредба бараше поспецифично регулирање, а во контекст на запазување на социјалното постапување.
Хелсиншкиот комитет апелираше до надлежните органи навремено да ги расчистат тие и слични дилеми со донесување на посебни упатства за оперативна примена на законот за платниот промет. Но за жал тоа се уште не е сторено и во праксата веќе почнуваат да се појавуваат конкретни случаи.
2.2.1. Случај Милка Симоновска
Милка Симоновска е пензионерка која на 29 Мај 2008 година добила Налог за извршување со кој и се определува забрана на 1/3 од пензијата. Два месеци подоцна или поточно на 22 Јуни 2008 добива втор налог за извршување со кој сега од истата трансакциона сметка се бара да се изврши парично побарување во висина од 93.240,00 МКД.
Иако постои законска обврска на ограничување во извршувањето врз пензии според Законот за извршување до износ на една третина од пензијата, Милка Симоновска останала без своите редовни примања за задоволување на своите основни животни потреби.
2.2.2. Случај Милош Наумовски
Апелациониот суд во Скопје донесол решение со кое жалбата на Милош Наумовски во улога на должник ја одбил како неоснована, каде Наумовски приговарал дека неговата сметка е блокирана од 15 Јуни 2008 година, а која сметка служи за прием на пензија. Но, Апелациониот суд во Скопје во поткрепа на својата одлука навел – „Значи од налогот произлегува дека истиот се однесува на Комерцијална Банка АД Скопје и во него не е наведено дека средствата ќе бидат од пензијата што ја остварува должникот. Впрочем и од доставените докази во прилог на жалба не може да се утврди дека трансакционата сметка на должникот што ја има во Прокредит банка, а на која е блокирана неговата пензија, дека при тоа основ на блокирањето е оспорен налог на извршителот“.
Секако никого не го интересира дали Милош Наумовски останал без своите редовни примања за задоволување на своите основни животни потреби.
III. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ
3.1. Грубо пречекорување и изигрување на правото на задржување
Проблематиката на приведувањето и задржувањето на лице лишено од слобода е регулирано со Уставот на Република Македонија, Законот за кривична постапка, Законот за полиција и Правилникот за вршење на работите на МВР, и тоа во член 12 став 4[6] од Уставот на Република Македонија, член 3 став 3 од ЗКП, член 204 став 6[7] од ЗКП, член 50 став 1[8] од Законот за полиција и член 44 став 5[9] од Правилникот за вршење на работите на МВР.
Во текот на месец декември 2008 година Хелсиншкиот комитет регистрираше два многу специфични случаи во кои припадниците на полицијата потфрлиле во спроведувањето на полициските овластувања.
3.1.1. Случај Тодоровски Гоце, Алексовски Благојче и Велковски Сашо, Битола
Г-ѓа Татјана Тодоровска и г-ѓа Лидија Веловска и двете од Битола при обраќањето не известија за случајот/настанот на нивните блиски, Гоце Тодоровски и Сашо Веловски, како и Благојче Алексовски.
Бевме известени дека на ден 26.10.2008 година некаде околу 24 часот на регионален пат Кратово – Пробиштип, на бензинска пумпа при рутинска контрола извршена од страна на сообраќајни полицајци, лицата, Гоце Тодоровски, Сашо Веловски, како и Благојче Алексовски, се приведени во полициска станица Пробиштип, каде биле задржани со образложение дека се осомничени за извршување на кривично дело Тешка кражба извршено во Пробиштип.
Тројцата приведени биле задржани во Полициската станица во Пробиштип. Утредента, на 27.10.2008 година, Сашо Веловски со возило бил однесен во Скопје во крим – техника заради вештачење, а бил вратен вечерта околу 21 часот. Според наводите на мајките на приведените, откако поминал законскиот рок од 24 часа од моментот на приведувањето, приведените биле однесени во Полициската станица во Кочани, без претходно да бидат изведени пред истражен судија. И во оваа полициска станица биле испрашувани и задржани 24 часа, по што наредна дестинација им била Полициската станица во Штип.
На 30.10.2008 година конечно биле изведени пред истражен судија при Основниот суд во Штип, каде им било одредена мерка притвор во траење од 30 дена. После одредувањето на мерката притвор приведените биле однесени во Затворот во Прилеп на издржување на мерката притвор.
3.1.2. Катерина Петро, Скопје
На ден 20.12.2008 година во раните утрински часови специјална полициска единица со кршење на влезната врата влегла во домот на г-ѓа Катерина Петро. Според наводите на г-ѓа Петро припадниците на полицијата кои влегле во домот на г-ѓа Петро немале судски налог за претрес на домот. По два часа испрашување во домот и извршувањето на предтесот истата била приведена во Полициска станица Гази Баба. Во истата станица г-ѓа Петро била задржана од 06:00 до 23:00 часот. Потоа била однесена во ПС Чаир, каде била задржана уште дополнителни 10 часа.
На г-ѓа Петро и се одземени два мобилни телефони и еден лап топ, за кое нешто е составено Потврда за одземени предмети, и истите се уште не и се вратени.
Хелсиншкиот комитет, по регистрирањето и разгледувањето на двата случаи, увиде дека постојат индикации да постапката за задржување на лице лишено од слобода не е почитувано до страна на надлежниот орган за прогон, во конкретниот случај Министерството за внатрешни работи, односно полициските станици каде странките биле шетани и носени од една во друга станица.
Во сите гореспоменати закони, подзаконски акти – правилникот и Уставот на Република Македонија децидно е наведено дека “лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слобода, да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето“ (член 3 став 3 од ЗКП) или “по истекот на овој рок овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи е должно задржаното лице да го пушти на слобода или да постапи согласно законските одредби“ (член 204 став 6 од ЗКП).
Во првиот случај господата биле задржани 3 пати по 24 часа, што е апсолутно недозволиво согласно законските прописи а во вториот случај г-ѓа Петро била задржана околу 19 часа во ПС Гази Баба, а уште дополнителни 10 часа во ПС Чаир. Заради дознавање на причините Хелсиншкиот комитет се обрати до надлежните институции[10] и од секој поединечно побара да биде известен со подетални информации за причините за незаконското повеќекратно задржување.
Од страна на Секторот за внатрешна контрола побаравме да бидеме известени пред се дали се запознаени со случајот (иако странките веќе се имаа обратено до истиот), дали имаат спроведена внатрешна контрола и истрага, доколку да каков е исходот од истата. Хелсиншкиот комитет побара да биде известен дали Секторот има покренато постапка против припадниците на полицијата кои очигледно не ги испочитувале законските одредби и приведените лица/лицата лишени од слобода ги задржале во полициските станици повеќе од 24 часа при што истите не ги изнеле пред истражен судија уште при првите поминати 24 часа, т.е. уште на 27.10.2008 година, господата од првиот случај, кога и требало да бидат изведени, а г-ѓа Петро утредента уште пред да биде префрлена во ПС Чаир или пак истите да биле пуштени на слобода како што предвидуваат законските одредби.
Од страна на полициските станици беше побарано да не известат за причините поради кои не биле изведени лицата лишени од слобода во законски предвидениот рок пред истражен судија, туку истите биле предадени на нивни колеги во други полициски станици. Полициските станици кои ги прифатиле лицата лишени од слобода и истите ги задржале дополнителни 24 часа, односно дополнителни 10 часа во случајот на г-ѓа Петро беа замолени да не известат за причините поради кои ги прифатиле лицата лишени од слобода знаејќи дека истите веќе го исполниле 24 часовниот период за задржување. И на крајот од сите надлежни институции побаравме да бидеме известени дали се покренати постапки против припадниците на полицијата кои не ги почитували законските одредби.
По однос на нашите дописи за првиот случај добиени се одговори од страна на ПС Пробиштип и ПС Кочани, кои не известуваат дека случајот е под лупата на Секторот за внатрешна контрола и не упатуваат да се обратиме таму за поподробни податоци, кое нешто комитетот го има уште на самиот почеток.
Што се однесува до вториот случај од страна на Министерството за внатрешни работи е добиен опширен одговор[11] во кој се наведуваат заложбите на Владата за борбата со криминалот, транспарентноста на министерството како и отчетноста во работењето. Воедно во дописот Министерството непотребно го навредува директорот на ТВ АлсатМ осврнувајќи се на искуството и активизмот на директорот во новинарството и невладиниот сектор.
Хелсиншкиот комитет очекува дека Секторот за внатрешна контрола и Министерството за внатрешни работи нема да продолжат со укажувањето за личните и политичките достигнувања, туку ќе одговорат на конкретно поставеното прашање, кои се причините поради кои г-подата и г-ѓата, како лица лишени од слобода се задржани повеќе од 24 часа и префрлени од една во друга па во трета полициска станица.
Хелсиншкиот комитет се бара и очекува дека по спроведена контрола Секторот ќе преземе санкции спрема припадниците на полицијата кои не ги испочитувале законските одредби, при што се надеваме дека истите нема да бидат само парично санкционирани преку дисциплинска постапка туку и кривично гонети за кривично дело “Противправно лишување од слобода“ по член 140 став 4 вв со став 1[12] од Кривичниот законик.
3.1. Случај Ванчо Георгиевски
Лицето Ванчо Георгиевски од Кочани има добиено пресуда[13] од Основниот суд Кочани со која се задолжува тужениот Промет и услуги “Тутун” АД Скопје, да му исплати нему на име неисплатени плати за период од 01.11.1997 год. до 28.02.2007 год. износ од 637.926,00 денари како и придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за истиот период. Оваа пресуда станала правосилна и извршна на 10.07.2007 година.
Исто така со пресуда[14] која станала извршна на 24.04.2006 год. Апелациониот суд во Штип го задолжил тужениот на тужителот Ванчо Георгиевски да му ги надомести трошоците на судската постапка во износ од 173.420,00 ден.
Бидејќи и двете пресуди се извршни странката уредно поднел Барање за извршување[15] кај извршителот кој е именуван извршител за подрачјето на Основен суд Кочани. Меѓутоа иако извршителот има законска обврска[16] како и средства да постапува по Барањето за извршување и по уредно подмирената такса за администрирање на предмет од странката тој и по две години се уште ги нема наплатено своите побарувања.
Од причина што, согласно известувањето од извршителот, сметката на должникот е блокирана тој побарал известување од МВР – УВР Скопје за евиденција за регистрирани моторни возила на име на должникот. Иако од МВР има добиено известување дека на име на должникот се водат осум моторни возила, извршителот на записник извршил попис и процена на подвижни предмети што се наоѓаат кај трето лице. При увид во сообраќајните дозволи извршителот утврдил дека двете возила што се наоѓаа кај третото лице се во негова сопственост, додека за останатите возила наведени во информацијата од МВР, директорот на правното лице изјавил дека тие не се наоѓаат во возниот парк на фирмата и немаат сознанија каде се. Со ова се завршило и постапувањето на извршителот по овој предмет кој поминал долга судска постапка за да стигне до правосилна пресуда, проследена со судски трошоци, адвокатски трошоци, трошоци за извршување со такса за извршителот, но без извршување!
Во овој случај, надлежниот извршител не само што не постапил по барањето за враќање на работа на што работникот имал право, туку истиот не се ни обидел да собере податоци за имотната состојба на должникот, неговиот движен и особено недвижен имот иако фирмата должник е се уште активна а што претставува НЕГОВА законска обврска[17][18]. Да биде апсурдот поголем, односниот извршител пописот и процената на подвижен имот го завршил само врз основа на изјава на третото лице дека не му е познато каде се останатите возило, без водејќи се по официјалното известување од МВР да ги пронајде и одземе возилата од должникот.
За жал овој пример не е единствен во правниот лавиринт во државата што го наметнува прашањето дали граѓаните во Р. Македонија уживаат правна сигурност која ги уверува дека и по долго талкање по судовите сепак ќе можат да си ги намират своите побарувања?! Или пак сите законски реформи се прават во името на граѓаните и правдата но само на хартија?!
Хелсиншкиот комитет со овој случај потсетува дека Законот за извршување им дава големи овластувања на извршителите токму за да се постигне поголема ефикасност во извршувањето а не да им се обезбеди поголема лична диспозиција. Затоа го повикува Министерството за правда за поажурно и активно следење на работата на извршителите, како странките не би биле оставени сами на себе и волјата на извршителите.
——————————————————————————–
[1] Теократија е облик на државно уредување во кое владее Бог преку свештенството или преку некој световен поглавар како негов застапник. Главноземено, верата т.е., религијата ја има главната улога со донесените одлуки и управата во теократско општество.
[2] Член 142 став 3 – Закон за кривична постапка
Секој е должен да пријави кривично дело за кое се гони по службена должност.
[3] Закон за социјална заштита (пречистен текст)
Член 77
Центар за социјална работа (во натамошниот текст: центар) се основа како јавна установа за социјална заштита со јавни овластувања заради вршење на работи од социјална заштита.
Центар може да се основа, ако се исполнети општите услови за основање на јавна установа за социјална заштита од член 55 на овој закон и задолжително ги има најмалку следниве основни образовни профили: социјален работник, психолог, педагог, или специјален педагог за превенција и ресоцијализација и дипломиран правник.
Лицата со образовен профил од став 2 на овој член, треба да имаат најмалку високо образование.
Центарот може да се основа за подрачјето на една или повеќе општини.
[4] Решение за отстранување на градба со Уп.бр.25-1734/6 од 01.02.2006
[5] Заклучок за извршување со Уп.бр.25-1734 од 02.02.2006 год.
[6] Член 12 став 4 – Устав на Република Македонија и член 3 став 3 од Закон за кривична постапка
Лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слобода, да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.
[7] Задржувањето може да трае најдолго 24 часа, сметано од моментот кога лицето е лишено од слобода. По истекот на овој рок овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи е должно задржаното лице да го пушти на слобода или да постапи согласно законските одредби
[8] Полицискиот службеник може да задржи лице за кое постојат основи за сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност, под услови и на начин утврдени со посебен закон, при што задржувањето може да трае најмногу 24 часа.
[9] Задржувањето може да трае најдолго 24 часа, по што овластеното службено лице задржаното лице го пушта на слобода или го приведува до надлежниот истражен судија.
[10] За случајот на господата од првиот случај Хелсиншкиот комитет се обрати до Секторот за внатрешна контрола при МВР – Скопје, до ПС Пробиштип, до ПС Кочани и до ПС Штип, а за случајот на г-ѓа Петро Хелсиншкиот комитет се обрати до Секторот за внатрешна контрола, до ПС Гази Баба и до ПС Чаир
[11] Дописот циркулира и до Совет за радиодифузија, Ерван Фуере – спцеијалниот претстадвик на ЕУ во РМ и филип Рикер, амбасадор на САД во РМ
[12] Противправно лишување од слобода – Член 140 – Кривичен законик
(4) Ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.
(1) Тој што друг противправно ќе затвори, ќе го држи затворен, или на друг начин ќе му ја одземе или ограничи слободата на движење, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
[13] П.бр.241/2006
[14] ГЖ бр.2959/05
[15] Член 27, Закон за извршување, Сл. Весник на Р. М. бр.35/05, од 18.05.2005
Поднесување на барање за извршување
(1) Барањето за извршување на извршната исправа доверителот го поднесува до извршителот.
(2) Извршителот е должен да постапува по барањето за извршување.
(3) Со врачувањето на извршната исправа чие извршување се бара, извршителот е овластен да избере средства на извршување и предмети на должникот заради целосно извршување на извршната исправа.
[16] Член 27, Закон за извршување, Сл. Весник на Р. М. бр.35/05, од 18.05.2005
Поднесување на барање за извршување
(1) Барањето за извршување на извршната исправа доверителот го поднесува до извршителот.
(2) Извршителот е должен да постапува по барањето за извршување.
(3) Со врачувањето на извршната исправа чие извршување се бара, извршителот е овластен да избере средства на извршување и предмети на должникот заради целосно извршување на извршната исправа.
[17] Член 40, Закон за извршување, Сл. Весник на Р. М. бр.35/05, од 18.05.2005
“(1) Извршителот ги презема следниве дејствија:
…- прибира податоци за имотната состојба на должникот во функција на извршувањето;…
– врши попис, процена, пленидба и продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства од должникот, предава во владение …;
– врши иселување и други извршни дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон и подзаконски акти;…
– врши и други дејствија предвидени со закон….”
[18] Член 24, Закон за извршување, Сл. Весник на Р. М. бр.35/05, од 18.05.2005
Предмет на извршување
“Предмет на извршување заради намирување на парично побарување може да биде секој должников предмет или имотно право, што со закон не се изземени од извршување, односно доколку извршувањето врз нив не е ограничено со закон.”