Анализа на законската рамка на Северна Македонија за регулирање на говорот на омраза
Целта на оваа анализа е да ја испита постоечката законска рамка која го регулира говорот на омраза и нејзината соодветност во ефективната борба со овој феномен, притоа надоврзувајќи се на постојните меѓународни договори на Обединетите нации и Советот на Европа и други релевантни инструменти за поставување стандарди користејќи ги наодите и препораките на телата за мониторинг на Советот на Европа особено Препорака CM/Rec(2022)16 за борба против говорот на омраза и „Општата препорака за политики бр. 15 за борба против говорот на омраза“ на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ), како и пошироките меѓународни и европски стандарди за човекови права. Анализата исто така ги вклучува и извештаите на невладините организации активни во оваа област, како што се Хелсиншкиот комитет за човекови права и ИЛГА Европа. Воедно, анализата опфаќа компаративни примери од други држави во однос на законодавството за говор на омраза, особено во делот на справувањето со говорот на омраза на интернет.
Анализата e структурирана во два дела: I. Концептуална рамка на говорот на омраза и меѓународни стандарди и II. Национална легислатива за говор на омраза (кривично правни одредби, граѓанско и управно-правни одредби). Првиот дел ги разгледува случувањата во концептуалните разбирања на говорот на омраза и меѓународните стандарди кои се однесуваат на националната легислатива за говор на омраза. Посебно внимание е посветено на меѓународните стандарди и европски акти во однос на националното законодавство за регулирање на говорот на омраза на интернет.