Отворен повик за учество на ЕУ Академија за човекови права

јули 15, 2025

Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје објавува повик за млади кои сакаат да се стекнат со знаења, вештини и искуство поврзано со човековите права и евроинтегративниот процес. Доколку веруваш дека младите треба да имаат глас и улога во создавањето на подобро, поправедно општество – оваа академија е наменета токму за тебе. 

 

Што претставува ЕУ Академијата? 

Академијата е неформална, тридневна обука која им овозможува на младите учесници критички да размислуваат за човековите права, антидискриминацијата, говорот на омраза, злосторствата од омраза и булингот, како и за улогата на Европската Унија во овие процеси. Преку практична симулациска вежба, учесниците ќе имаат можност да се најдат во улога на различни чинители – институции на ЕУ, државни институции, граѓански организации и медиуми – и да преговараат за пристапувањето на земјата во ЕУ низ призмата на човековите права и владеењето на правото. 

 

Обуката ги комбинира предавањата од експерти, симулациските вежби и структурирани дискусии, со цел учесниците да развијат вештини за застапување, соработка, дипломатија и решавање конфликти. 

 

Детали за програмата 

  • Датуми: 11 – 14 август 2025 
  • Локација: Хотел Метропол, Охрид 
  • Сместување: двокреветни соби 
  • Работен јазик: македонски 
  • сите сесии се задолжителни 

 

Кој може да аплицира? 

Ги охрабруваме да се пријават млади лица на возраст од 18 до 26 години од цела Северна Македонија кои: 

  • имаат интерес за човекови права и европска интеграција, 
  • сакаат да развијат аналитички и лидерски вештини, 
  • се подготвени да се вклучат во тимска работа, дебати и симулациски вежби, 
  • се отворени за нови искуства и соработка со други млади активисти. 

 

Што е покриено? 

Хелсиншкиот комитет целосно ги покрива трошоците за пат, сместување, оброци и работни материјали. Превозот до и од Охрид е организиран од страна на организаторот. Учеството е целосно бесплатно. 

 

Како да се пријавиш? 

Пополнете го формуларот за апликација најдоцна до 3 август 2025 година на следниот линк.
Избраните учесници ќе бидат контактирани на 4 август 2025 година. 

 

Имаш прашања? 

Пиши ни на helkom@mhc.org.mk 

 

ЕУ Академијата за човекови права се организира во рамки на проектот „Фундаменталните човекови права на прво место – активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје.