Зошто е важен Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата?

мај 17, 2023

Исто како и Парадата на гордоста, кој е веројатно најпрепознатлив настан кога се во прашање ЛГБТИК+ луѓето и борбата за еднаквост, Интернационалниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата (IDAHOBIT) има за цел да го стави фокусот на борбата за човековите права на ЛГБТИК+ луѓето, да ја подигне свесноста за насилството, говорот на омраза и дискриминацијата кои за огромен број на ЛГБТИК+ луѓе се секојдневие. IDAHOBIT се слави во повеќе од 130 земји ширум светот и на некој начин претставува глобален обид за координирање на настаните во чиј фокус се ЛГБТИК+ правата. Датумот не е случаен, на 17ти мај 1990 год. Светската здравствена организација ја отстрани хомосексуалноста од Меѓународната класификација на болести.

Од декриминализацијата на хомосексуалноста во нашата земја во 1996 год., многу работи се променија на подобро во однос на унапредувањето на правата и квалитетот на живот на нашите ЛГБТИК+ сограѓан(к)и. Во 2003 год. беше формирана првата ЛГБТИК+ организација ЕГАЛ која е фокусирана на ХИВ и СПИ со фокус на популацијата на МСМ. Веднаш следната година се формираше и првата видлива ЛГБТ организација, Македонска асоцијација за слободна сексуална ориентација – МАССО и го имавме првото јавно „излегување“ на телевизија од Кочо Андоновски, сега програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Во периодот потоа се појавија повеќе организации посветени на подобрување на статусот на ЛГБТИК+ луѓето. Во 2013 година го имавме првиот Скопје прајд викенд – фестивал за квир култура и уметност, кој годинава го брои своето единаесетто издание и кој со текот на годините стана меѓународно препознаен по квалитетот на програмата и успева да ги обедини најзначајните квир уметници од светот и регионот.

Во јуни, 2019 год. се случи првата Скопска парада на гордоста, настан кој успеа да мобилизира повеќе од 1500 луѓе од ЛГБТИК+ заедницата и нивните сојузници, да излезат и маршираат на улиците на Скопје и гордо да го кренат гласот за нивните права. Во октомври 2020 год. по долгогодишни обиди, македонското Собрание го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација кој, меѓу другите основи, експлицитно забранува дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во сите области.

Од друга страна, низ годините видовме сериозни прекршувања на правата на заедницата и реалноста на терен сè уште е мрачна за многу ЛГБТИК+ поединци во нашата земја. И покрај освоените битки од страна на активистите, дискриминацијата, вознемирувањето и насилството врз ЛГБТИК+ луѓето продолжуваат да бидат тенденција, како во јавната сфера, така и во рамките на семејствата и заедниците.

Во истражување спроведено од ЛГБТИК+ Центарот за поддршка чија цел е да ги истражи потребите и проблемите со кои се соочуваа заедницата резултатите беа загрижувачки. Колективните искуства на ЛГБТИК+ луѓето покажуваат високо ниво на изложеност на дискриминација, вознемирување и насилство поради нивната сексуална ориентација, родов идентитет или родово изразување. Сепак, повеќето од нив не ги пријавуваат случаите во надлежните институции, пред се поради недовербата дека случајот ќе се разреши и страв дека може да предизвика штетни последици за нив. Оние малкумина кои биле охрабрени да пријават често се соочуваат со дополнителна дискриминација или несоодветен третман поради нивната сексуална ориентација, родов идентитет или родово изразување, или ненавремено и неефикасно дејствување, што дополнително придонесува за и онака високиот степен на недоверба во институциите. Тука само како пример ќе ги наведам шесте неразрешени напади врз ЛГБТИК+ центарот за поддршка и активистите за човекови права кои се случија во периодот од 2012 до 2014 година.

Речиси сите ЛГБТИК+ лица кои учествуваа во истражувањето сметаат дека институциите не обезбедуваат доволно информации за препознавање на дискриминација и насилството врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, и/или родовото изразување и како да се обезбеди правна заштита. Многу од ЛГБТИК+ луѓето сметаат дека е неопходно да се обезбеди континуирана обука на јавните службеници во институциите, да се спроведат јавни кампањи и афирмативни мерки за вработување на ЛГБТИК+ лица во институциите кои обезбедуваат услуги за заедницата со што би се зголемила репрезентативноста на самата заедница во институциите. Друг проблем е отежнатиот пристап кон пазарот на трудот за ЛГБТИК+ луѓето, особено значајна потешкотија за трансродовата заедница. Училишниот ходник сеуште претставува најголем пекол за повеќето ЛГБТИК+ ученици поради врсничкото малтретирање (булингот) што дополнително доведува до чувство на осаменост, анскиозност, депресија, па дури и самоубиствени нагони. Мерките кои ги превземаат релевантните институции за справување со овие проблеми очигледно се неефикасни. Постоењето и веќе повеќегодишно функционирање на шелтер центарот „Сигурна Куќа“ чија цел е да ги згрижи ЛГБТИК+ луѓето кои претрпеле насилство зборува за тоа колку многу млади луѓе се приморани да ги напуштат своите домови поради секојдневното насилство кое го трпат од своите семејства, јадра кои треба да бидат првичен извор на грижа, љубов и топлина за младите ЛГБТИК+ луѓе.

Понатаму, би ја споменал актуелната дебата околу родовата еднаквост и телесната автономија кои имаат далекусежни импликации за човековите права на сите поединци. Правата на телесниот интегритет и самоопределувањето се фундаментални и мора да важат за секого, без разлика на род или други лични карактеристики. Новите анти-родови движења се многу активни и гласни во создавањето сојузи околу конзервативни идеи и структури, промовирајќи наративи кои ги дефинираат улогите на жените првенствено во домашните, семејните средини подредени на патријархалните и хетеронормативните вредности и норми. Застапниците на овие идеи се здружуваат позади параванот на  таканаречените традиционални семејни вредности, а се особено гласни кога се во прашање ЛГБТИК+ правата, дефинирањето на родот, сеопфатното сексуално образование и многу други. Меѓу нив е и Законот за правно признавање на родот, чиешто недонесување е уште еден огромен удар врз трансродовата заедница, заедница која нема еднаков третман дури ни во пристапот до здравствени услуги.

Како што гледаме свртени кон иднината, за крај би сакал да напоменам дека од клучно значење е да се даде приоритет на заштитата и промоцијата на човековите права на сите поединци, без разлика на нивната сексуална ориентација, родов идентитет или изразување. Ова вклучува обезбедување пристап до здравствена заштита, образование, вработување и правна заштита за ЛГБТИК+ поединците.

IDAHOBIT постои за да не’ потсети сите дека ни претстои долг пат додека ЛГБТИК+ луѓето бидат слободни, еднакви и безбедни!

Љубомир Фаизов

Програмски координатор во ЛГБТИ Центар за поддршка