Земјоделките бараат системско решение за платено породилно отсуство
декември 12, 2022
На 12 декември 2022 година, се одржа прес конференција на која ЛАГ Агро Лидер, Фондацијата Отворено општество – Македонија и Мрежата за заштита од дискриминација побараа системско решение за платено породилно отсуство за жените-земјоделки. Беше упатено барање до Собранието на РСМ, Министерството за здравство, Министретвото за труд и социјална политика и Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување.
Драгана Дрндаревска од Коалицијата Маргини и претставничка на Мрежата за заштита од дискриминација изјави дека зад ова барање стојат повеќе од 70 здруженија, мрежи и сојузи од кои голем дел се организации кои дејствуваат во областа на заштитата на човековите права и правата на рурални жени. „Земјоделките немаат право на платено породилно отсуство нити боледување. Оваа нехумана политика несразмерно го погодува животот и здравјето на руралните жени особено ако се земе предвид дека оваа група работнички е погодена од сиромаштија, има мали можности за пристап до здравство, образование и социјални услуги, живее во рурални области каде нормите на патријахатот сѐ се уште поцврсти со што теретот на грижата за домот, децата и старите го носи жената додека паралелно работи тешка земјоделска работа за да се издржи себе си и своето семејство.. Од една страна овие работнички се есенцијални, ја произведуваат храната која ја јадеме, од друга страна, за возврат нашето општество не им овозможува клучни социјални и работнички права, како породилно отсуство, годишен одмор и боледување. Уставната одредба според која државата посебно ги заштитува мајчинството и децата не важи за руралните жени, па можност да се престане со работа и да се посвети на грижа за новороденчето станува привилегија, а не право.“
Лилјана Јонески од Руралната Коалиција изјави дека најголем дел од земјоделските стопанства имаат годишни примања до 2000 евра, што значи дека најголем дел од земјоделците живеат во сиромаштија или зависат од приходите на другите членови во семјеството. Според нивните истражувања незначителен број земјоделки (9) користеле платено породилно отсуство, по друг основ.
„Фактот што немаат право на платено породилно отсуство значи дека не можат да престанат со работа по пораѓањето и да се посветат на грижа и нега на новороденчињата, бидејќи ќе го изгубат и онака малиот и несигурен приход од земјоделска дејност. Оваа состојба влијае негативно на здравјето на мајките и децата од руралните области и резултира со несакани абортуси, зголемен ризик од патолошка бременост, прерано прекинување со доењето и неможност за пружање соодветна грижа на новороденчињата што доведува до нарушувања на менталното и физичкото здравје.“ изјави Марина Тошеска од ЛАГ Агро Лидер.
Здруженијата имаат подготвено Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување во кој се бара измена во неколку членови. Јована Јовановска-Кануркова од Хелсиншкиот комитет за човекови права додаде дека: „Бараме измени со кои основицата за пресметка и висината на надоместокот нема да биде помала од минималната плата за претходната година, односно 18.000 денари, а породилното да трае 9 или 15 месеци како за останатите работнички. Сметаме дека ова е најмалата прифатлива сума бидејќи со средтствата од породилното отсуство земјоделките мора да бидат во можност да се издржуваат себе си и своето семејство. Исто така достоинствена сума наметнуваат и меѓународните стандарди како обврски што Република Северна Македонија ги има преземено“.
Тошеска објасни дека предложеното решение нема големи финансиски импликации. „Доколку се водиме од вкупната бројка на регистрирани жени индивидуални земјоделци, која изнесува 1.075 жени, максималниот финансиски трошок доколку 1/4 од овие жени се во можност да забременат и да родат во една година, според предложениот модел изнесува 58.104.000 денари, а доколку се разработи сценарио на реален број на корисници според бројот на доделени права на 1.000 осигуренички според највисоката вредност на овој индикатор во 2021 година, тогаш финансиските импликации би изнесувале 10.368.000 денари“.
Граѓанските организации објаснија дека спортивно на нивните барања поради недостаток на политичка волја за системско решение, Министертвото за земјоделие планира да го реши проблемот преку програма со која ќе се делат средства на земјоделки. Според нив, ова не е прифатливо решение бидејќи е нецелисходно и во пракса повторно нема да доведе до фактичко уживање на правото на платено породилно отсуство. „Програма се донесува секоја година, некој министер ќе ја донесе, друг нема, може да не се предвидат доволно средства за сите, да не се реализира, да се доцни со исплаќањето како и со субвенциите. Програмите се поподложни на политичко влијание и волја на ресорниот министер. Оттука, Министертвото за земјоделие може да дава средства на земјоделки кои се породиле како дополнителна помош, но тоа не е право на платено породилно отсуство. Уште повеќе, со донесување на ова програма само ќе се одолговлечи донесувањето на системското решение, а земјоделките повторно во пракса нема да имаат право на платено породилно отуство“– потенцира Дрндаревска.
На настанот се промовираше публикацијата “Индивидуалните земјоделци и нивните права – Имаат ли право на платено породилно отсуство“, која е достапна на следниот линк.