Заканите врз средношколците го загрозуваат правото на децата на мирен собир
Во текот на изминатата седмица до Хелсиншкиот комитет беа доставени голем број на барања за правна помош со наводи за повреди на правата на младите и наставниците поради нивните активности во Средношколскиот и Наставничкиот пленум. Наводите беа доставени од страна на родители, претставници на Наставничкиот пленум и Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО). Во врска со јавниот притисок кој се врши врз Наставничкиот пленум, Комитетот испрати допис до Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) со цел да укаже на потенцијалните кривични дела со кои би можела да се соочи оваа сидникална организација. Дополнително, Комитетот е згрозен од наводите за притисоци врз средношколците кои ја бојкотираат наставата како што се: делење исписници, потпишување на изјави со сомнителна содржина, затворање на училишните сали, правење списоци за присуство и отсуство, закани со драконски парични казни и собирање на лични податоци за родителите со цел вршење дополнителен притисок за прекин на бојкотот на наставата.
Комитет смета дека ваквите притисоци врз средношколците се спротивни на Уставот на Република Македонија, но и на сите меѓународни стандарди за заштита на правото на слободно здружување, изразување и мирен протест. Впрочем, Уставот на РМ го гарантира правото на граѓаните, вклучително и децата мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Во Конвенцијата за правата на децата, која Република Македонија ја има ратификувано и претставува дел од нашата правна рамка, ова право им се гарантира на децата во член 15 каде е наведено дека државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање и во однос на остварувањето на ова право не може да се наметнуваат никакви ограничувања освен оние кои се во согласност со закон и кои се неопходни во демократско општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот поредок, заштитата на јавното здравје или морал или заштитата на правата и слободите на другите. Во оваа насока, Комитетот за правата на децата зазема став дека државите имаат обврска да го прилагодат законодавството кон Конвенцијата и на децата да им овозможат непречено уживање на правата, вклучително и на правото на мирен протест.
Државите имаат позитивна обврска да го штитат ова право на децата и да ги едуцираат државните, јавните и полициските службеници за правото на децата да протестираат, со цел полесно практикување на ова право. Позитивната обврска на државата за посебна заштита на децата кои учествуваат во протести се согледува и низ праксата на Европскиот суд за човекови права. Во случајот Castle and Others v Great Britain Европскиот суд за човекови права го утврдува правото на децата да учествуваат во протести, потенцирајќи дека треба да се сметаат за ранлива група и затоа државата треба да им обезбеди посебна заштита, особено од страна на полициските службеници, при практикување на ова право. Оттука, сметаме дека заканите упатени до родителите и средношколците за парична казни доколку продолжи бојкотот на наставата претставуваат директна закана и за остварувањето на правото на протест, особено поради тоа што во конкретниот случај не се работи за неоправдано отсуство од наставата, кое може да биде причина за казна согласно Законот за средно образование. Напротив, се работи за правото на децата да ги изразат своите ставови за процес кој директно ги засега како што впрочем претставува образовниот процес и конкретниот проблем – полагањето на државната матура и нивните ставови мора да бидат земени предвид од страна на надлежните институции.
Игнорирањето од страна на Министерството за образование и наука на протестите на средношколците и нивните барања претставува директно кршење на Конвенцијата за правата на детето, која во член 12 предвидува дека секоја држава на детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му обезбедува право на слободно изразување на тоа мислење за сите права кои го тангираат, посветувајќи му должно внимание. За таа цел, на детето посебно му се дава можност да биде сослушано во сите постапки кои се однесуваат на него, било непосредно или посредно. Во оваа насока реагира и Комитетот за правата на детето при Обединетите нации, кој во завршните согледувања за Република Македонија за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето, препорачува во целост да се почитува овој член на начин што децата ќе бидат слушнати во семејството и училиштата, но и во општеството во целост.
Поради тоа што со дејствијата на директорите на одредени средни училишта се врши директно смеќавање на правото на јавен собир, сакаме да истакнеме дека Хелсиншкиот комитет го задржува правото да обезбеди правна помош на сите лица кои како жртви на закани и притисоци поради учеството во средношколските протести сакаат да поведат кривични постапки за спречување или смеќавање на јавен протест.