За злосторства против човештвото не може да има амнестија

јули 22, 2011

Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија уште еднаш го потврдува ставот дека во никој случај НЕ МОЖЕ да има амнестија за случаи на тешко кршење на меѓународното хуманитарно право.

Враќањето и процесуирањето на Хашките предмети во нашето правосудство сеуште предизвикува многу дилеми кои се проследени со крајно спротивставени толкувања во јавноста. Хелсиншкиот Комитет веќе неколку пати предупреди дека дилемите околу разрешувањето на хашките предмети од аспект на принципот на владеењето на правото се особено опасни токму заради можноста од вмешувањето и влијанието на политиката.

Она за што предупредувавме се оствари. На седницата на 19.7.2011 Собранието на Република Македонија го усвои автентичното толкување на Законот за амнестија, со што покажа дека поради свои потреби сепак може да влијае на институциите во сферата на правосудството и дека кај нас и не постои така строга поделба на власта. Очигледно, истата може да ја прилагодуваме во зависност од потребите на одредени личности.

Собранието на Република Македонија во два наврати усвои закони со кои се регулира правната рамка која се однесува на овие случаи: Законот за амнестија и Законот за соработка меѓу Република Македонија и Меѓународниот кривичен суд за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на Поранешна Југославија.

Од одредбите на овие закони недвосмислено произлегува дека правото на одредување дали постојат елементи за кривично гонење на воените злосторства е пренесено на Меѓународниот кривичен суд за гонење лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на Поранешна Југославија (во понатамошниот текст Хашки Трибунал), и дека прецизно е одредено како треба да се постапува во ситуација кога Трибуналот враќа случаи од својата надлежност на домашото правосудство.

Постапувањето по предметите отстапени од Хашкиот трибунал на надлежните државни органи на Република Македонија се регулира во глава V од член 25 до член 28 од Законот за соработка на РМ со Хашкиот трибунал. Во член 25 став 1 од истиот закон се наведува дека обвинителот на Хашкиот Трибунал или Хашкиот Трибунал кога ќе одлучи да го врати предметот на натамошно постапување на надлежните државни органи на Република Македонија, истиот го враќа: 1) на оној државен орган од кој бил преземен, ако Хашкиот трибунал понатаму не презел никакви дејствија во врска со тој предмет или 2) на органот надлежен за постапување во онаа фаза на постапката, во која е прекината или запрена постапката пред Хашкиот трибунал.

Сосема јасно и недвосмислено во ваква ситуација потребно е да постои наредба од судскиот совет на Хашкиот Трибунал или одлука на обвинителот на Хашкиот Трибунал (или самиот Трибунал) за фактот во каква фаза е кривичната постапка која се предава на одлучување на домашните судски органи. Се што е надвор од овие јасни одредби е дневна политика и злоупотреба на правото за нејзини цели.

За жал, нашата јавност е ускратена од основната информација во врска со овие случаи – одговорот на прашањето: на каков начин и во каква фаза се вратени хашките предмети во Република Македонија? Официјален документ на Хашкиот трибунал со одговор на ова прашање се уште не и е предочен на јавноста. Наместо тоа, со политички договор е решено како ќе се постапува со овие случаи. Истото е недозволиво и спротивно на начелото на владеење на правото и правната држава, особено имајќи го во предвид фактот дека злосторствата против човештвото не може да застарат и материјата за истите е недвосмислено регулирана со меѓународното право.

Хелсиншкиот комитет апелира да се вложат сите напори случаите да добијат разрешница почитувајќи го меѓународното право и принципот на владеење на правото.