Вонредна безбедносна состојба на Грчко – Македонската граница
Денес, од 10:30 часот неколку стотици бегалци и мигранти кои во импровизираниот камп кај Идомени престојуваат повеќе од еден и пол месец, се обидуваат организирано да ја пробијат граничната ограда и да влезат на македонска територија. Пред обидот, од страна на МВР тие беа известени дека влезот во Македонија не е дозволен бидејќи сите граници на Балканската рута се затворени. Групата беше предупредена да не употребува сила бидејќи во спротивно полициските службеници ќе бидат приморани да употребат безбедносни мерки. Набрзо по предупредувањето, дел од бегалците и мигрантите започнаа да фрлаат со камења и тврди предмети преку оградата кон полициските службеници.
На ваквата реакција полицијата одговори со употреба на шок-бомби и солзавци од македонска на грчка територија каде не се забележува присуство на грчката полиција. Помали групи составени од дваесетина бегалци и мигранти, на околу 300 метри од влезната капија на оградата успеа да навлезе на македонска територија, но набрзо беа фатени и вратени во Идомени. Ситуацијата до 14 часот останува непроменета, на граничната линија пристигнуваат дополнителни полициски сили, а ангажиран е и полициски хеликоптер.
Хелсиншкиот комитет апелира при преземањето на полициски овластувања и одржувањето на јавниот ред и мир, полициските службеници да ја обезбедат неопходната заштита и почитувањето на правата на бегалците и мигрантите и да не применуваат несразмерна сила или активности. При употребата на хемиски средства и други средства за присилба, полициските службеници да не дозволат загрозување на животот и здравјето и да го заштитат физичкиот и моралниот интегритет на бегалците и мигрантите. Имајќи предвид дека нарушувањето на јавниот ред се случува на територија на две држави, неопходно е МВР своите активности да ги координира со грчката полиција.