Во Тирана се одржува вториот регионален форум посветен на имплементацијата на Истанбулската конвенција
октомври 10, 2019
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска учествува на вториот регионален форум посветен на имплементацијата на Истанбулската конвенција во Западен Балкан и Турција – ,,Интегрирани политики, инклузивни партнерства’’, чија цел е окончување на насилството врз жените. Форумот со стотина учесници се одржува на 9 и 10 октомври во Тирана, а е организиран од страна на UN Women, во партнерство со Европската комисија, Советот на Европа и Владата на Република Албанија.
Освен Косово, сите земји од регионот на Западен Балкан и Турција ја ратификуваа Истанбулската конвенција, обврзувајќи се да го усогласат своето законодавство со конвенцијата и да покажат посветеност за ставање крај на семејното и родово базираното насилство. Многу од достигнувањата и предизвиците во справувањето со овој проблем им се заеднички на земјите во регионот. Во таа насока, регионалниот форум е простор каде вклучените страни ги разменуваат своите искуства и практики, како дел од процесот на приближување кон ЕУ.
Централни теми на Форумот се подобрување на меѓуресорската соработка заради интегриран одговор кон насилството на регионално, национално и локално ниво, како и подобрувањето на имплементацијата на одредбите од Истанбулската конвенција кои се однесуваат на сексуалното насилство, вознемирувањето, следењето и други форми на насилство во Западен Балкан и Турција.