Уставен судија Костадиновски: измените на Законот за работни односи, поврзани со „Бехтел и Енка“ го загрозуваат владеењето на правото

мај 14, 2024

Уставниот суд на Република Северна Македонија донесе решение да не се поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 2, 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи (ЗРО), поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Како подносител на иницијативата, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека дека ваквото законско решение претставува повреда на Уставот на Република Северна Македонија и овозможува целосно заобиколување на процедурите за носење на закони. Издигнувањето на одлуките на извршната власт на ниво на закон значи мешање на извршната во улогата на законодавната власт. Со користење на поимот национален стратешки интерес (без негово подетално дефинирање), како основ за утврдување на паралелни правила кои ќе важат само во одредени случаи, се овозможува постоење на напоредни законски решенија за работните односи, чија примена ќе зависи од проценката на одредени структури што не се јасно утврдени. Резултат на тоа е правна несигурност и нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Законските измени претставуваат експлоататорски решенија што ги уназадуваат работните односи во државата и ја оддалечуваат од тенденциите на Европската Унија и меѓународните конвенции. Со предложените измени драстично се ограничува и оневозможува остварувањето на работничките права. Станува збор за намалување на траењето на дневниот и неделниот одмор во стратешки проекти, но имајќи го предвид поводот за измените во законот,  а тоа е градежништвото, каде работата се извршува на отворено, во секакви временски услови и бара исклучителни физички напори. Воедно се работи за извршување работи и работни задачи каде што има највисок степен на ризик по безбедноста и здравјето при работа поради изложување на штетни материи и изложување на опасни активности за кои се потребни посебна психофизичка подготвеност во извршувањето. Тоа е класична експлоатација на работната сила, која излегува од рамките на хуманиот третман на човекот и граѓанинот.

Уставниот суд во своето решение образложил дека наводите на подносителот на иницијативата се неосновани од причина што измените во Законот за работни односи се во согласност со Уставот.

Сепак, судијата на Уставен суд, Дарко Костадиновски, во издвено мислење во врска со иницијативата со Законот за измени и дополнувања на ЗРО смета дека законодавецот не ги заштитил правата на граѓаните  онака како што налага Уставот, но и мнозинството судии не постапиле правилно бидејќи пропуштиле да утврдат дека со оспорените законски одредби, законодавецот во суштина ги повредил основните права и слободи на граѓаните.

Судијата Костадиновски смета дека одредбата според која поради спецификите на проектите од стратешки интерес потребно е поинкаво регулирање на начинот и местото на исплата што ги пропишува министерот за финсансии, се загрозува правната сигурност и владеењето на правото, се воспоставува нееднаков третман на граѓаните што го остваруваат правото на работен однос.

Второ, во врска со оспорениот член 2 од Законот се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за проекти од стратешко национално значење, судијата Костадиновски смета дека работниците се доведени во неповолна положба и правна несигурност, бидејќи законската рамка остава простор за манипулација со времетраењето на прекувремената работа.

И оспорениот член 3 од Законот за неделата како неработен ден – не е во интерес на сите работници, напротив има неконзистентност, нејасност што води во противречност и генералното правило „недела неработен ден за сите работници“ ја губи смислата, нагласува уставниот судија Костадиновски во своето издвоено мислење.

Комитетот продолжува активно да ја следи имплементцијата на овие измени во пракса и ќе реагира во случаите каде што има индикации за коруптивни дејствија во контекст на изградбата на коридорите. Во врска со ова ги охрабруваме граѓаните да ги пријават случаите за кои имаат сомневања за неправилности или прекршувања на нивните права.

 

Издвоено мислење на Судија на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски