Успешна иницијатива до Уставниот суд

декември 15, 2010

Хелсиншкиот Комитет ја поздравува последната одлука на Уставниот Суд на РМ со која денес Судот ја прифати иницијативата поднесена од страна на Хелсиншкиот Комитет и ги поништи спорните членови од измените на Законот за електронски комуникации.

Комитетот како поднесувач на оваа иницијатива смета дека Уставниот Суд ја исправи грешката на законодавното тело и со тоа даде свој придонес во заштитата и почитувањето на есенцијалните човекови права меѓу кои се и правото на приватност на личниот и семеен живот на граѓанинот, на достоинството и угледот на личноста.

За барањето на ваквата одлука имаше повеќе причини меќу кои и тоа што измените на законот за електронски комуникации беа во колизија со Уставот на РМ затоа што спротивно на барањата на Уставот[1] законот не прецизираше под кои услови, во која постапка и според кој закон треба податоците за лицата да станат достапни на надлежните органи, а со тоа да се отстапи од правото на неповредливост на сите облици на комуникација

Измените на законот ги дерогираа и веќе постоечките законски и уставни норми давајќи му на овластениот орган за следење на комуникациите (МВР) неограничена моќ за располагање со податоците, заобиколувајќи ја секоја надворешна контрола. Со понудените решенија се избегнуваше Судот, Јавното обвинителство па дури и самите оператори затоа што на органот за следење на комуникации му беше овозможено самостојно преземање на податоците за сообраќај, без одлука на суд, а во спротивност со барањето на член 17 од Уставот на РМ.

Законот за измени и дополнувања на законот за електронски комуникации беше во директна спротивност и со генералниот закон со кој се уредува следењето на комуникациите – Закон за следење на комуникации како и со законот за кривична постапка. Со истите се регулира примената на посебните истражни мерки која мора да се ограничи само на ситуации доколку се работи за повисока општествена опасност што е пропорционална и соодветствува со дерогација на основните права и слободи на човекот.

Спротивно на овие решенија измените на законот за електронски комуникации го заобиколуваа јавниот обвинител и истражниот судија, не предвидуваа никаква наредба, не прецизираа за кои дела и при какви околности ќе биде овозможено следење на комуникации ниту нивното времетраење, што ја прави невозможна проверката на нивната законитост пред судските органи и со тоа го лишува поединецот од соодветна заштита.

Соодветно, усвоените измените беа во спротивност и со член 5[2] од Законот за заштита на лични податоци како и на меѓународните документи и норми за правото на приватност и особено на Европската конвенција за човекови права, Универзалната Декларација за човекови права[3], како и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права[4].

Од сите овие причини Хелсиншкиот Комитет уште еднаш ја поздравува одлуката на Уставниот Суд и АПЕЛИРА до власта и особено до законодавниот орган во иднина кога ќе предлага и носи законски решенија во прв план да ги има во предвид човековите права и нивната заштита како и да не се оглушува на мислењата на експертите, бидејќи човековите права не засегаат сите нас подеднакво и без нивно почитување не можеме да зборуваме за правен поредок и демократија.

——————————————————————————–

[1] Член 17 од Уставот на РМ

[2] Член 5

Личните податоци се:

– …собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и се обработуваат на начин што е во согласност со тие цели.

– соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои се собираат и обработуваат;…

[3] Член 12

[4] Член 17