мај 2, 2020

Успехот е заеднички!

Изминативе денови објавивме јавно барање до Владата да ја смени одредбата со која се овозможуваше отпуштање работници во фирмите кои користат државна поддршка за надминување на економската криза предизвикана од пандемијата. По брзата и солидарна мобилизација на повеќе организации и синдикати, Владата ја смени штетната одредба. Ја поздравуваме одлуката на Владата и се надеваме дека, во интерес на довербата, нема да ретерира од неа, под притисок на бизнис заедницата.

Успехот е заеднички! Сите кои се обединивме и водени од заеднички интереси веднаш го кренавме својот глас против неправдата сме заслужни за ова – работничките и работниците, активистките и активистите, здруженијата, синдикатите, сите граѓанки и граѓани, целата јавност.

Овој успех уште повеќе нѐ мотивира да бидеме активни и да ги браниме правата на работниците, сиромашните и сите обезгласени, обесправени и угнетени по кој било основ – род, етничка припадност, социо-економски статус, вера, сексуална ориентација… Нема да дозволиме товарот од кризава да падне само на плеќите на слабите и цврсто стоиме и зад останатите барања кои ги доставивме претходно до Владата, како и барањата од нашиот Првомајски проглас . Нема да дозволиме судбината на обезгласените да се крои од страна на моќниците и олигарсите.

Инсистираме да бидеме партнери при носењето на сите економско-социјални одлуки.
Продолжуваме да дејствуваме здружено, зашто само така можеме да изградиме праведно, солидарно и хумано општество. Само сложни ќе бидеме можни!

● Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
● Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
● Независен академски синдикат (НАкС)
● Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
● Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
● Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
● Хелсиншки комитет за човекови права
● Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
● Левичарско движење „Солидарност“
● ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена
● Субверзивен фронт