Удар врз уставниот поредок на Република Македонија
декември 25, 2012
Хелсиншкиот комитет со загриженост ги следи последните случувања на македонската политичка сцена. Претставници на Комитет на 24.12.2012 година, за време на протестот на „Фронтот на народот“ од една страна и симпатизерите и членовите на опозицијата од друга страна, од самиот почеток ги следеа случувањата во својство на набљудувачи од аспект на почитување на правата и слободите на граѓаните за време на јавен собир.
Комитетот најостро ги осудува насилството и говорот на омраза кој беше присутен на собирот, а кој резултираше со телесни повреди на граѓани. Притоа, иако полициските службеници во најголем дел професионално ја извршуваа својата должност сепак во неколку случаи беше нотирана примена на несразмерна физичка сила над граѓани кои го пробија полицискиот кордон, но и селективно приведување и непотребни присилни мерки врз двајца граѓани.
Понатаму, по информација од медиумите дека во собраниската сала се случува насилство врз пратеници од опозицијата, претставниците на Комитетот влегоа во Собранието и беа сведоци на видно вознемирени, расплакани и со искината облека пратеници, од кои еден беше во бесознание, а неколку пратенички беа изнесувани со цел да им се укаже медицинска помош.
Веднаш по овие немили настани започна собраниската расправа по предлог буџетот за 2013 година, поради што претставници на Комитетот се упатија во собраниската галерија со цел да ја набљудуваат пленарната седница, што не ни беше дозволено. Истото се случи и со насобраните новинари кои уредно го пријавиле своето присуство.
Комитетот со загриженост констатира дека со ваквите дејствија се врши удар на уставниот поредок на Република Македонија а случувањата преставуваат досега невиден застрашувачки преседан спротивен на основните принципи на правната држава и владеењето на правото. Особено загрижува фактот што пратениците од опозицијата изјавија дека биле насилно отстранети од собраниската сала од страна на припадници на специјални полициски единици.
Комитетот укажува дека согласно Деловникот за работа на Собранието, претседателот на Собранието заради одржување на редот може да даде наредба за отстранување на еден пратеник, но не и на цели пратенички групи. Ова дотолку повеќе што во случај да не може да се одржи редот во собраниската сала најпрвин тој треба да даде две усни опомени, а доколку и тоа не придонесе до воспоставување на редот, да одреди краток прекин на седницата.
Хелсиншкиот комитет поседува фото и видео материјали од опишаните настани кои на јавноста ќе и бидат презентирани во вид на посебен извештај.