Турлитава – заедно е послатко

јули 18, 2017

Со цел да се одбележи 22 јули како ден посветен на жртвите на дела од омраза – акција на Советот на Европа, овoj четврток (20 јули), по четврти пат го организираме настанот „Турлитава – заедно е послатко“ во Паркот на Франкофонијата во Мобилна / Монтажна Галерија, во  19.30 часот.

Идејата со која се организира настанот е надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации, односно ситуации кои водат кон дела од омраза.

Цениме дека со организирање пикник на кој ќе бидат претставени вкусни традиционални специјалитети застапени во различните етнички кујни во Македонија (македонска, албанска, турска, ромска, српска, бошњачка и други), во директна смисла ќе се посочи на различноста како можност за споделување. Тоа значи дека различните припадности (на етничка, национална, јазична, религиозна, сексуална и други групи) можат да бидат застапени и можат да опстојуваат заедно и еднакво значајно.

Ве очекуваме, во четврток, заедно да го одбележиме европскиот ден посветен на жртвите на дела од омраза. Заедно да ги вкусиме различните традиционални кујни, и заедно да го потенцираме прифаќањето, признавањето и споделувањето.

Настанот го организираме со поддршка на „Амбрела“ и „Легис“.