Строга осуда за попречувањето на правото на граѓански протест во Тетово
Вчерашниот настан, за кој информираше центарот „ЛОЈА“, регионалните „#Трансформатори“ и здружението „Екогерила“, претставува грубо кршење на уставно загарантираното право на мирен протест. Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува уништувањето и насилното отстранување на изложбата на група граѓански активисти кои ја користат уметноста како форма на протест.
Имено, половина час откако групата граѓански активисти, „#Трансформатори“, поставила три инсталации со фотографии од разни локации во Тетово заедно со нереализирани предизборни ветувања од страна на Општината, неколку луѓе, со службен автомобил од Општина Тетово целосно ја уништиле и ја отстраниле изложбата. Со овој насилнички чин директно се напаѓа слободата на изразување и се кршат загарантираните човекови права и слободи. Истакнуваме дека попречувањето на правото на мирен протест, како и противзаконското користење на службен автомобил од Општината Тетово, претставуваат дејствија со кои во конкретниот случај засегнатите лица флагрантно го прекршиле Уставот, Законот за јавни собири и релевантните меѓународни стандарди. Хелсиншкиот комитет за човекови права веднаш ќе покрене постапка заради утврдување на околностите во случајот, при што ќе бара преземање конкретни мерки од страна на Општина Тетово со цел утврдување на одговорност во најбрз можен рок. Дополнително, од страна на надлежните структури во МВР ќе биде побарано да се преземат неопходните мерки и активности.
Ваквиот вандализам, спроведен од општинските власти во Тетово за време на прикажувањето три инсталации кои ја користат уметноста како форма на протест, наликува на враќање на режимските практики на постапување од страна на властите во државата на начин кој е во целосна спротивност со вредностите и принципите кои тие треба да ги застапуваат. Притоа, укажуваме дека враќањето на довербата во локалните и централните власти може да се случи само ако се покаже бескомпромисност во борбата за заштита на слободите и правата на граѓаните и ако се почне со системско санкционирање на прекршувањата од страна на претставници на властите. Хелсиншкиот комитет очекува Општина Тетово и Министерството за внатрешни работи сериозно и неодложно да се зафатат со расчистување на денешниот инцидент и веднаш да ја утврдат одговорноста на сите лица инволвирани во настанот.