Стратешки форум – „Условите во полициските станици и заштита на лицата лишени од слобода од тортура и нехуман третман”

јули 1, 2021

Во рамки на проектот „Елиминација на мачењето и нечовечкото постапување во затворите и установите за лишување од слобода”, поддржан од Европската унија, на 30 јуни 2021 година,  Хелсиншкиот комитет за човекови права, заеднички со Македонското здружение на млади правници организираше стратешки форум на тема „Условите во полициските станици и заштита на лицата лишени од слобода од тортура и нехуман третман” во Хотел Солун – Скопјe.

На стратешкиот форум учествуваа претставници од двете организации, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, Секторите за внатрешни работи при МВР, Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител, професори, адвокати итн. Настанот со свои воведни говори го отворија Александра Цветановска, претседателката на МЗМП и  Дејан Андонов, помошник министер на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.
Претставниците од Хелсиншки комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници на настанот ги презентираа активностите во рамките на проектот, преку од март до јуни 2021 година беа спроведени мониторинг посети во девет полициски станици (ПС Центар, ПС Велес, ПС Битола, ПС Куманово, ПС Штип, ПС Кисела Вода, ПС Струмица и ПС Охрид).
Форумот опфати дискусија за наодите констатирани преку овие посети, за препораките за подобрување и унапредување на условите во полициските станици, правата на лицата лишени од слобода, како и за предизвиците кои следат во наредниот период. Форумот за дискусија е активност предвидена со Меморандумот за соработка склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи, Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот Комитет за човекови права. Целта на меморандумот е воспоставување соработка и спроведување на заеднички активности, со цел елиминација на мачењето и нехуманиот третман во установите во кои лица се лишуваат од слобода, како и обезбедување висок степен на почитување на човековите права од страна на полицијата.