Стоп за насилството од омраза врз ЛГБТИ луѓето!
јуни 23, 2013
Најостро го осудуваме насилството од омраза пред споменикот на „Воинот на коњ“, хулиганското дивеење и демолирањето на ЛГБТ центарот во „Стара Чаршија“ (додека се одржуваше проекција и трибина за правата на транс лицата), и говорот на омраза кој поттикнува на насилство и дискриминација.
Бараме од МВР најитно да ги открие и уапси сторителите на кривични дела кои претепаа лице во центарот на Скопје, кои повторно го демолираа ЛГБТ центарот во „Стара Чаршија, кои нападнаа и повредија полицаец во вршење на службена должност, и кои ширеа и продолжија да шират закани и говор на омраза кој поттикнува на насилство и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
За жал, и покрај преземените превентивни мерки од страна на МВР, се случија сериозни кривични дела (насилство на плоштад, насилство врз ЛГБТ центарот и активистите во него, напад на службени лица) за кои има повеќе индиции дека се кривични дела сторени од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Иако ова не е прв напад на ЛГБТ Центарот, сепак е прв пат истиот да биде нападнат во присуство на луѓе и одржување на настан, поради што сметаме дека нетолеранцијата кон ЛГБТИ заедницата станува се поголема. Поради ова, го повикуваме јавното обвинителство конечно да ги препознае кривичните дела од омраза поради карактеристиките на луѓето, поради што бараме сторителите да бидат пронајдени и истите да бидат гонети за насилство предизвикано од диксриминација поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет на луѓето. Бараме конечно да се применат одлуките на Европскиот суд за човекови права, во кои е јасно наведено дека „сексуалната ориентација како фундаметална карактеристика на една личност, треба да се третира на ист начин како и категориите раса, етницитет и религија, кои најчесто се покриени со закони за санкционирање на говор на омраза и насилство од омраза“. Сметаме дека со ова конечно ЛГБТИ заедницата ќе добие заштита и поддршка од институциите кои треба да ги штитат правата на сите граѓани и превентивно ќе делува во иднина вакво насилство да не се повтори.
Ја потсетуваме јавноста дека уште на 21.06.2012, Коалицијата и Хелсиншкиот комитет за човекови права пријавија во полиција дека јавно „се поттикнува отворено насилство кон ЛГБТ лицата“ и дека „Очекуваме од МВР да ги преземе сите неопходни мерки за заштита од насилство, дискриминација и ширење омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, и да овозможи мирно и непречено одвивање на планираните активности во „Неделата на гордоста“.“
Го повикуваме премиерот и претседателот на Република Македонија да го осудат ваквото насилство, поради тоа што и ЛГБТИ луѓето се граѓани на Република Македонија и истите треба да бидат почитувани и заштитени како и сите останати граѓани на оваа држава.
Бараме од лидерите на политичките партии, и од лидерите на верските заедници јавно да го осудат насилството кон ЛГБТ лицата и активистите за човекови права и да се оградат од хулиганите и неонацистичките групи кои јавно повикуваа на насилство и дискриминација.
Бараме од Владата и од пратениците да подготват законски измени со кои кривично ќе се казнува говорот на омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет и со кои ќе се предвидат поостри казни за делата сторени од омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет.
Упатуваме апел до медиумите и новинар(к)ите да престанат со ширењето на дезинформации (како што беа дезинформациите во врска со „Геј парадата“), да се воздржат од ширењето на негативни стереотипи и предрасуди за ЛГБТ лицата, и од објавувањето на содржини кои поттикнуваат на насилство и дискриминација врз која и да е основа.
Ја повикуваме граѓанската и интелектуалната јавност во Република Македонија најостро да го осуди насилството врз ЛГБТ-активистите (кои беа нападнати од маскирани хулигани додека оддржуваа трибина во ЛГБТ центарот), како и екстремистичките групи (од неонацисти, маскирани хулигани, и верски фанатици) кои почнаа отворено да дивеат во центарот на Скопје.
Уште еднаш бараме од МВР да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на ЛГБТ лицата и активистите за човекови права од насилство, дискриминација и ширење омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, и да овозможи мирно и непречено одвивање на другите планирани активности во „Неделата на гордоста“.
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ – Скопје, ЛГБТ Јунајтед – Тетово