Создаваме подобра средина за девојчињата во ВПУ Тетово
ноември 20, 2025

Во рамки на проектот „Зајакнување на човековите права и услуги за децата и ранливите лица во ризик во затворени институции“, финансиран од Европската унија, Хелсиншкиот комитет за човекови права помогна во опремувањето на женското одделение во Воспитно-поправната установа Тетово.
Во одделението се постави нов мебел, основна опрема, средства за рекреација, како и дополнителни ресурси кои придонесуваат за побезбедна, подостоинствена и попоттикнувачка средина за женските лицата кои издржуваат воспитно-поправна мерка. Со ова, значително се подобрува квалитетот на секојдневниот престој и можностите за личен развој.
Во женското одделение во овој момент има една корисничка која ни ја сподели својата перспектива за направените подобрувања:
„Во Идризово седев 9 месеци, по 22 саати во соба. Тука ми е подобро, зошто не сум затворена, имам по други активности, како спорт, пинг понг, пилатес, и имам поголем простор кај да се движам. Можам да ја користам дневната кај што има убав мебел и телевизор.”
Активноста претставува дел од пошироките напори за унапредување на условите, заштитата на човековите права и поддршката на децата и ранливите групи во затворени институции низ државата.


