Реформите во Поглавјето 23 ќе бидат или едро или сидро во преговорите за членство во ЕУ
мај 23, 2019
Реформите во Поглавјето 23 за правосудство и темелни права ќе бидат или ветер во едрата на патот кон членство во Европската Унија доколку успешно се спроведат или ќе бидат сидро кое што ќе го закочи целиот процес. Ова беше заклучокот од денешната конференција „Поглавје 23: македонското сидро или едро“ организирана од Институтот за европска политика и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
На конференцијата претстaвници на граѓанскиот сектор, владините инситуции и експерти разговараа за имплементацијата и текот на реформите во Поглавјето 23. Тоа е едно од поглавјата во процесот на преговори со Европската Унија кое што прво се отвора и последно се затвора, па затоа и се смета дека е едно од најважните.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска на отворањето на настанот рече дека оваа конференција преставува можност да се рефлектира до каде се реформите во земјава.
Министерката за правда, Рената Дескоска истакна дека реформите во правосудството се дефинитивно едро на целокупниот процес на евроинтеграција.
- -Процесите кои што ги правиме позитивно оценети од Европската комисија и тука би сакала да укажам на изјавата од Јоханес Хан, кој што нашата држава ја презентираше како успешна приказна за реформи. Круна на целокупната работа беше донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и изборот на новата антикорупциска комисија, што покажува дека навистина имавме искрена и добра волја во креирањето на законската рамка. Оваа искреност се одразува во секојдневните активности на ДКСК, каде гледаме посветено работење коешто ги дава своите резултати, изјави министерката Дескоска.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, Никола Попоски рече дека не ни треба Прибе или било кој друг да ни каже дека законите не се во ред и дека имаме потешкотии во примената.
- -Доколку продолжиме со печатење на безброј закони за да бидеме поблиску до реформите на ЕУ, тогаш нема да имаме ефикасни реформи. Секогаш усвојуваме закони под некаков притисок и под рок, рече Попоски и додаде дека кон менување на закони треба да се пристапи само кога тоа е апсолутно потребно.
- – Во однос на самиот процес на пристапување, од наша страна треба да научиме дека во процес во кој не преговараме, треба да се учи од грешките на другите. Само со кредибилна перспектива и членство може да се надминат проблемите. Ако ние во 2009 имавме препорака, нема логика сега да не го добиеме тоа. Не би требало да има изговор од страна на Советот да не ги започне преговорите со Македонија. Ако проблемот беше името сега и тука нема спор, заклучи Попоски.
Шефот на техничкиот преговарачки тим на Владата, Бојан Маричиќ потенцираше дека оценките на Европската комисија покажуваат дека се спроведуваат реформи во земјата.
- -Имаме реформиран судски пакет, имаме Државна комисија за спречување на корупција која што работи, направени се реформи во поглед на разознавањето и јавната администрација, рече Маричиќ.
Тој рече дека би било идеално во јуни или јули да добиеме позитивен политички сигнал, а Европската комисија да ја разработи преговарачката рамка за Поглавјата 23 и 24.
Александар Јовановски од Хелсиншкиот комитет побара Поглавјето 23 повеќе да се презентира во јавноста и да се информираат граѓаните повеќе за значањето на оваа поглавје. Тој додаде дека Македонија пред Европската комисија и земјите-членки на ЕУ излегува со чисто политичко досие по уставните измени и одржаните претседателски избори.
Раководителката на Секторот за ЕУ во Министерството за правда, Фросина Тасевска рече дека Стратегијата за правосудство и предложените законски измени беа потребни за исполнување на препораките од ЕК и Прибе и дека сега следува нивна практична примена.
Владимир Ѓоргиев од ДКСК рече дека Европската комисија бара институциите што се борат проактивно против корупцијата да имаат политичка независност, функционална независност, како и финансиска независност.
Државниот советник во канцеларијата на Народниот правобранител, Зоран Билбилоски кажа дека во напорите за што поголема заштита на човековите права, треба да се истакне и новата надлежност на Народниот правобранител, тој да биде надворешен механизам за контрола на работата на полицијата и затворската полиција.
Целта на овој настан беше да се поттикене дебата за прашњата од Поглавјето 23 помеѓу сите засегнати актери.
Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Мрежа 23 – Вмрежување за влијание (NETWIT 23)“. Целта на проектот е да придонесе за зголемување на влијанието на граѓанското општество во создавањето на политиките во областа на Поглавјето 23 – правосудство и темелни права, во контекст на европската интеграција. Проектот е имплементиран од Институтот за европска политика – Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а е финансиран од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и Балканскиот фонд за демократија.