Реакција по повод изборот на член на Судскиот совет на РСМ
декември 19, 2019
Судскиот совет на Република Северна Македонија (ССРСМ), како самостоен и независен орган на судството, за да може да ја обезбеди и да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт мора да го поседува и атрибутот на висока професионалност и интегритет на членовите кои влегуваат во неговиот состав, како на оние кои се избрани од редот на судиите, така и на оние кои се од редот на истакнатите правници.[1]
Во овој момент, кога довербата на граѓаните во судството и во Судскиот совет како највисок орган во судството, е на значително ниско ниво, од особена важност е за членови на Судскиот совет да бидат избрани лица за кои не постои сомнеж за нивниот интегритет и професионално делување, кои особено се истакнале во правната наука и кои би можеле активно да придонесат во извршување на основната надлежност на Судскиот совет – обезбедување на независност на судството.
Неодамна, во услови на зголемен притисок за остварување на принципот на владеење на правото, се изврши избор на членови на Судскиот совет од редот на истакнати правници, односно членови на ССРСМ кои ги избира Собранието на РСМ и членови кои на предлог на Претседателот на РСМ ги избира Собранието на РСМ.
Во минатото квалификацијата „истакнат правник“ не беше доволно определена, па се случуваше за член на ССРСМ да биде избран правник кој има две до три години работно искуство во правната област. Од тие причини, во 2015 година со Измени и дополнувања на Законот за Судски совет се конкретизираа годините на работно искуство и тоа, на 15 години работно искуство кое треба да го има кандидатот за член на ССРСМ од редот истакнати правници. Истовремено, се направи прецизирање на квалификацијата „истакнат правник“, па покрај годините, како истакнат правник ќе се смета и лице кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно делување.[2]
Од 2012г. па досега, по предлог на Претседателот или на Собранието, како истакнати правници се избирани и судии, но по насоки на Венецијанска комисија дека не се обезбедува разноликост на членовите на Судскиот совет и се прави концентрација на судии како членови, оваа можност се ограничи, така што со измените на Законот за судски совет на РМ од 2018 година[3] повеќе не може да се избираат активни судии и обвинители за членови на ССРСМ од редот „истакнат правник“. Во поткрепа на ова е и мислењето на многу домашни и меѓународни институции и организации, вклучувајќи ја и Венецијанската комисија[4], дека таквата состојба може да доведе до монополистичко судско управување од страна на Судскиот совет.
Во новиот Закон за ССРСМ[5] донесен во мај 2019 година, дадени се услови кој сè може да биде член на ССРСМ по предлог на претседателот на РСМ, а избран од Собранието на РСМ. Имено, за член на Советот по предлог на претседателот на РСМ, Собранието може да избере лице кое покрај што треба да е државјанин на РСМ и да не е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата или друго кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци што го прави недостоен за да ја врши функцијата член на Советот, потребно е да има најмалку 15 години работно искуство во правната професија со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно делување, да ужива углед и да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Совет. Покрај ова законот дава предлози кој сè може да биде избран за член на ССРСМ, па ги наведува универзитетските професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставен суд на Република Северна Македонија, меѓународни судии и други истакнати правници.
Ова јасно ја покажува интенцијата на законодавецот за посакуваниот профил на членови на Судскиот совет.
Сепак, се продолжува со праксата за членови на Судски совет на РСМ предложени од Претседателот на РСМ, а избрани од Собранието на РСМ, да се избираат кандидати кои имаат работно искуство во извршната и судската власт, а од приложената биографија не може да се види исполнувањето на законските услови во насока на утврдување на елементите за истакнат правник.
Ова укажува дека е тешко да се обезбедат кандидати – истакнати правници кои според овие законски услови треба да ја напуштат својата редовна професионална дејност која им овозможила услов да бидат истакнати правници.
Реализацијата на реформите во правосудството и функционирањето на институциите зависи од изборот и именувањето на кадарот во овие институции, кои имаат суштинска улога во спроведувањето на политиките кои треба да придонесат кон позитивни промени за гарантирање на правата на граѓаните и унапредување на отчетноста и транспарентноста на истите.
[1] Основна анализа за работата на Судскиот совет, Институт за човекови права, 2015, стр.9.
[2] Закон за измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Службен весник на РМ бр.61/2015
[3] Закон за измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Службен весник на РМ бр.83/2018
[4] Venice Commission, Opinion on the laws on the disciplinary liability and evaluation of judges, стр.14
[5] Закон за Судски совет на РСМ, Службен весник на РСМ бр.102/2019