Реакција на насловната страница на дневниот весник „Вечер“ од 01.02.2013

февруари 1, 2013

Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија и ЛГБТИ Центарот за поддршка најостро го осудуваат денешното издание на весникот Вечер, со кое се срушија сите принципи  на едно одговорно новинарство во една демократска држава.

Би сакале да потсетиме на разликата меѓу вест и коментар, за разликата меѓу слободата на изразување и говорот на омраза. Би сакале да потсетиме за значењето на повикот на линч кој е свиен во повик кон граѓаните да пријавуваат поединци, новинари за кои се сомневаат дека се припадници на нехетеросексуалната ориентација. Заштитата на правото на слободата на изразување не подразбира заштита на говорот на омраза, ниту пак заштита на изразувањата кои поттикнуваат на омраза и насилство.

На насловната страна на денешното издание на Вечер стои наслов “Има ли хомосексуалци меѓу новинарите”, кој е проследен со текст, кој повикува на скриен линч преку јавно етикетирање, истовремено се цел да се омаловажат  поеднинците поради бесмисленото истакнување на нечија сексуална ориентација (НАГЛАСУВАМЕ : без никаков релевантен извор за вистинитост на истакнатите непотребни информации).

Залагањето на одредени новинари за одговорно новинарство и независно информирање на јавноста  каде што говорот на омраза мора да биде изоставен, беше нападнато како кампања за геј парада што е  надвор од сите параметри на вистината. Вистината која е заборавена преку манипулативната игра на овој дневен весник е оттргнување на вниманието на јавноста од вистинскиот проблем на падот на слободата на новинарството, преку насочување на омразата кон одредени новинари претставени како хомосексуалци. Хомосексуалноста се претставува како деградирачка особина со цел да се деградираат индивидуи без никакви факти и притоа се повредува нивното право на приватност, што е тотално апсурдно за еден модерен весник кој опстојува во демократска држава која промовира вредности на еднаквост и диверзитет за народот и држава која е член на Советот на Европа.

После континуираната хомофобична кампања, во која предничи дневниот весник Вечер како резултат имавме наслиство веднаш после отварањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка, насилство имаше и на Маршот за толеранција, а во последните два месеци веќе имаме и три случаи на домашно насилство каде како основа се јавува сексуалната ориентација. Денешната насловна страна на дневниот весник Вечер претставува уште еден од многуте докази за потребата за прилагодување на македонското законодавство и систем по препораките на Советот на Европа за говорот на омраза и заштитата од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

Ги повикуваме Владата и Собранието на Република Македонија конечно да ја препознаат потребата од вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за говор на омраза и злосторства во Кривичниот Законик на Република Македонија што би претставувало почеток на остварувањето на принципот на почитување на различностите, кој треба да претставува  еден од основните принципи на една демократска држава.  Исто така, апелираме до граѓаните на Република Македонија да не учествуваат во активности кои ќе дадат легитимитет на омразата која се обидуваат да ја поттикнат определени медиуми, поради тоа што секој кој ќе придонесе кон повикот станува директен соучесник во овие дела.

Соопштението можете да го превземете на следниов линк

Коментар на Уранија Пировска, Извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за Нова ТВ:

Видео

Коментар на Уранија Пировска, Извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за Нова ТВ