Реакција на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија за говорот на омраза кон емисијата „Моја сторија“ на МТВ

април 23, 2021

На 20 април 2021 г. (вторник) нашите организации-членки: ЛГБТИ Центар за поддршка, Сигурна куќа, ТрансФормА, Субверзивен фронт и Скопски квир центар беа гости во емисијата „Моја сторија“ на Македонската радио телевизија (МТВ), поддржана од Европска куќа (Europe House Skopje).
Од самото емитување на емисијата, темата, гостите, водителите, а и МТВ се мета на напади од јавноста, како и од многу медиуми кои ја осудуваат одлуката на МТВ да се прикажуваат вакви содржини на јавниот национален сервис, но и изнесуваат невистинити наводи дека тоа е дел од агендата на новата образовна реформа на Министерството за образование и наука.
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија чувствува потреба да појасни неколку работи во јавноста. Прво, оваа емисија не е организирана од Министерството за образование и наука и нема никаква поврзаност со сегашните образовни реформи. Напротив, продукцискиот тим на самата емисија пристапи до нашите организации-членки и побара нивни претставници да потврдат гостување во емисијата, а потоа почнаа со најава на темата на емисијата и испитување на јавното мислење по неа, анкетирајќи неколку млади луѓе во Охрид.
Емисијата имаше за цел да прикаже дека ние ЛГБТИ+ луѓето не бараме посебни права туку еднаков пристап до и уживање на уставно и законски загарантираните права за сите граѓани, како и да информира за нашите предизвици, проблеми и потреби. Доколку ја проследивте целата емисија, ќе воочевте со колку препреки секојдневно се соочува нашата заедница – како на пример: непријатни ситуации при посета на доктор или константно чувство на небезбедност кога се движиме по улица – а по реакциите на дел од јавноста на социјалните мрежи се потврдува колку всушност сме нееднакви во општеството во кое живееме и колку се легитимни стравовите по нашата безбедност имајќи ги предвид изблиците на говор на омраза и закани по телесниот интегритет и животите на ЛГБТИ+ луѓето што имавме можност да ги прочитаме деновиве. За нас е исто така загрижувачки што дел од наставниот кадар се однесува дискриминаторски и се придружи на бранот омраза што уследи на социјалните мрежи, за што ќе поднесеме претставка до Државниот просветен инспекторат.
Апелираме медиумите да пишуваат и известуваат придржувајќи се до професионалните и етички стандарди, без користење на потпалувачки или сензационалистички говор што може да генерира омраза и насилство кон ЛГБТИ+ заедницата, и најважно, без продукција на лажни вести. Ваквите содржини присутни на интернет порталите се споделуваат подоцна на социјалните мрежи каде што омаловажувањето, потсмевањето и вознемирувањето на ЛГБТИ+ луѓето продолжува со зголемен интензитет. Во крајна линија, тоа лесно може да резултира со криминал од омраза врз ЛГБТИ+ луѓето надвор од интернетот, во физичкиот простор, којшто во голем дел од случаите останува непријавен и несанкциониран од кривично-правниот систем и, за жал, го прави нашето општество уште понасилно, поисклучувачко и понепријателско кон сексуалната и родовата различност.