Реакција на итните законски измени за прекин на мандатите на независните државни комисии
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата остро реагира на изгласаните измени и дополнувања, како и на предлозите за нови измени на законите со кои што предвреме се прекинува мандатот на членовите и на претседателите на независни и самостојни државни органи, Државната комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН), Комисијата за заштита на конкуренцијата и второстепената Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Престанокот на мандатите на претседателите и на членовите на овие комисии пред истекот, се прави со итни законски измени, предложени од група пратеници, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации.
Со оглед на тоа што фокусот на овие законски измени е токму на составот и изборот на членови на независни институции, се стекнува впечаток дека целта на измените е да се изберат нови состави на овие комисии по мерка на новата власт. Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите.
Дополнително, во предложените измени на Законот за јавни набавки се предлага, освен претседателот и сите членови на Комисијата да имаат високо образование од областа на правото и положен правосуден испит, што, со оглед на широкиот спектар на области кои ги опфаќаат јавните набавки, претставува ограничувачки критериум кој е утврден без какви било валидни аргументи. Произлегува дека барањето сите членови на ДКЖЈН да бидат од областа на правото со положен правосуден испит е утврдено врз основа на субјективен став на предлагачите, кои не се темели на насоки содржани во директивите за јавни набавки на Европската Унија, ниту пак на искуството во другите европски земји. Исто така, со измените се предлага олеснување на условите за членовите и за претседателот на Комисијата за жалби, со тоа што наместо како сега „работно искуство“ во јавните набавки, ќе биде доволно да имаат „познавања од областа на јавните набавки или концесиите и јавното приватно партнерство“.
Проектниот извештај на Европската Унија којшто го наведуваат пратениците во своето образложение за измените на Законот за јавни набавки содржи и други, дури посериозни критики за состојбите во системот на јавни набавки, но пратениците кои ги предлагаат измените, селективно ги издвојуваат само критиките за Комисијата за жалби, создавајќи на тој начин искривена слика дека широко распространетата корупција и слабостите во јавни набавки се резултат само на слабостите на оваа институција.
Платформата укажува дека резултатите од работењето на овие комисии можат и треба да бидат предмет на јавна дискусија и да водат кон барање на решенија за унапредување на нивното работење, но не и да претставуваат основа за брзи, партиски и груби интервенции за засилување на политичката концентрација на моќ и влијание.
Оттука, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара од пратениците да не ги гласаат предложените измени на Законот за јавни набавки и да се отвори широка јавна расправа во која темелно и непартиски ќе се бараат решенија за подобрување на работењето на овие и на другите независни институции.