Реакција на дадени препораки на Министерството за здравство за заштита од студено време и студени бранови

јануари 13, 2017

Хелсиншкиот комитет испрати допис до Министерството за здравство – Комисија за превенција на штетни ефекти од студено време и студени бранови со кој остро реагира на соопштението објавено на 9 Јануари во кое Комисијата дава препораки за превентивно делување поради екстремно ниските температури кои ја зафатија целата држава. Во своето соопштение Комисијата препорача во понеделник и вторник (9 и 10 Јануари 2017 година, со најава препораките да продолжат да важат доколку продолжат ниските температури во државата) да се ослободат од работни обврски бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години. Ваквите препораки Комисијата ги упати до работодавачите ширум држава, со посебен акцент на регионите Осогово-Малешево, во кој регион спаѓаат Берово, Пехчево, Виница и Делчево, како и на Полошкиот регион во кој регион спаѓаат Тетово, Гостивар и Кичево кои се во портокалова фаза поради екстремно ниските температури.

Хелсиншкиот комитет потенцира дека со вака предвидените препораки, Комисијата при Министерството за здравство врши дискриминација по основ на возраст. Препораките и мерките за заштита од студеното време во својата основа треба да ја имаат здравствената состојба, а не возраста на лицата на кои се однесуваат. Дискриминација по основ на возраст се прави на сите лица кои не се на 60 годишна возраст, односно се помлади од тоа. Хроничната болест е болест кај лицето која е присутна подолго време, може да се појави кај лица од различни возрасти и често е трајна. Законот за здравствена заштитна (Службен весник на РМ број 43/2012 од 29.03.2012 година) предвидува дека секој има право на здравствена заштита и обврска да се грижи и да го чува и унапредува своето здравје во согласност со овој и друг закон и никој не смее да го загрозува здравјето на другите. Согласно начелото на правичност во член 9 од овој закон, здравствената заштита се остварува со забрана за дискриминација при укажување здравствена заштита по однос на раса, пол, старост, национална припадност, социјално потекло, вероисповед, политичко или друго убедување, имотна состојба, култура, јазик, вид на болест, психички или телесен инвалидитет. Препораката на министерство за ослободување од работа на хронично болните лица е во рамките на законот и посебната здравствена заштита на оваа категорија на лица заедно со бремените жени, меѓутоа во никој случај не смее да се прави поделба по основ на возраста на лицата. Во оваа насока би сакале да ја посочиме и заштитата од дискриминација по основ на возраст, утврдена во член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација во кој се наведува дека се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на возраст.

Од овие причини, неколку лица со хронични заболувања реагираа до Хелсиншкиот комитет и во јавноста со барања препораките да важат за сите хронично болни без возрасни ограничувања од причина што ваквите препораки секоја година во екстремно ладни или екстремно топли услови Министерството за здравство ги дава само за хронично болните над 60 годишна возраст, исклучувајќи ги сите лица под оваа возраст, особено младите со тешки хронични заболувања.

За таа цел Хелсиншкиот комитет во својот допис бара од Министерството за здравство преку Комисијата за превенција на штетни ефекти од студено време и студени бранови, да даде нови препораки кои ќе важат во екстремно ниските температури во државата, а ќе се однесуваат на бремените жени и хронично болните лица без возрасни ограничувања. Дополнително Комитетот бара и во иднина препораките кои Министерство ги дава како во екстремно ниски, така и во екстремно високи температури, да важат без возрасни ограничувања кај хронично болните. Во спротивно Хелсиншкиот комитет е подготвен во име на хронично болните лица кои се обратија до Комитет, да преземе соодветни мерки за заштита од дискриминација во согласност со националната правна рамка.