Реакција кон ксенофобијата за бегалците
септември 7, 2017
Во пресрет на јавната дебата поттикната од одредени политички структури во однос на предложената Стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година, која беше проследена со значителна појава на говор на омраза насочен кон бегалците, Хелсиншкиот комитет чувствува за потребно да ја прикаже моменталната состојба со бегалците во Република Македонија.
Имено, според Министерството за внатрешни работи, во периодот од јуни, 2015 година (кога започна официјалната регистрација на бегалците) до затворањето на „Балкансаката рута“ во март, 2016 година, низ Република Македонија транзитирале вкупно 472.437 бегалци. Со оглед на тоа што единствено во овој период бегалците беа регистрирани, реалната бројка на бегалци кои поминале е многу поголема. Според статистичките податоци од Европската комисија, низ Република Македонија во 2015 година транзитирале повеќе од 815.000 илјади, а во првите 4 месеци од 2016 година, 89.197 бегалци.[1]
По информации добиени од Министерството за внатрешни работи врз основа на барање за пристап до информации од јавен карактер, Хелсиншкиот комитет утврди дека во текот на изминатите 3 години, односно во периодот од 2015 година, заклучно со месец јуни, 2017 година, во Република Македонија биле поднесени вкупно 2.243 барања за признавање на правото на азил од страна на 2.717 лица. Од нив, на само 5 лица им е доделен статус на признаен бегалец, а на само 11 лица им е доделена супсидијарна заштита. Во продолжение претставуваме графички приказ од добиените одговори.
Од прикажаните бројки може да се заклучи дека само 0.275% од сите бегалци кои поминале низ Република Македонија поднеле барање за признавање право на азил, а на само 0.22% од нив им е признаен статус на бегалец. Ова покажува дека Република Македонија претставува единствено транзитна земја на бегалците од скорешната бегалска криза, а во никој случај не претставува земја на крајна дестинација.
Спротивно на ова, во јавноста се покрена инцијатива заснована врз лажни податоци според која Република Македонија требало да се подготви за сместувањето и интеграцијата на бегалци. Јавната дебата која се разгоре беше проследена со високо ниво на ксенофобичен говор на омраза кон бегалците, поистоветувајќи ги со терористи, со навредливи и понижувачки пораки кои повикуваат на спречување на нивното населување во државата. Се покренаа неколку граѓански иницијативи, наменети за собирање потписи на граѓаните против населување на мигранти, кои непрекинато поттикнуваа и провоцираа говор на омраза. Дополнително, во две општини во државата (општина Гевгелија и општина Аеродром, Скопје), веќе се донесени одлуки за одржување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за или против населувањето и интеграција на бегалците во овие општини. Иако поведувањето на граѓански иницијативи и распишувањето референдум за испитување на мислењето на граѓаните се демократски и законски дозволени механизми, неопходно е тие да не провоцираат и поттикнуваат омраза кон одредена целна група, во овој случај бегалците.
Хелсиншкиот комитет предупредува дека континуираното ширење и поттикнување на говорот на омраза кон бегалците, може лесно да води кон сторување дела од омраза. За потсетување, од почетокот на 2015 година, до денес Хелсиншкиот комитет има регистрирано 34 дела од омраза, сторени кон бегалци или мигранти на територијата на Република Македонија.[2]
Го повикуваме Министерството за внатрешни работи, внимателно да ја следи појавата на говор на омраза и да презема соодветни мерки кон лицата кои шират и промовираат омраза по основ на националност, етничка припадност и верско уверување. Тие мора да бидат соодветно гонети и казнети со цел да се спречи понатамошното ширење на говор на омраза и негово преминување во дела од омраза. Истовремено, ги повикуваме сите политички субјекти и јавни личности да не шират непотребна паника и вознемиреност кај граѓаните со изнесување на лажни наводи за населувањето и интеграција на бегалците.
[1] https://ec.europa.eu/echo/files/aid/countries/factsheets/fyrom_en.pdf