Работодавачите имаат обврска да спречат негативни последици врз здравјето на работниците

август 9, 2019

Имајќи го предвид прогласувањето на портокалова фаза на територијата на цела држава до 14ти август оваа година, Хелсиншкиот комитет за човекови права потенцира дека работодавачите имаат обврска да ги преземат сите мерки со цел да спречат негативни последици врз здравјето на работниците кои се изложени на високи температури. Согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, се препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Дополнително, сите правни субјекти што вршат работи на отворено, а особено градежните работници, треба да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот.

Топлинскиот стрес претставува сериозна закана за животот и здравјето на работниците. Оттука, неопходно е да се спроведат проверки на соодветноста на вентилацијата и климатизацијата на работните места, да се обезбеди минимум една климатизирана просторија, каде вработените можат да се разладуваат во текот на работата, и да има почести паузи во текот на работата со доволно разладени течности за пиење. Хелсиншкиот комитет препорачува значително да се намали интензитетот на работа и нормите во производството, да не се дозволува прекувремена работа и да има прекин на работата при потреба. Ги поттикнуваме работниците и сите граѓани да пријават непочитување на препораките, или доколку забележат симптоми на топлотен удар кај работниците. Во исто време, апелираме до работодавачите да обезбедат соодветни лични заштитни средства, да се запознаат работниците со ризикот на работното место од високи температури и да се посвети посебно внимание и надзор при работа со хемиски материи заради поголема опасност од интоксикација.

Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до Државниот инспекторат за труд и побара да ги зголеми своите теренски контроли во овој период со цел утврдување и казнување на неправилностите. Сите оние кои сакаат да пријават непочитување на препораките, можат да се јават во Државниот инспекторат за труд на 02 311 6110.

2