Работниците да не потпишуваат принудни спогодби или бланко листови
февруари 5, 2021
Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без работа за најголем дел од работниците значи ризик по нивната егзистенција. Правото на паричен надоместок во случај на невработеност во моментов ефективно можат да го искористат само оние работници чиј работен однос е прекинат со отказ од деловни причини. Покрај нив, досегашната пракса посочува дека оваа гаранција можат да ја искористат и работниците на кои работниот однос им престанал заради истекувањето на договорот за вработување на определено време, иако тоа не е изречно пропишано.
Работниците на кои работниот однос им престанал спогодбено не можат да користат паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување. Имајќи го ова предвид, апелираме работниците да не потпишуваат спогодби за престанување на работниот однос или пак, какви било бланко листови што подоцна може да бидат злоупотребени. Од исклучителна важност е работниците да се консултираат со правник и/или адвокат пред потпишување какви било документи.
- Паричниот надоместок на невработеното лице му припаѓа од денот на престанокот на работниот однос, само ако невработеното лице поднесе барање до Агенцијата за вработување во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос.
- Ако невработеното лице поднесе барање по истекот на рокот, паричниот надоместок му припаѓа од денот на поднесувањето на барањето за преостанато време.
На пример, лице кое има право на паричен надоместок за времетраење од 12 месеци, а барањето го поднело дури по истекот на 30 дена, заради доцнењето правото ќе може да го користи само за преостанатите 11 месеци.
- По поднесувањето на барањето, Агенцијата за вработување е должна во рок од три дена од денот на приемот на барањето, по службена должност да ги прибави доказите и податоците потребни за докажување на исполнетоста на условите.
- Паричниот надоместок на невработеното лице му се исплатува врз основа на стажот на осигурување и изнесува најмалку еден месец, ако лицето има стаж на осигурување девет месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.
- Со зголемувањето на работниот стаж, расте и времетраењето на месеците за кои се исплаќа паричниот надоместок, сè до 12 месеци, доколку лицето има стаж на осигурување над 25 години.
- Надоместокот продолжува да се исплаќа и по истекот на 12 месеци кога станува збор за корисничка на паричен надоместок за време на бременост и породување според прописите за работните односи или ако Агенцијата упатила одредено лице на обука, преквалификација или доквалификација до истекот на времето определено за тоа.
Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот согласно закон, колективен договор и договор за вработување.
- Надоместокот изнесува 50 отсто од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци.
Ова значи дека вработен кој заработувал 24.000 денари нето плата во последните три години, доколку поднесе барање до Агенцијата, има право на паричен надоместок од 12.000 денари во времетраење од три месеци по престанокот на работниот однос.
Правниот тим на Хелсиншкиот комитет е достапен за бесплатна правна консултација секој работен ден од 9:00 до 17:00 часот. Сите кои ќе се соочат со прекршување на нивните работнички права, тоа можат да го пријават во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31 и во Хелсиншкиот комитет за човекови права, на телефонските броеви 02 3119 073, 072 278 436 или на електронската адреса helkom@mhc.org.mk.