февруари 4, 2021

Хелсиншки комитет: Затворите да обезбедат посебни простории за самоизолација на ковид позитивните затвореници

Состојбата во затворите може да стане многу критична доколку во установите навремено не се преземат мерки против ширење на ковид-19, стои во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој се базира на теренски посети во периодот од 1 август до 1 октомври 2020 година во казнено-поправните и воспитно-поправните установи во РСМ, извршени од страна на претставници на Комитетот и претставници од Македонското здружение на млади правници.

„Позитивно е што за време на посетите од страна на тимот беше утврдено дека во скоро сите казнено-поправни установи се преземаат мерки за заштита од ширење на ковид-19, особено во насока на дезинфекција на просториите. Но, загрижува фактот во врска со ефикасноста од спроведувањето на мерките за заштита во казнено-поправните установи кои сè уште се соочуваат со ризик од пренатрупаност, а во врска со обезбедување простории за изолација на лицата кои во никој случај не треба да се поистоветуваат со просториите за издржување на дисциплинската мерка самица, како и во установите во кои хигиенските услови се на најниско ниво поради проблеми со редовно снабдување со вода“ велат од Хелсиншки.

Оттаму потенцираат дека до 5 мај 2020 година во македонските казнено-поправни установи нема заболени од ковид-19, а по смртниот случај во Затворот Скопје, за кој посмртно било утврдено дека бил позитивен, сите направени тестови во установата биле негативни. До моментот на објавувањето на овој извештај, позитивни случаи на ковид-19 се регистрирани само во КПД Идризово и КПД Штип.

Од Хелсиншкиот комитет упатуваат препораки до институции да обезбедат за самоизолација на лицата кои ќе покажат симптоми на ковид-19 во рамките на секоја казнено-поправна и воспитно-поправна установа.

„Изрекувањето мерка упатување во самоизолација не смее да наликува и да се изедначи со дисциплинската казна самица и потребно е да се овозможи лицата лишени од слобода навремено да ги пријавуваат симптомите со што ќе се постигне продуктивноста на мерката, односно спречување на ширење на вирусот врз сите лица лишени од слобода“ велат од Хелсиншки.

Притоа, нагласуваат дека оваа просторија за самоизолација во сите установи да ги исполнува стандардите на КПТ во однос на разумна големина на просторијата, природна светлина, вентилација, чист душек, ќебиња итн. Исто така, да не се изостават и фундаменталните права на осудените лица како право на лекар, право на чист воздух и право на адвокат. Додека пак, ограничувањата на средби со семејствата на лицата и надворешниот свет треба да бидат компензирани со дозвола на лицата за користење на телефони или интернет-комуникација.

Пенитенцијарниот систем сѐ уште се соочува со големи проблеми и предизвици, особено во поглед на материјалните услови, здравствената заштита, образованието и ресоцијализацијата на осудените лица, стои во извештајот.

Целосниот извештај за фактичката состојба во казнено-поправните установи може да се прочита на македонскиалбански и англиски јазик.

Извештајот е подготвен во рамките на проектот „Елиминација на мачењето и нечовечкото постапување во затворите и установите за лишување од слобода“, финансиски поддржан од Европската Унија. За целите на проектот е склучен Меморандум за соработка помеѓу Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Управата за извршување на санкции.