Работеле на државен празник без надоместок – ДИТ утврди неисплаќање на додаток на плата
Државниот инспекторат за труд констатирал дека трговското друштво работи на две локации. Во еден од погоните не се водела електронска евиденција на работното време. Работниците во текот на месец јуни работеле за време на државен празник, при што работата не била евидентирана во месечните пресметки за плата.
Хелсиншкиoт комитет за човекови права поднесе барање до Државниот инспекторат за труд за спроведување на вонреден инспекциски надзор во трговското друштво Панови Плус ДООЕЛ Пробиштип. Предмет на инспекцискиот надзор беше утврдување на несоодветна евиденција на полното работно време и неплатена работа за време на празник. По извршениот инспекциски надзор ДИТ констатира дека трговското друштво Панови плус ДООЕЛ работи на две локации, во еден од погоните не се води електронска евиденција на работното време и работниците во текот на месец јуни работеле за време на државен празник. Работата не била евидентирана во месечните пресметки за плата, а со тоа и на работниците не им бил исплатен додаток за работа на празник согласно Законот за работни односи. Поради тоа, државниот инспектор за труд кој го спровел инспекцискиот надзор го задолжил работодавачот во определен рок да воведе електронска евиденција на работното време и на вработените да им исплати додаток за работа на празник за месец јуни согласно Законот за работни односи.
Хелсиншкиот комитет за човекови права го поздравува ваквото постапување на Државниот инспекторат за труд и ќе продолжи да го следи случајот до целосно отстранување на неправилностите во трговското друштво. Апелираме до работодавачите да ги почитуваат работничките права и доследно да го применуваат Законот за работни односи. Воедно, и понатаму ги охрабруваме текстилните работнички и работници да продолжат да ги пријавуваат прекршувањата на нивните работнички права, како прв чекор кон подобрување на состојбите.
#МојТрудМоиПрава #Инспекција