Пробациска служба – алатка за унапредување на пенитенцијарниот систем
јули 4, 2024
Хелсиншкиот комитет за човекови права на 3 јули ја презентираше анализата „Мониторинг на спроведување на стратегијата за развој на пробациска служба во Република Северна Македонија (2021-2025)“, за 2023 година, подготвена од Хелсиншкиот комитет во партнерство со Македонско здружение на млади правници, Македонско пенолошко друштво и Здружението ИЗБОР во рамките на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка преку ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица“, финансиран од Европската унија.
Документот беше презентиран на тркалезната маса на која дискутираа судии, пробациски службеници, претставници на Управата за извршување на санкции, Заводот за социјални дејности и претставици од граѓанскиот сектор кои дадоа конкретни примери од пракса и предложија активности потребни за зголемување на примената на алтернативните санкции во државата.
Еден од клучните проблеми во државата е малиот број на вработени во секторот за ресоцијализација во затворите како и малиот број на мерки и активности што се спорведуваат за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица во затворите. Праксата покажува дека изрекувањето на алтернативните мерки како условна казна со заштитен надзор и општокорисна работа е се уште е на релативно ниско ниво. Најголем број предмети со изречени алтернативни мерки има во основниот кривичен суд во Скопје кои се покажале како успешни алатки за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица кои треба да се бидат пример за охрабрување и на судиите во останатите апелациони подрачја да носат повеќе пресуди со алтернативни мерки.
„Основната цел на пробацијата е и да го спречи рецидивизмот, кој што е исклучително голем и главно се темели на фактот на тоа што судиите многу ретко изрекуваат алтернативни мерки. Затоа поканивме и судии надвор од Скопје кои треба да се охрабрат да носат одлуки што ќе значат алтернативна мерка а не веднаш казна затвор. Пренатрупаноста во затворите е голем проблем со години наназад и не може да се донесе решение од причина што првенствено државата не вложува доволно пари за сместувачките услови“, истакна Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права и додаде дека и од новиот директор на Управата за извршување на санкции очекува професионализам и волја за соработка со граѓанскиот сектор, со оглед на тоа што многу малку граѓански организации се занимаваат со овие проблеми.
Бројот на пробациските случаи постојано расте, Хелсиншкиот комитет заедно со Здружението на млади правници со години наназад редовно ги посетуваат затворите и добро знаат за состојбите како што се корупцијата, нечовечки и нехумани сместувачки услови, владеење на затвореничко општество наместо владеење на правото. Тоа се состојби што се резултат на тоа што државата не обезбеди доволно средства за да можат казнено поправните установи да им овозможат на осудениците хумани услови во кои тие ќе имаат можност да се ресоцијализираат и реинтегрираат како активни чинители во општеството.
Стратегијата претставува сеопфатен стратешки документ кој дава патоказ за реформите што треба да се направат во рамките на пенитенцијарниот систем.
„Целта на анализата беше да процени дали, во колкава мера и на кој начин се одвива имплементацијата на предвидение активности, каков е нивниот квалитет и динамиката на меѓуинституционалната соработка во полето на пробацијата“, рече Александра Трајановска, правна советничка во Хелсиншки комитет за човекови права.
Потребен е континуиран развој на пробациската служба, која претставува алатка на современата кривична правда и иднина на затворскиот систем со која во голема мера ќе се придонесе кон намалување на пренатрупаноста во затворите.