Приказни од плакарот: Животот на ЛГБТИ+ луѓето меѓу четири ѕида

ноември 15, 2024

Здружението за едукативен развој Еквалис, на 15 ноември, ја постави уметничката инсталација „Приказни од плакарот“ на улица Македонија во центарот на Скопје. Целта на оваа уметничка инсталација е визуелно и низ приказни да ги претстави искуствата со криење, отфрленост, насилство и процесот на самоприфаќање и прифаќање од околината на ЛГБТИ+ луѓето. Во поставениот плакар, минувачите можат да влезат и да прочитаат анонимни приказни од речиси 30 ЛГБТИ+ млади, но и, на момент, да почувствуваат и да замислат како изгледа животот меѓу четири ѕида или, уште нарекувано и како ‘живот во плакарот’.

Приказните кои минувачите ќе ги прочитаат се приказни за криење на своите идентитети, отфрленост и неприфаќање од семејството, обиди со конверзациони терапии, насилство и болка. Истовремено, ќе прочитаат и приказни за пркос, резилиентност, оснажнување, наоѓање поддршка, градење заедници и самоприфаќање.

Плакарот поставен на улица Македонија во физичка форма ја визуелизира фразата “in the closet“ што во превод значи „во плакарот“, а се однесува на сите оние што се идентификуваат како лезбејки, геј, бисексуални, трансродови и квир лица, а коишто не
можат целосно или до крај да бидат свои, автентични и отворени за своите идентитети. Во нашето јазично подрачје, ваквиот концепт е уште познат и како живот во/помеѓу четири ѕида, којшто го означува живеењето на припадниците на ЛГБТИК+
заедницата како тајно, скриено, затворено, а тоа е честопати за нив не по свој избор.

Терминот „во вашите четири ѕидови“ или „во плакарот“ честопати се користи и како црвена линија кога општеството смета дека ЛГБТИК+ луѓето може да постојат, но само затворени, надвор од очите на јавноста, никогаш во јавниот простор, туку засекогаш
изолирани.

Оваа инсталација креирана како заеднички продукт од учесниците на Летната школа за ЛГБТИК+ млади и сојузниц(чк)и на Еквалис и претставува покана кон граѓан(к)ите да влезат барем за момент во тоа како е да се живее живот во изолација, криејќи се, кога одредена група на луѓе само поради тоа што се е предмет на насилство и вознемирување. Инсталацијата дава и интимни исповеди за тоа на кој начин луѓето за првпат се аутирале (ја откриле својата сексуална ориентација или родов идентитет) или „излегле од плакарот“ пред своите семејства, пријатели или колеги и кои биле нивните реакции поврзани со тоа. Во овие интимни исповеди од плакарот, публиката се соочува со приказни на тоа како е да се живее и менаџира сопствениот живот во услови кога тоа станува прашање на опстанок.

Една од приказните вели:

„Пред некој ден ми беше многу лошо. Најверојатно некој стомачен вирус, што не ми дозволи цел ден да го напуштам домот. Тамам помислив ситуацијата се подобрува, почувствував ужасни болки во стомакот. Не можев да се помрднам. Бидејќи живеам во друг град, далеку од моите, им се јавив на телефон плачејќи за да им кажам колку ми е лошо. Се слушнавме, ми направија муабет и ме смирија преку телефон. Малку подоцна ми се јави само мајка ми и ми рече дека вечерта пред сонувала лош сон, таа знаела дека нешто ќе се случи. Кога ја прашав, ми одговори: „Те сонував тебе. Во сонот ми кажа дека си се заљубила во жена.“ – молчев, а таа продолжи. „Ту, ту, ту, не дај Боже, па ти не си лезбејка. Штом го сонував тоа, знаев дека нешто лошо ќе ти се случи!“ Се одлучив да не ѝ велам ништо. Најубаво е да не знае ништо за мојот љубовен живот. “

Можноста да се живее автентично, слободно и безбедно како ЛГБТИК+ лице во Македонија е тешка реалност за многу од припадниците на ЛГБТИК+ заедницата, но таа не е невозможна. Концептот на живот во плакарот или меѓу четирите ѕидови е
мачен и не им дозволува на сите да го достигнат својот потенцијал за среќа. Секој во нашите семејства или блиска пријателска околина има близок со различна сексуална ориентација и родов идентитет. Отфрлањето од своите биолошки семејства, пријателите и друга поблиска средина не е непознато чувство за ЛГБТИК+ младите, па затоа тие понатаму си бараат свои „одбрани“ семејства.

Една од приказните од плакарот вели:

„Додека минував низ тешка депресивна епизода, само сакав да ѝ кажам на мајка ми дека сакам жени. Тоа и го направив. Таа ми рече дека ќе се прави како никогаш да не го чула тоа и дека татко ми никогаш не смее да дознае за ова. Во моментите кога
ми беше најтешко и ми требаше најмногу поддршка од моите, не ја добив.“

Сепак, за многу лица од ЛГБТИК+ заедницата животот во плакарот мора да биде реалност поради нивната безбедност. Плакарот со приказни поставен од Еквалис дава порака и сигнал кон сите оние коишто до крај не се аутирани или свои, дека сепак постојат мали кругови на поддршка кои и во овој плакар може да ги направат да се почувстуваат сакано, поддржано и да продолжат да бидат она што се.

Овие приказни на меѓусебна поддршка звучат вака:

„Иако плакарот може да е загушлив, неподнослив и гневен во моменти, има и мигови во кои понекогаш се отвара и Ве обвива топла прегратка. Иако има луѓе во животот што Ви се вртат со грб, ве омаловажуваат, ве игнорираат, има и луѓе коишто ќе Ви ја отворат вратата без да мора да се објаснувате. Како млад тинејџер, моето секојдневие поминуваше криејќи се во соба, барајќи други лица кои се чувствуваат на ист начин како мене – додека од тенките ѕидови ги слушав моите родители како ги осудуваат емисиите што ги вклучуваат ,,обратните”. Но откако почнав со моите студии, најдов луѓе кои ме прифаќаат и ме гледаат како личност, без разлика кого сакав. Можеби нема повеќето луѓе во мојот живот да ме поддржуваат ако дознаат, но фактот дека ги имам тие неколку ми е повеќе од доволно. “

Живеењето слободно и автентично е гарантирано право на секој човек. ЛГБТИК+ луѓето се дел од вашите семејства, ваши пријатели, колеги на работа или соседи. Неможноста тие да бидат свои и да живеат скриено во плакарот значи дека никогаш
до крај не може да ги запознаете луѓето со кои го делите вашето секојдневние. За сите ЛГБТИК+ лица што се во плакарот, коишто не по своја желба се најдени таму, коишто сакаат или не сакаат да излезат од овој плакар, коишто не се ни свесни дека концептот на плакар постои, а тој сепак ги ограничува, им порачуваме дека подобри денови доаѓаат и дека постои заедница којашто ќе ве прифати, сака и поддржува.

Оваа уметничка инсталација ја поставува Здружение за едукативен развој Еквалис во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на САД- USAID North Macedonia, имплементиран од Коалиција
МАРГИНИ, а во партнерство со Здружение за едукативен развој – Еквалис, Хелсиншки комитет за човекови права и ХЕРА.