Приказната на Марија – лице со оштетен слух и вид и пречки во говорот

декември 28, 2016

Пишува: Александра Кујунџиска, сестра на Марија

Никогаш не знам да одговорам на прашањето: „Како научи знаковен јазик?“Некогаш си мислам дека тоа е причината зошто мавтам со рацете кога зборувам, но едноставно, гестикулацијата е само начин на комуникација во моето семејство. Но, јас не сум херојот во приказната. Јас сум само пет години помалата сестра на 33-годишната Марија, која е родена глувонема и со оштетен вид. Моите родители се оние кои се соочиле со неможноста да комуницираат со своето дете, но сепак успеале да го научат гестот, а потоа да ѝ го пренесат знаењето на Марија и се избориле таа да стане внимателна, трпелива и широкограда личност каква што е денеска. Татко ми дури и се заложи и напорно работеше за издавање на првиот (колку што знам и единствен) Речник за гестовен јазик во Македонија.

Образовниот процес на Марија започна во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, каде таа научи да комуницира со знаковен јазик, но никогаш не успеа да ја совлада техниката за читање од усни, која е карактеристична за многу лица со оштетен слух и им го олеснува секојдневното функционирање. Заврши основно образование во специјалната паралелка во „Кузман Јосифовски-Питу“, а средното образование, како и сите останати, го продолжи во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски”. Училиштето нуди две насоки на образование, машинска и текстилна. Марија ја заврши текстилната насока, но можам да кажам дека тоа е првиот поголем предизвик со кој се има соочено. Со оглед на оштетениот вид, шиењето никогаш не ѝ одеше од рака, а нема ни да навлегувам колку се неприлагодени образовните програми. Секоја чест на исклучоците, но невозможно е да се очекува од лица кои се ограничени од едноставен јазик на визуелни знаци да обработуваат апстрактни концепти од литературни дела, пред сè зашто имаат проблем со формулирање сложени реченици. Токму тоа е причината зошто јас пишувам за сестра ми, а не таа самата. И покрај неможноста да го продолжи образованието, секогаш се обидуваме да најдеме начин да се надгради. На пример, посетуваше курс, па може да користи компјутер, а јас лично ѝ помогнав да научи латиница, за полесно да се снаоѓа со тастатура. И мора да признаам, полесно ги совладува новите технологии од постарите генерации.

Вториот и секако најголем предизвик претставува вработувањето. Логичниот тек на настаните е да се образoваш и да се вработиш со цел да станеш независен, но во нејзиниот случај не е така. Имало неколку обиди за вработување во заштитни организации, но со оглед на нејзината плашлива природа, а веројатно и физичка неспремност, никогаш не успеала да одговори на потребите и очекувањата од работните места. Најголем број од глувонемите лица во државата работат во печатници. Секако, тука не ги набројувам многуте понуди за работа „по струка“ како шивачка, зашто тоа е просто невозможно. Покрај досегашните неуспеси, јас и моите родители сме секогаш отворени за предлози и идеи каде би можела да се вработи Марија, зашто поддршката од институциите е ограничена и сме сведени на предлози од познаници. На моменти се чувствувам немоќно на оваа тема, но затоа секогаш ги следам активностите и работилниците на невладини организации и центри за млади со надеж дека ќе може да се вклопи на некоја од нив и да стекне некакво неформално образование, некаква вештина или едноставно да биде во средина со други глувонеми лица.

И покрај гореспоменатите предизвици, Марија е една од најпозитивните личности што ја знам и не го велам ова зашто ми е сестра. Зрачи со топлина и на моменти и детска искреност што ретко се среќава во денешно време. Интересно е што има неверојатна меморија и помни секакви детали и верувам дека тоа е една од причините што е толку грижлива. Никој не останува рамнодушен на нејзиниот оптимизам и токму тоа беше причината да ја раскажам нејзината приказна. Неможноста да слуша и да зборува никогаш не ја спречиле да го живее животот со насмевка на лицето.


Овој текст е објавен во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите” поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.