Претседателот на РМ да не го потпише Указот за прогласување на Законот за прекинување на бременоста

јуни 11, 2013

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на текстот на Законот за прекинување на бременостa, како и на начинот на кој овој закон е подготвен, предложен и усвоен. Изминатиот период следеа низа реакциии од домашни и странски организации за ограничување на репродуктивните права на жената, кои ниту придонесоа за негово повлекување, ниту ја забавија брзината на носење на Законот. За жал, Собранието на Република Македонија во скратена постапка го усвои Предлог законот.

Усвоениот закон за прекинување на бременост воведува рестриктивни механизми кои во голема мера ќе влијаат врз слободното формирање на волја кај жената дали да ја прекине бременоста или не. Министерството за здравство преку одредбите за поднесување писмено барање за прекинување на бременоста, како и задолжителното советување на бремената жена од страна на лекарот, со пропишување на формата и содржината на барањето и содржината и начинот на советување, создава можност за манипулирање и ограничување на нејзиното право на избор за прекин на бременоста. Дополнително, постои можност притисокот врз жената да продолжи во рамки на предвиденото задолжителното време на чекање од три дена по извршеното советување, односно „време за размислување и преиспитување на донесената одлука за абортус.“ При донесувањето на Законот целосно се игнорирани најновите стандарди за унапредување на репродуктивните права на жената, а уште помалку локалниот контекст во кој Законот треба да се спроведува. Особено загрижува фактот што предложениот закон не е изолиран настан и обид за уназадување на женските права во Македонија, напротив, тоа е дел од еден континум од настани, кампањи и изјави на политичари кои имаат за цел дополнително зацврстување на позицијата на жената како репродуктивна машина. Женската слобода и животните избори се ограничени на носење и раѓање деца, некритичко прифаќање на стереотипите и општествените обичаи врзани за жената, како и опресивните обврски кои се врзани со нив.

Мрежата потенцира дека само ако жената може слободно да одлучува дали ќе има деца или не, може да постигне еднаквост со мажот. Абортусот единствено ја засега жената, па секое негово ограничување ја става жената во понеповолна положба од мажот, бидејќи мажот никогаш нема да може да биде во позиција да го прави тој избор.

Како мрежа на организиции кои реагираат на сите форми на дискриминација, загрижени сме и поради неможноста да се води дебата во врска со Законот кој е од исклучително значење за правата на жените. Обидите за делегитимирање на организациите, противници на Предлог законот, дефокусирање на прашањето од право на жената во прашање за правата на ЛГБТ лицата, е уште еден доказ дека Предлог законот и кампањата околу носењето на Законот се еден континуитет на дискриминаторски однос, и обесправување на жените во Македонија.

Покрај протестите и упатеното барање на повеќе од 92 здруженија на граѓани за повлекување на Предлог законот за прекинување на бременоста и донесување на нов закон базиран на научни сознанија и медицина базирана на докази, со вклученост на сите релевантни актери, Собранието на Република Македонија, сепак, го донесе Законот. Мрежата за заштита од дискриминација е засегната од последиците кои овој Закон ќе ги има врз животот и здравјето на жената. Поради ова, бараме од Претседателот на Република Македонија да го искористи своето уставно право и да не го потпише указот за прогласување на Законот за прекинување на бременостa и со тоа да демонстрира дека е претседател на сите граѓанки и граѓани во државата.


*Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна на следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС – Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); РОМА С.О.С. Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.