Пресудата за новинарот Томислав Кежаровски е сериозен преседан
октомври 21, 2013
Хелсиншкиот комитет од самиот почеток го следи случајот со новинарот Томислав Кежаровски и веќе во два наврата реагираше на изрекувањето и продолжувањето на мерката притвор констатирајќи дека Кривичниот совет донесувањето на решенијата го сторил во постапка и на начин кои се спротивни на Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права.
Притоа, и во текот на судската постапка беа забележани низа повреди односно напуштање на судницата од страна на еден од судиите, како и на некои од судиите – поротници но и од страна обвинетите, а притоа претседателот на Судскиот совет не го прекина главниот претрес со што беше сторена суштествена повреда на постапката. Повреда беше сторена и во делот на сослушувањето на дел сведоците, со оглед дека тие не беа поучени за нивните права и обврски согласно Законот за кривичната постапка.
Утринава, Судскиот совет на Основниот суд Скопје 1, Скопје донесе пресуда за случајот „Ликвидација“, со која новинарот Томислав Кежаровски се осудува на казна затвор од четири години и шест месеци. Ваквата пресуда според мислењето на Хелсиншкиот Комитет претставува сериозен преседан ако се има предвид дека во регионот не е забележан случај новинар да биде осуден со толку висока затворска казна поради вршење на новинарски активности.
Ова особено што во услови кога слободата на медиуми и слободата на изразување во Република Македонија се сериозно загрозени, ваквата пресуда претставува уште една порака за замолчување и цензура на сите они што имаат критички став и мислење.
Според мислењето на Хелсиншкиот Комитет еден од суштинските елементи за кој Основното јавно обвинителство треба навремено да реагира и да поведе нова постапка е проверка на наводите на заштитениот сведок во случајот „Ореше“, бидејќи според неговиот исказ, на него бил вршен притисок да даде веќе подготвена изјава од страна на претставници на полицијата. Доколку се потврди вистинитоста на наводите на заштитениот сведок, тогаш новинарот Кежаровски е оној што открил вршење на кривично дело, а не сторител и тогаш целиот случај „Ликвидација“ би добил поинаков епилог.