ПРЕС: Европски ден на жртвите од криминал од омраза
Хелсиншкиот комитет за човекови права има чест да Ве покани на прес-конференција која ќе се одржи на 22 јули 2015 г. (петок) од 11:00 часот во просториите на Комитетот (ул. Наум Наумовски Борче бр. 83, Скопје). Прес-конференцијата е посветена на 22 јули, предложен за „Европски ден на жртвите од криминал од омраза“ од страна на Советот на Европа.
Преку тековниот проект „Овозможување на ефективен одговор против криминалот од омраза и говорот на омраза“, поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје од 2013 г. до денес, Хелсиншкиот комитет евидентираше 284 инциденти сторени поради омраза. Сите инциденти можат да се видат на нашиот интерактивен веб портал за регистрирање на инцидентите – www.zlostorstvaodomraza.mk
За време на прес-конференцијата ќе биде презентиран Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2015 година (44 инциденти) и Месечникот за криминал од омраза. Дополнително, ќе биде даден преглед на инцидентите што продолжуваат и во 2016 година (39 инциденти), со особен осврт на делата од омраза сторени поради етничка припадност и политичкo уверување, како и одговорот на државата против криминалот од омраза преку Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите.
Еден ден пред пресот за медиуми, денес (21 јули), по трет пат ќе го организираме настанот „Турлитава – заедно е послатко“, со цел симболички да се одбележи Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза. Настанот ќе започне од 20:00 часот во Мобилната галерија кај Паркот на Франкофонијата.
Идејата со која се организира настанот е надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации, односно ситуации кои водат кон дела од омраза.
Начинот на кој што сакаме да укажеме на потребата од споделување и размена е преку изложување и дегустација на карактеристични специјалитети од различните етникуми, па така ќе имаме: имам бајалди, ромска сарма, турско трилече, елбасан тава, босански мантии, мусака со боранија, кифлици, ќуфтиња од црвена леќа (мерџумек), тавче гравче и пиџур.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ заедно со ЛГБТИ Центарот за поддршка, „ЦИВИЛ“, „Легис“, „Амбрела“ и „Национален совет за родова рамноправност“ (СОЖМ) ве очекуваат на овогодинешната „Турлитава“.