Препораки за надминување на дискриминацијата кон Ромите на граничните премини
октомври 26, 2015
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Народниот правобранител, во рамки на долгогодишната заедничката соработка во областа на анти-дискриминацијата, организираа конференција на тема „Ограничување на правото на слобода на движење на Ромите на граничните премини“.
Конференцијата се одржа на 14 октомври 2015 година во Хотел Холидеј Ин во Скопје и на истата учествуваа 60 претставници на министерствата за внатрешни работи, надворешни работи, правда, труд и социјална политика, Комисијата за заштита од дискриминација, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Академијата за судии и јавни обвинители и бројни организации од граѓанскиот сектор. Исто така, конференцијата ја проследија и претставници на амбасади и меѓународни организации.
На конференцијата имаа излагања претставници на Министерството за внатрешни работи, Народниот правобранител, Европската комисија против расизам и нетолеранција, ОБСЕ/ОДИХР, Хелсиншкиот комитет за човекови права, и КХАМ Делчево, кои се осврнаa на феноменот на расното профилирање и дискриминацијата на Ромите на граничните премини а истовремено, споредбено беа презентирани и состојбите во регионот и пошироко.
Учесниците посебно ја поздравија иницијативата за организирање на конференција на оваа тема и активно се вклучија во дискусијата од која произлегоа неколку препораки.