септември 21, 2023

Препораки на Европската комисија против расизам и нетолеранција за властите во Р.С. Македонија

На 20 септември, Европската комисија против расизам и нетолеранција, ЕКРН (ЕCRI) го објави Извештајот за Северна Македонија од шестиот циклус на мониторинг. Работата на Комисијата се одвива во петгодишни циклуси. Актуелните извештаи од шестиот круг започнаа кон крајот на 2018 година.

Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРН), основана од Советот на Европа, е независно тело за набљудување на човековите права кое e специјализирано за прашања поврзани со борбата против расизмот, дискриминацијата (по основ на „раса“, етничко/национално потекло, боја, државјанство, религија, јазик, сексуална ориентација и родов идентитет), ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата.

Препораките од овој извештај во голем дел се поклопуваат со наодите и сознанијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права во областите во коишто работи.

Извештаите од шестиот круг се фокусираат на три теми кои се заеднички за сите држави членки: (1) ефективна еднаквост и пристап до права, (2) говор на омраза и насилство поттикнато од омраза и (3) интеграција и инклузија, како и бројни прашања поврзани со секоја од овие теми.

Европската комисија против расизам и нетолеранција на властите во Република Северна Македонија им препорачува:

Да се обезбеди брзо назначување на седмиот член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и да овозможат пополнување на сите планирани кадровски позиции и обезбедување буџет доволен за КСЗД да ги спроведе сите свои функции.

ЕКРН препорачува да се стави приоритет на финансиската автономија која властите треба да им ја дадат на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Канцеларијата на Народниот правобранител за да ги користат своите буџети без да бараат одобрение од Министерството за финансии.

Во поглавјето .ЛГБТИ еднаквост“, се препорачува на властите да нарачаат независна сеопфатна студија за сите форми на дискриминација на ЛГБТИ лицата, во соработка со ЛГБТИ заедниците, која вклучува темелен преглед на постојното законодавство, особено, судската пракса на Европскиот суд за човекови права по ова прашање; да обезбедат правна рамка која им дава на истополовите парови можност да им се признае и заштити врската со цел да се решат практичните проблеми поврзани со општествената реалност во која живеат; да формираат постојана работна група како платформа за дијалог меѓу релевантните владини министерства и ЛГБТИ заедниците; и да развијат и да обезбедат усвојување на специфичен национален акциски план за ЛГБТИ еднаквост, во тесна консултација со релевантните граѓански организации. Доколку е потребно, треба да се побара поддршка од Советот на Европа.

ЕКРН препорачува властите јасно да ги регулираат условите и процедурите за правно признавање на полот, во целосна согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Во поглавјето „Говор на омраза“ се потенцира дека повеќето случаи на говор на омраза во Северна Македонија се однесуваат на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците. Другите етнички групи, како што се Ромите или Бугарите, исто така се жртви на говор на омраза. ЛГБТИ лицата е група која често е цел на говор на омраза, особено на интернет и на социјалните медиуми. Соговорниците на ЕКРН се согласија дека најголемиот дел од македонскоалбанскиот говор на омраза се јавува во секојдневната интеракција меѓу припадниците на двете етнички групи: на пример, меѓу учениците во јавниот превоз. Се чини дека властите не обрнуваат внимание на повеќето вакви инциденти. Сепак, позитивно е да се забележи дека и покрај континуираните меѓуетнички тензии меѓу овие две заедници, кои и двете во голема мера се карактеризираат со верска припадност, ситуацијата не резултира со никакви значителни нивоа на верска омраза и нетолеранција или антихристијански/антимуслимански говор на омраза.

Анти-ЛГБТИ говорот на омраза е особено распространет пред, за време и по ЛГБТИ парадите на гордоста. Во 2020 година, Хелсиншкиот комитет на Република Северна Македонија забележа 216 случаи на говор на омраза против ЛГБТИ лицата (42% од сите инциденти со говор на омраза што ги забележа таа година). Бројот на случаи се зголеми особено откако ЛГБТИ активисти се појавија на Националното радио и ТВ да зборуваат за парадата на гордоста во Скопје. Додека во последните години (2019 и 2022 година; оние во 2020 и 2021 година беа откажани поради пандемијата „Ковид-19“) парадите на гордоста поминаа без пречки, говорот на омраза во голема мера се префрли од традиционалните медиуми на социјалните медиуми. ЛГБТИ групите го изразија своето задоволство од фактот што претседателот на земјата и други политичари присуствуваа на настаните. Сепак, имаше критики дека таквата јавна поддршка често е само еднократна акција, додека во исто време длабоко вкоренетата хомофобична и трансфобична огорченост опстојува кај голем дел од населението. Во овој контекст, чинителите на граѓанското општество со кои се состана ЕКРН, исто така, се осврнаа на она што тие го гледаат како широк спектар на политичари кои привремено ги користат таквите незадоволства за време на изборните кампањи со цел да добијат гласови.

Во поглавјето „Насилство поттикнато од омраза“, ЕКРН препорачува надлежните власти сериозно да го сфатат насилството мотивирано од омраза меѓу етничките Македонци и етничките Албанци и соодветно да реагираат, вклучително и со спроведување ефективни истраги за такви инциденти и подведување на сторителите на одговорност.

Да се создадат доволен број работни места за обучени полициски службеници за врски кои ќе дејствуваат како фокусни точки за заедниците во ранлива ситуација и ќе го олеснат пријавувањето на криминал од омраза. Понатаму, властите треба да обезбедат соодветни општи насоки за сите полициски службеници за тоа како да се справат со групите од интерес на ЕКРН.

Властите да продолжат да го интензивираат градењето капацитет во однос на истрагите за криминал од омраза за полицијата и обвинителството, како и да им ја понудат на членовите на судството, во тесна соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, ОБСЕ и нејзината Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Советот на Европа.

ЕКРН препорачува власта да преземе чекори за постепено укинување на каква било де факто сегрегација на децата кои припаѓаат на главните етнички/јазични групи во земјата (Македонци и Албанци) во повеќејазичните училишта. Конкретно, властите треба да се погрижат сите деца да учат во исти згради и да не одат во смени за да има поголема можност за интеракција.

Во поглавјето „Роми“, ЕКРН ја повторува својата препорака, властите, како дел од новата стратегија за Ромите, да ја решат тешката ситуација за домување на Ромите, меѓу другото со обезбедување доволно соодветни социјални станови за членовите на ромската заедница кои се во особено загрозена состојба.

ЕКРН им препорачува на властите да се осврнат на непропорционално високата стапка на доенечка смртност кај Ромите и да посветат посебно внимание за исполнување на стратешката цел поврзана со здравјето бр. 1 од Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 година; да обезбедат членовите на ромската заедница да имаат еднаков пристап до здравствена заштита; да ги потсетат, преку соодветни канали, сите лекари дека дискриминацијата на пациентите поради нивната етничка припадност е кршење на медицинската етика и дека секое такво прекршување би довело до соодветни санкции, вклучително и одземање на лиценцата на лекарот како соодветно; и да ги зголемат позитивните искуства од работата на ромските здравствени медијатори,  да го зголемат нивниот број.

Властите да понудат стручни обуки со низок праг и активности за градење вештини за кои е потребно малку или никакво формално образование, земајќи го предвид образовното достигнување на многу Роми, за да можат да ги вклучат во такви програми со цел да си ја подобрат шансата за вработување. Ваквите активности треба да се фокусираат и на специфичните потреби на жените Ромки.

ЕКРН им препорачува на властите да ги интензивираат своите напори за спречување и борба против антициганизмот во полициското работење. Притоа, властите треба да преземат решителни активности за да ги охрабрат Ромите жртви и сведоци на полициска злоупотреба да излезат јавно, да им дадат соодветна поддршка и да обезбедат поголема полициска одговорност, особено преку развивање ефективни механизми за внатрешен и надворешен полициски надзор, зголемување на обуката на полицијата за прашања поврзани со ромското население, промовирање на регрутирањето Роми во полициските служби и обезбедување еднакви можности за развој на кариерата на полицајците Роми.

Ова се дел од вкупно 88 препораки за Република Северна Македонија на Европската комисија против против расизам и нетолеранција.

 

 

 

Документи