Предложените амандмани би ја нарушиле интеграцијата и автономното постапување на СЈО
Коментари на Блупринт групата за предлог ЗЈО:
По вчерашната консултативна средба на работната група за Законот за јавно обвинителство, Блупринт групата го потврдува својот категоричен став дека СЈО како институција мора да продолжи да функционира и да го задржи степенот на автономија при постапувањето, а притоа да биде соодветно интегрирано во рамките на Јавното обвинителство на РСМ.
На таа линија се и нашите коментари на предложените амандмани на Законот за јавно обвинителство, кои ги доставивме до Министерството за правда, а за кои сметаме дека треба да биде информирана и пошироката јавност.
Во однос на организациската поставеност на СЈО битно е да се има предвид севкупното вложување во капацитетите на СЈО, како и ефикасноста на ова обвинителство во поглед на истражување на кривични дела поврзани со високо-профилирана корупција сторена од високи државни службеници, наспроти малиот обем на работа со вакви предмети од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) во чии рамки со предлог измените на ЗЈО е предвидено да се асимилира СЈО (повеќе од 50% од кривичните дела опфатени со истрагите на СЈО се однесуват на член 353 од КЗ, додека помалку од 5% од предметите на ОЈО ГОКК се однесуват токму на овој член). Токму од овие причини, Блупринт групата во повеќе наврати ја истакна потребата дека СЈО како институција треба да се интегрира, а не да се асимилира во јавно-обвинителскиот систем.
Имајќи го во предвид фактот дека предлогот на Владата и амандманите на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ предвидуваат дијаметрално спротивни ставови – трансформирање и фузионирање на СЈО со ОЈОГОКК, односно формирање на посебно одделение во рамки на ОЈОГОКК, сметаме дека ниту едно од понудените решенија нема да ја оствари својата цел- постоење на институција во рамки на јавно-обвинителскиот систем која самостојно и во ограничен степен независно ќе гони висок криминал и корупција со индиции од аудио материјалите (бомбите), а понатаму оваа надлежност ќе ја прошири и на предмети со висок криминал и корупција сторена од државни функционери.
Сметаме дека е исклучително битно надлежностите на обвинителствата да бидат регулирани што е можно попрецизно со цел да се избегне судирот на надлежноста во постапувањето, а особено во преземањето на тековните предмети на СЈО. Вака поставените дефиниции на надлежностите на обвинителствата ќе овозможи да се утврдат законски критериуми по кои соодветно би биле распоредувани и тековните предмети согласно законски утврдената надлежност на обвинителствата.
Како една од клучните точки во овој закон од кои не би требало да има отстапки, Блупринт групата ја лоцира- примената на доказниот материјал. Оваа материја мора да се остави на Законот за кривична постапка, како и на начелото на слободна оцена на доказите од страна на судиите, во која насока говори и праксата на Европскиот суд за човекови права. Фактот дека законските решенија одат во насока на ограничување на можноста “бомбите” како приложен аудио материјал да бидат користени како доказ, дополнително го наметнува сомнежот и оправданоста за суштината на постоењето на СЈО.
Во однос на условите и постапката за избор како на Јавен обвинител на РСМ така и на останатите јавни обвинители ја повторуваме потребата од високи и строги критериуми за избор и унапредување во повисоко јавно обвинителство. Во таа насока прифатливо е решението во предлогот на Владата на РСМ за јавни обвинители во Јавното обвинителство на РСМ да се избираат исклучиво лица од обвинителскиот кадар со што ќе се „затвори“ можноста за избор на лица без обвинителско искуство да бидат дел од ова обвинителство.
Во прилог се деталните коментари на предложените амандмани:
КОМЕНТАРИ НА АМАНДМАНИТЕ И ЗАВРШНИТЕ ОДРЕДБИ НА ЗАКОНОТ ЗА ЈО
1. Организациската поставеност на СЈО
Амандманите на ВМРО ДПМНЕ содржат одредби во кои се предвидува постоење на посебно одделение при ОЈОГОКК, кое би било надлежно да постапува за кривични дела каде сторител е избрано или именувано лице носител на јавна функција во моментот на извршување на делото, а кривичното дело е поврзано со функцијата која ја извршува или ја извршувал. Иако ваквото решение нуди поголема автономија во постапувањето на новото одделение од предлогот на Владата, сепак ова решение носи потенцијална опасност да биде третирано како одделение кое се креира согласно одредбите од чл. 15 од ЗЈО (“Во ЈО со поголем обем на истородни предмети, заради подобра ефикасност и специјализација во работењето на Јавното обвинителство, на едно потесно подрачје од неговата надлежност може да се формираат одделенија како внатрешни организациони единици. Со работата на одделението раководи ЈО определен со годишниот распоред за работа во јавното обвинителство врз основа на потесна специјализација и стручност на јавниот обвинител кој се поставува за раководител на одделението.”), како и да дојде до преклопување на мандатите на ОЈОГОКК и новото одделение (чии мандати во одредена мера бездруго се преклопуваат), а единствено решение за ваквиот судир на надлежност е предвидено во ЗКП, а попрецизно определено во Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кој ќе престане да важи на 15.09.2020 година.
Врз основа на претходно наведеното, сметаме дека со формирање на јавно обвинителство кое би било во хиерархиска субординација на Јавното обвинителство на РМ, а би било на еднаков степен со ОЈОГОКК, би се постигнала долгоочекуваната цел- целосно функционално и независно обвинителство чија тесна специјалност би биле висок криминал и корупција. Поради тоа, потребно би било да се утврдат сите ситуации во кои би постоело преклопување на надлежностите на веќе постоечкото одделение за гонење на организиран криминал со ново предложеното обвинителство кое треба да го замени СЈО, а сè со цел да се избегнат проблемите во практичното постапување. Поради тоа неопходно е да се направи јасно и прецизно разграничување на надлежностите на овие две специјализирани обвинителства (ОЈОГОКК и одделението што би требало да биде новото СЈО).
Токму поради ова е особено битно надлежностите на обвинителствата да бидат регулирани што е можно попрецизно со цел да се избегне судирот на надлежноста во постапувањето, а особено во преземањето на тековните предмети на СЈО. Вака поставените дефиниции на надлежностите на обвинителствата ќе овозможи да се утврдат законски критериуми по кои соодветно би биле распоредувани и тековните предмети согласно законски утврдената надлежност на обвинителствата.
Во контекст на предложеното решение од страна на најголемата опозициска партија, Јавниот обвинител да одлучува за тоа кое обвинителство ќе ги преземе тековните предмети сметаме дека истото излегува надвор од законитоста на постапувањето на Јавниот обвинител, бидејќи на овој начин, без да постојат законски критериуми согласно кои ќе биде извршена распределбата на тековните предмети, на ЈО би му се доверила моќ да ја определува надлежноста на обвинителствата, која единствено може да биде регулирана со закон. Од друга страна, ваквото законско решение претпоставува дека при распределбата на предметите кои сега ги води СЈО, ќе има судир на надлежност помеѓу останатите обвинителства, но дури и во оваа ситуација, надлежен да одлучува за решавање на судирот е непосредно повисокиот јавен обвинител, а не исклучиво Јавниот обвинител на РСМ. Токму поради тоа, во овој поглед потребно е да се разгледа и усогласеноста на овие решенија со начините за решавање на судирот на надлежност помеѓу јавните обвинители што веќе е предвидено во член 40 од ЗКП. Овој член од ЗКП предвидува за судирот на надлежност да одлучува непосредно повисокиот обвинител, што е во колизија со предложеното законско решение на Владата во кое се предвидува за судирот на надлежност помеѓу две или повеќе обвинителства да одлучува Јавниот обвинител на РСМ, но и во колизија со предлогот на опозициската партија за ваквиот судир на надлежност да одлучува директно ЈО на РСМ.
2.Надлежности и доказен материјал
Ова е една од клучните точки во овој закон од кои не би требало да има отстапки, Оваа материја мора да се остави на Законот за кривична постапка, како и на начелото на слободна оцена на доказите од страна на судиите, во која насока говори и праксата на Европскиот суд за човекови права. Имено, во контекст на предложените решенија, легитимно се поставува и прашањето за тоа дали може со закон да се ограничи користењето на одреден вид докази за кои домашната пракса и праксата на Европскиот суд за човекови права имаат утврдено дека целта заради која биле прибавени ваквите докази ја оправдува нивната употреба ( националните судови во предметите „Шпион“, „Бебиситерка“ и пресуди на ЕСЧП). Но и прашањето за тоа дали законодавецот може да му наложи на судот во веќе започнатите постапки да не ги цени одредени веќе прифатени докази (н.з. „бомбите“) и дали тоа не претставува директно мешање во независноста на судството и ограничување на принципот на слободна судиска оценка на доказите. Фактот дека законските решенија одат во насока на ограничување на можноста “бомбите” како приложен аудио материјал да бидат користени како доказ, дополнително го наметнува сомнежот и оправданоста за суштината на постоењето на СЈО.
Во амандманот на ВМРО ДПМНЕ е предвидено дека Јавниот обвинител на РМ е должен да постапи согласно мислењето од Врховниот суд на РМ за постапките кои се започнати по 30 јуни 2017 година, од СЈО, а со целокупниот доказен материјал должен е да постапи согласно со член 12 ст.2 од Законот за Кривична постапка . ЗКП од друга страна предвидува дека само судијата-судот може да утврди дали ќе се применат или не (или евентуално издвојат) одредени докази во една постапка. Во оваа насока и за оваа проблематика, постоечкото законски решение предвидува дека врз основа на начелото на слободна оцена на доказите, судот да биде единствениот кој може да одлучи за незаконитоста на еден доказ, а тоа бездруго остава можност подоцна, за истото прашање да биде покрената постапка пред ЕСЧП. Меѓутоа, она што е најпроблематично со ова решение е тоа што се остава простор за легитимно амнестирање на осомничените во започнатите постапки. Продолжување на постапките на СЈО во кои се гледаат индиции и основи за сомневања за сторен сериозен криминал е неопходно, но и црвена линија преку која не би смеело да се премине. На ова се надоврзува и судбината и постапувањето по тековните предмети кои се во фаза на судски постапки.
3. Избор и назначување на обвинители (чл.106)
(ст.2) Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, во своите амандмани предлага изборот на јавниот обвинител во ЈОГОКК да биде извршен од страна на Советот на ЈО, но на предлог на најголемата парламентарна опозициона партија. Ова е секако политичко решение кое како и во минатото, со назначувањето на Шеф на СЈО, ќе се покаже како многу погрешен чекор. Во отсуство на силна и убедлива аргументација, овој предлог треба веднаш да се отфрли и да се овозможи изборот да си тече согласно хиерархиската поставеност и концепција на јавно-обвителскиот систем.
(ст.4) Во овој дел од амандманот се предвидува дека обвинителите кои работеле во СЈО, по завршување на нивниот мандат ќе се вратат назад во обвинителствата од каде се и преземени. Од една страна, ова решение е прифатено и во важечкиот закон за СЈО, што можеби дава во некоја мера оправданост на решението, но, мора да се земе во предвид едукацијата и зголемените капацитети на човечките ресурси, во случајов обвинители да постапуваат во ваков вид на предмети. Овие обвинители имаат дополнителна стручна доедукација за унапредување на нивните знаења за водење на финансиски истраги, така што сметаме дека би биле неопходен кадар кој само би можел да допринесе кон подобрената ефикасноста на ОЈОГОКК.
Во однос на условите и постапката за избор како на Јавен обвинител на РСМ така и на останатите јавни обвинители ја повторуваме потребата од високи и строги критериуми за избор и унапредување во повисоко јавно обвинителство. Во таа насока прифатливо е решението во предлогот на Владата на РСМ за јавни обвинители во Јавното обвинителство на РСМ да се избираат исклучиво лица од обвинителскиот кадар со што ќе се „затвори“ можноста за избор на лица без обвинителско искуство да бидат дел од ова обвинителство. Постапките за избор на јавните обвинители во сите степени потребно е да бидат целосно јавни и транспаренти со јасно образложени и поткрепени одлуки кои ќе гарантираат дека само лица со докажана стручност и личен интегритет ќе бидат избрани или унапредени во системот на јавното обвинителство.