Предизвиците на граѓанското општество во пресрет на Универзалниот периодичен преглед на Советот за човекови права на ОН
Канцеларијата на Обединентите нации во РСМ, на 14 јуни, ја организираше конференцијата на тема „Улогата на граѓанското општество и неговиот придонес во работата на Советот за човекови права на ОН и Универзалниот периодичен преглед – предизвици и можности“, со цел да поттикне дијалог за граѓанското општество и опкружувањето во кое тоа делува и начинот како да се подобри неговиот придонес во меѓународниот систем за човекови права, особено во работата на Советот за човекови права на ОН и неговиот Универзален периодичен преглед.
Универзалниот периодичен преглед (УПП) е меѓународен механизам за соработка основан од Советот за човекови права на ОН во 2006 година. Преку овој процес, кој го води државата, се разгледува состојбата со човековите права на сите 193 земји-членки на ОН на секои 4 и пол години. Тоа дава можност сите држави членки на ОН да се вклучат во јавен и интерактивен дијалог со Советот за човекови права на ОН и да презентираат какви активности презеле за подобрување на состојбите со човековите права во нивните земји и заложбите и чекорите што ќе ги преземат за надминување на предизвиците.
По воведното обраќање на Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија, која го нагласи значењето на граѓанскот сектор како столб на демократијата и гласноговорник на маргинализираните и безгласните и за процесот на подготвка на Универзалниот периодичен преглед.
За состојбите во граѓанскиот сектор и правата на граѓаните за кои се застапуваат говореа Елена Кочовска од Полио Плус, Петар Барлаковски, извршен директор на Младинскиот образовен форум и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, која нагласи дека е многу важно да се охрабри граѓанскиот сектор да биде поактивен кога станува збор на Универзалниот периодичен извештај. „За жал, малку од организациите досега се вклучуваа во овој процес, меѓутоа тоа не е вина на самите организации, туку се должи на многу фактори, станува збор и за капацитети на самите граѓански организации, но и она што го нарекуваме простор за дејствување на граѓанскиот сектор.
Гледаме ретерирање кога станува збор за деликатните прашања како што е Законот за родова еднаквост, кој што одамна требаше да се донесе, или работата на Советот за соработка и развој меѓу граѓанскиот сектор и Владата на РСМ. Кога функционираше Советот – се подигна нивното на финансирање на граѓанскиот сектор, а предложената реформа во финансирањето на граѓанските оганизации влезе во програмата на Владата. Советот работеше со хоризонтална поставеност што беше препорака од Брисел, заради негова поголема заштита и независност. Од друга страна, се соочуваме и со апатија во граѓанскиот сектор поради недостиг на фондови, бидејќи со пандемијата уште повеќе се скратија речиси сите фондови што ги добивавме од донаторите“, нагласи Пировска.
Предлог на Советот за соработка и развој е претставниците на граѓанскиот сектор да учествуваат во преговарачкиот процес за ЕУ, затоа што една од забелешките на Брисел е дека државите во регионот несоодветно ја комуницираат ЕУ со граѓаните, односно не се објаснува кои се придобивките на граѓаните од членството. Но, до денес сето ова остана само мртва буква на хартија.
На конференцијата говореа Тања Темелкоска, советничка за човекови права и Сепиде Мохаџер, координаторка во Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН во Женева, која им даде конкретни препораки и ги охрабри граѓанските организации да бидат активни во изработката на Универзалниот периодичен преглед.